Свет
Владата на Литванија: Ја затвораме границата со Белорусија
На состанокот в среда литванската влада ќе разгледа предлог за затворање на литванско-белоруската граница на неодредено време, со исклучоци за дипломатите и граѓаните на ЕУ што патуваат од Белорусија, објави литванската премиерка Инга Ругињене додавајќи дека земјата не ја исклучува можноста за свикување консултации за активирање на Членот 4 од НАТО.
„Владата ќе одржи состанок о среда, а ние веќе подготвивме одлука за затворање на границата со Белорусија на неодредено време, со одредени исклучоци. Ова значи дека дипломатите и дипломатските пакети ќе може да патуваат, како и нашите граѓани и граѓаните на ЕУ од Белорусија, но целиот друг сообраќај ќе биде затворен“, рече Ругињене на прес-конференцијата што ја емитува порталот „Делфи“.
Таа изјави дека Литванија ќе ги координира санкциите со Европската Унија и, доколку е потребно, ќе побара активирање на тимот за хибриден одговор на НАТО.
„Министерството за надворешни работи на Литванија доби јасни задачи, пред сè, да координира со Европската Унија пакет дополнителни санкции против Белорусија. И тоа ќе биде направено за кратко време“, изјави Ругињене и додаде дека активно се консултираат и комуницираат со своите сојузници и соседи Полска и Латвија. Иако дипломатска пошта ќе може да се испраќа преку границата, на дипломатите ќе им биде дозволено да ја преминат границата, а на граѓаните на Литванија и на земјите од Европската Унија ќе им биде дозволено да влезат од белоруска страна, сите други движења ќе бидат затворени, истакна Ругињене.
„Вака испраќаме сигнал до Белорусија и велиме дека тука нема да се толерира никаков хибриден напад и дека ќе ги преземеме сите најстроги мерки за да ги спречиме ваквите напади“, истакна таа и додаде дека армијата ќе ги собори балоните.
Владата, рече таа, ќе се обиде да го измени и Кривичниот законик: ќе се предложи да се заострат казните за шверц, а покрај казните, сега се дискутира дека би можеле да се вклучат и затворски казни, рече таа, пренесува „Танјуг“.
Повеќе од 170 лета беа прекинати кога литванскиот воздушен простор беше затворен четирипати во изминатата недела поради шверцувани балони од Белорусија, изјави Видас Кшанас, директор на Одделот за безбедност, сигурност и отпорност на литванските аеродроми (LTOU).
Тој вели дека тоа влијаело на движењето на повеќе од 27.000 луѓе. „Имавме особено голем број прекини оваа недела – ако соберам колку летови беа прекинати, тоа се повеќе од 170. Тоа е огромен број патници, 27 илјади патници доживеаја непријатности оваа недела“, изјави Кшанас за радио ЛРТ.
Членот 4 им овозможува на земјите да повикаат на преговори со НАТО „секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните се загрозени“.
Постапката е активирана само деветпати во историјата на НАТО, но релативно неодамна ја иницираа Полска и Естонија по два инцидента со руски повреди на воздушниот простор во септември, објавува „Ројтерс“.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан оди кај Трамп поради руската нафта
Унгарскиот премиер Виктор Орбан следната недела ќе отпатува во Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и да разговара за санкциите против руската нафтена индустрија, изјавил шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Сијарто рече дека Унгарија оваа недела ќе ја анализира „правната и физичката последица“ од санкциите што САД ги воведоа против руските компании минатата недела, додавајќи дека Орбан ќе може лично да разговара со Трамп ако биде потребно.
Средбата треба да се одржи во втората половина на следната недела, но точниот датум не е познат.
Трамп претходно изјави дека Европа мора целосно да се откаже од руската нафта и гас и воведе санкции против „Росњефт“ и „Лукоил“, додека Орбан најави дека Унгарија ќе бара начини да ги заобиколи американските ограничувања.
Свет
Трамп до Путин: Наместо да тестираш ракети, заврши ја војната во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп остро реагираше на веста дека Русија успешно ја тестирала новата крстосувачка ракета на нуклеарен погон „Буревестник“, пренесе „Еуроњуз“.
„Тој (Путин) треба да ја заврши војната. Војната што требаше да трае една недела сега влегува во својата четврта година. Тоа треба да го направи, наместо да тестира ракети,“ изјави Трамп од претседателскиот авион „Ер форс уан“.
Руското Министерство за одбрана претходно објави дека тестирањето било успешно и дека ракетата, според шефот на Генералштабот Валериј Герасимов, прелетала 14.000 километри за 15 часа.
Трамп го нарече тестот „непримерен“ и предупреди дека Москва е свесна за американската нуклеарна подморница која е многу блиску до нивниот брег.
Според анализата на експертот Џон Харди од Фондацијата за одбрана на демократиите, ракетата „Буревестник“ со нуклеарен погон би можела да има „практично неограничен дострел“, но ја оцени како „непотребен трошок“ што ја оптоварува руската војска.
„Ројтерс“ потсетува дека клучниот договор за ограничување на нуклеарното вооружување — „Нов СТАРТ“ — истекува на 4 февруари 2026 година, што дополнително ги зголемува тензиите меѓу Москва и Вашингтон.
Регион
Двајца Хрвати и еден Србин со „бмв“ бегаа од полицијата во Германија и загинаа во несреќа
По тешката сообраќајна несреќа со три смртни случаи во близина на Брауншвајг, идентификувана е третата жртва.
Полицијата претпоставува дека станува збор за возачот на автомобилот кој во саботата, бегајќи од полицијата, паднал од мостот во каналот Мителанд. Сите тројца мртви од автомобилот сега се идентификувани, пишува РТЛ.де, пренесе Индекс.
Сè започна во сабота напладне кога возачот на БМВ со регистарски таблички од Минхен на автопатот А2 го игнорираше полицискиот знак за стоп и избега со голема брзина. Полициските патроли набрзо го изгубија возилото од вид, но десет минути подоцна добија неколку итни повици за сериозна несреќа.
Според првата реконструкција на настанот, истражителите веруваат дека бегалецот возел пребрзо по тесниот федерален пат Б4, престигнувајќи неколку автомобили од десната страна. Потоа возилото удрило во заштитна ограда, отскокнало во спротивна насока и се судрило челно со автомобил што доаѓал од спротивната страна. Поради силата на ударот, БМВ-то во бегство ја пробило оградата на мостот и паднало во Средногерманскиот канал.
Полицијата денес го потврди идентитетот на третата жртва.
„Се работи за 34-годишен државјанин на Србија“, изјави портпаролот на полицијата. Се верува дека тој го управувал возилото. Неговите сопатници, чиј идентитет беше утврден претходно, биле 25-годишен и 31-годишен од Хрватска.
Во второто возило биле 47-годишна жена и 53-годишен маж од Хамбург. Жената е тешко повредена, но нејзиниот живот е надвор од опасност, додека мажот е префрлен со хеликоптер во болница и неговата состојба е сè уште критична.
Автомобилот што ја предизвика несреќата беше извлечен од каналот во текот на викендот и запленет за судско вештачење. Понатамошниот тек на истрагата ќе зависи од наодите на вештакот, а случајот веројатно ќе биде предаден на канцеларијата на државниот обвинител, кој ќе одлучи за обдукција. Точниот тек на несреќата, како и причината зошто возачот бегал од полицијата, засега не се познати.

