Македонија
„Шанса за Центар“ со критика за Герасимовски: Одлучен е во изборната кампања до последна трошка да ги исцеди општинските ресурси
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ го критикува актуелниот градоначалник на општина Центар и кандидат за втор мандат од СДСМ, Горан Герасимовски, по повикот до центарци денес да присуствуваат на првиот буџетски форум за 2026 година.
„Овој градоначалник е одлучен во изборната кампања до последна трошка да ги исцеди и општинските ресурси и самата Општина како јавна институција во своја лична корист.
Откога изнареди прескапи игралишта, ископа дупки од илјадници евра како да се за ископ на дијаманти, изнареди клупи и канти наместо да ги поправи претходните, сега на неколку дена до гласањето си организира и нешто што само тој си го нарекува општински буџетски форум. А тоа во суштина е светлосни години далеку од она што треба да биде буџетски форум.
За ‘форумите во заедницата’, и со тоа и за ‘буџетските форуми’, има јасни правила како се одржуваат утврдени од ЗЕЛС, а за што повеќепати му е укажано, но не сака да го прифати. Процесот со форумите треба да почне месеци претходно, да има стручни независни модератори, одвоен општински буџет, работни групи…
Но, ете, падна толку ниско, што сака и нив да ги злоупотреби за кампања. Буџетски форум најавен од вчера за денес. Форум ли е, митинг ли е во просториите на училиште?“, стои во објавата на „Шанса за Центар“ на „Фејсбук“.
Герасимовски, вечерва, со почеток во 19.30 часот, во основното училиште „Киро Глигоров“ ги повика центарци да присуствуваат на првиот буџетски форум за 2026 година и заедно да го креираат буџетот, да дадат предлози и иницијативи, што ќе придонесат за подобар и поквалитетен живот во општината.
„Шанса за Центар“ во првиот круг ја поддржа независната кандидатка за градоначалничка на општината, Билјана Ивановска, предложена од група избирачи. Таа освои 4.465 гласа и не влезе во вториот круг, во кој центарци ќе избираат меѓу Горан Герасимовски од СДСМ, кој во првиот круг освои 8.535 гласа, и Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кој имаше 5.707 гласа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.

