Македонија
Лабудовиќ: Со Билјана Ивановска имаме иста визија за Центар, верувам во поодршка од нејзините гласачи
Кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, е убеден дека мнозинството од граѓаните на Центар ќе му ја дадат довербата на 2 ноември да ја води општината во следниот четиригодишен мандат.
„Центарци сакаат промена, центарци не сакаат сликата што ја гледаат сега да им се повторува и во следните години. Затоа верувам дека мнозинството од 68 отсто гласачи кои во првиот круг беа за промени, а не за задржување на постојното статус-кво, ќе излезат повторно и ќе ми дадат поддршка“, убеден е Лабудовиќ.
Основа за ваквата убеденост, тој гледа во фактот што неговата програма и визија за општина Центар се совпаѓа речиси целосно со визијата и залагањата на независната кандидатка Билјана Ивановска, која не успеа да се пласира во вториот круг, но освои сериозна гласачка поддршка од жителите на Центар.
„Со Билјана Ивановска практично имаме ист концепт и визија за Центар. Тоа го тврдам со целосна одговорност. Како показател ќе наведам дека на неколку предизборни дебати за најголемиот дел од прашањата и проблемите се надополнувавме со нашите ставови. Уште повеќе, по влегувањето во Општината, ќе бидат заедно советниците од сите партии и независни листи. Сите имаме заеднички делови од нашите програми, од што можеме да направиме еден сублимат, а тоа ќе бидат практично првите проекти што ќе се реализираат од новата општинска управа. Бидејќи, само сложна општина, надвор од партиските интереси и делби може да дојде до визијата која ја имам за Центар. А, таа не онаа што денес ја гледаме и тоа што ни се случува“, потенцираше Лабудовиќ во во емисијата “Топ Тема“ на ТВ Телма, која наместо дебатна се претвори во интервју, затоа што актуелниот градоначалник Горан Герасимовски повторно го одбегна дуелот со Лабудовиќ.
Паралелно, Лабудовиќ со поддршка од коалициските партнери од ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува интензивните средби со жителите од повеќе населби во Центар. На кои тој ги запознава непосредно со неговата програма и приоритетните проекти што планира да ги направи по неговиот избор за градоначалник на централната скопска општина.
Лабудовиќ во вториот изборен круг ќе се соочи со актуелниот градоначалник на Центар од СДСМ, Горан Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

