Свет
Полицијата во САД откри сериски убиец по 20 години
По речиси 20 години, полицијата во американската држава Висконсин верува дека, конечно, ја решила мистеријата за исчезнувањето и убиството на 21-годишната самохрана мајка Деидре Харм. Властите го именуваа Кристофер Ревак, поранешен болничар, кој изврши самоубиство во 2009 година и кој е поврзан со најмалку два други случаја на исчезнати жени, објави Unilad.
Деидре Харм исчезна на 10 јуни 2006 година откога излегла од бар во Висконсин Рапидс. Пет месеци подоцна, ловци ги пронајдоа нејзините останки во блиската пошумена област. Оваа недела канцеларијата на шерифот на округот Вуд објави дека истрагата за нејзината смрт е официјално затворена.
Окружниот обвинител Џонатан Е. Барнет во писмо до шерифот Шон Бекер рече дека би поднел обвинение против Кристофер Е. Ревак доколку тој беше сè уште жив. „Го сметам овој случај за завршен. Верувам дека ќе имав доволно докази за да поднесам обвинение и доколку Ревак беше сè уште жив, да добијам судење“, додаде тој.
Ревак, кој си го одзеде животот во затвор во Мисури во 2009 година, беше обвинет за убиство на друга жена, 36-годишната мајка на три деца Рене Вилијамс. Таа исчезна во 2007 година кога ја заврши смената во бар во кој Ревак наводно бил виден таа ноќ, но нејзиното тело никогаш не било пронајдено.
Шерифот на Мисури Крис Дегасе, кој го истражуваше случајот „Вилијамс“, го потврди сомневањето за „Фокс њуз диџитал“. „Кога почнав да работам на случајот на Кристофер Ревак, тој беше мој осомничен за убиството на Рене Вилијамс и не мислев дека му е првпат“, рече тој.
Името на Ревак се појави и во истрагата за исчезнувањето на водителката на вести Џоди Хајзентруит во Мејсон Сити, Ајова, во 1995 година. Таа исчезна на пат кон работа оставајќи зад себе само чевли со високи потпетици и свиткан клуч од автомобилот. Иако беше законски прогласена за мртва во 2001 година, нејзиното тело никогаш не беше пронајдено, а полицијата тогаш немаше докази што го поврзуваат Ревак со случајот.
Информациите што го поврзуваат Ревак со убиството на Деидре Харм фрлаат нова, вознемирувачка светлина врз сите случаи. „Изгледа како да се работи за сериски убиец“, рече шерифот Дегасе. „Во текот на денот како болничар тој им помагаше на луѓето и ги спасуваше, но Крис Ревак имаше и темна страна“, додаде тој.
За семејството на Џоди Хајзентруит, потрагата по вистината не е завршена. „Вистинскиот мир ќе дојде само кога Џоди ќе биде пронајдена и правдата ќе биде задоволена“, рекоа тие. Награда од 50.000 долари сè уште се нуди за информации што би можеле да доведат до решение за нејзиното исчезнување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп нема да се кандидира за потпретседател на изборите за 3 години
Доналд Трамп нема да се кандидира за потпретседател на изборите за 3 години. Во последните недели, неговите поддржувачи шпекулираа дека неговиот сегашен потпретседателски кандидат, Џ.Д. Венс, би можел да биде номиниран за претседател во 2028 година, а потоа да се повлече во корист на второпласираниот кандидат на гласачкото ливче, Трамп.
На авионот „Ер Форс Уан“, американскиот шеф на државата изјави дека таков потег е дозволен, но дека тој нема да го преземе: „Не мислам дека на луѓето ќе им се допадне“
Според 22-от амандман на Уставот на САД, претседателот може да служи максимум два мандати. Сепак, капи со натпис „Трамп 2028“ беа видени на неодамнешни настани во Белата куќа.
Регион
Рама: Министерката создадена со вештачка интелигенција „ќе роди“ 83 дигитални помошници за парламентот
Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека нивната министерка создадена со помош на вештачка интелигенција, Диела, ќе „роди“ 83 дигитални помошници кои ќе работат како виртуелни асистенти на пратениците од Социјалистичката партија.
Според Рама, тие асистенти ќе ја подобрат ефикасноста и транспарентноста на парламентот, водејќи евиденција за седниците, подготвувајќи анализи и предлагајќи политики засновани на податоци.
Диела, која беше именувана во мај 2025 година, е првата виртуелна министерка во светот создадена со помош на вештачка интелигенција. Нејзината задача е да ја следи законитоста и транспарентноста на државните тендери и да спречи корупција, со користење алгоритми што одлучуваат без човечко влијание.
Рама ја опиша иницијативата како чекор кон „целосно транспарентна и безкорупциска“ администрација, а метафората за „трудна министерка“ симболично го претставува ширењето на вештачката интелигенција во повеќе сектори на управувањето во Тирана.
Свет
Орбан оди кај Трамп поради руската нафта
Унгарскиот премиер Виктор Орбан следната недела ќе отпатува во Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и да разговара за санкциите против руската нафтена индустрија, изјавил шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Сијарто рече дека Унгарија оваа недела ќе ја анализира „правната и физичката последица“ од санкциите што САД ги воведоа против руските компании минатата недела, додавајќи дека Орбан ќе може лично да разговара со Трамп ако биде потребно.
Средбата треба да се одржи во втората половина на следната недела, но точниот датум не е познат.
Трамп претходно изјави дека Европа мора целосно да се откаже од руската нафта и гас и воведе санкции против „Росњефт“ и „Лукоил“, додека Орбан најави дека Унгарија ќе бара начини да ги заобиколи американските ограничувања.

