Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Орце Ѓорѓиевски ќе го постави Скопје на нови, здрави темели, за чист и модерен главен град
„Скопјани на 2 ноември ќе го направат вистинскиот избор, ќе изберат човек кој работи за граѓаните, човек со визија и резултати, Орце Ѓорѓиевски. Со неговото водство и стабилното мнозинство во Советот на Град Скопје, ќе се постават новите темели на промени што му се потребни на главниот град“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поддршката што ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски ја добија од над 91.000 граѓани уште во првиот круг е голема чест, но и голема обврска. Таа доверба е доказ дека граѓаните го препознаваат трудот, резултатите и конкретните проекти реализирани на локално ниво во Кисела Вода, како и поддршката што Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 16 месеци ја обезбеди за развој на општините ширум државата.
Мнозинството во Советот на Град Скопје ќе овозможи стабилност, поголема координација и побрза реализација на ветените проекти, изградба на нови мостови, почист воздух, повеќе зелени површини и ефикасен јавен превоз.
Истовремено, резултатите од првиот круг покажаа дека СДС, со освоени околу 26.000 гласови, доживеа сериозен пад и дека граѓаните изгубија довербата во нивното раководство. Наместо да понудат решенија или аргументирана критика, тие продолжуваат по старата, погрешна насока.
Разликата е јасна, ВМРО-ДПМНЕ е партија која работи чесно, одговорно и транспарентно, со реални и остварливи ветувања за подобро Скопје.
На 2 ноември, изборот е едноставен, глас за Орце Ѓорѓиевски, глас за бројот 9, за вистинскиот избор, за твојот човек, за твоето место, за твојата иднина!“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На Клиниката за неврологија отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста и превенција од мозочен удар
По повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври, Универзитетската клиниката за неврологија, утре организира отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста за превенција, препознавање на симптомите рана дијагностика и навремено лекување на мозочниот удар, под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
Во рамките на настанот, на 28 октомври 2025 година (вторник), ќе се врши бесплатен доплер на каротидни артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат, во периодот од 10:00 до 12:00 часот, во просториите на Клиниката за неврологија.
Со овој настан, Клиниката велат од таму, испраќа порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
Македонија
Уапсени двајца полицaјци осомничени за разбојништвото на златарницата во Гостивар, се трага и по други лица
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, соопшти полицијата.
Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато.
Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање. Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
„МВР во координација со ОЈО Гостивар презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.

