Свет
Лавров: Европа се подготвува за војна
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја оцени состојбата на безбедносната архитектура во Евроазија на Меѓународната конференција за евроазиска безбедност во Минск, зборувајќи за „агресивните планови на Западот“, проширувањето на НАТО, перспективата за решение на конфликтот во Украина и односите со Вашингтон.
Лавров предупреди дека Русија нема да дозволи Евроазија да стане „феуд на НАТО“, обвинувајќи ги западните земји дека „се подготвуваат за нова голема војна“, објави РИА Новости.
Тој оцени дека Алијансата „ги проширува своите активности кон Арктикот и Тихиот Океан“ со цел да ја ограничи Кина и да ја изолира Русија.
„Многу пати сме рекле дека никогаш немавме, ниту имаме намера да нападнеме која било моментална членка на НАТО или ЕУ. Подготвени сме да ја вклучиме оваа позиција во идните безбедносни гаранции за овој дел од Евроазија, но лидерите на ЕУ избегнуваат да ги разгледуваат овие идни гаранции на вистински колективна основа“, рече Лавров, наведувајќи ги договорите меѓу Франција и Велика Британија за координација на нуклеарните сили и договорот меѓу Лондон и Берлин за воена соработка како доказ за милитаризацијата на Европа.
Зборувајќи за новата безбедносна архитектура на Евроазија, Лавров повика на создавање „панконтинентална структура отворена за сите земји од регионот“, заснована на принципите на суверена еднаквост и неделивост на безбедноста.
„За разлика од Западот, Русија и нашите партнери – Кина, Индија, Иран, земјите од ЗНД – се убедени дека стабилноста и просперитетот бараат еднакви права за сите земји, а не доминација на привилегираните“, рече Лавров.
Осврнувајќи се на конфликтот во Украина, рускиот министер ги обвини европските членки на НАТО за продолжување на војната со „пумпање оружје и пари за режимот во Киев“.
„Европските лидери прават сè за да го убедат Вашингтон да се откаже од решавањето на конфликтот на преговарачка маса“, рече Лавров.
Тој додаде дека Москва ги полага своите надежи на договорите постигнати меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп на самитот во Алјаска, велејќи дека Русија очекува САД да останат посветени на тие принципи.
Зборувајќи за билатералните односи со Вашингтон, Лавров рече дека Русија предложила враќање на директниот воздушен сообраќај, но дека „американската страна не му дава приоритет“.
Тој исто така истакна дека Москва очекува одговор од САД на нејзиниот предлог за нов договор за намалување на стратешкото оружје, како и на тестирањето на руските крстосувачки ракети „Буревестник“.
„Не слушнав никаков одговор преку дипломатски канали. Сите молчеа“, заклучи Лавров, пренесува Танјуг.
Фотот: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Имав продуктивен разговор со Путин, рече Трамп пред состанокот со Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека имал добар и многу продуктивен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Соопштението доаѓа пред средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, која е закажана да се одржи подоцна денес во резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго во Флорида.
Портпаролот на рускиот лидер, Дмитриј Песков, ја потврди оваа информација за државните новински агенции, но без да даде дополнителни детали.
Фото: Depositphotos
Свет
Трамп: ОН не направи ништо за да помогне со катастрофата во Украина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес на својата социјална мрежа „Тру соушал“ објави дека им честита на лидерите на Тајланд и Камбоџа за постигнатото примирје, кога двете земји се согласија во саботата да ги прекинат неколкудневните гранични конфликти.
Во соопштението, Трамп остро ги критикуваше Обединетите нации, наведувајќи дека организацијата „многу малку помогнала“ во решавањето на глобалните конфликти, додека особено ја истакна „катастрофата што моментално се случува меѓу Русија и Украина“.
„Обединетите нации мора да почнат да стануваат активни и вклучени во светскиот мир!“, рече Трамп.
Се очекува Трамп подоцна денес во својот дом во Мар-а-Лаго да разговара за рамката за мировен договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Свет
Фајненшл тајмс: Зеленски предлага демилитаризирана зона во Донбас
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да нареди повлекување на украинската војска од делови на Донбас, но само доколку истото го стори и Русија, со цел да се воспостави демилитаризирана зона, што е дел од американскиот нацрт-мировен план. Оваа информација Зеленски ја споделил со западните лидери за време на видеоконференција одржана пред неговото патување во Соединетите Американски Држави, пишува „Фајненшл тајмс“.
Според два извора запознаени со разговорите, Зеленски не очекува Москва да се откаже од своите барања и има намера да го поттикне американскиот претседател Доналд Трамп да го засили притисокот врз Русија. Меѓу неговите приоритети се обезбедување стабилно финансирање за вооружените сили и дополнителна поддршка за противвоздушната одбрана, а наводно се залага и за присуство на европски сили на украинска територија.
Зеленски повторил дека какви било територијални отстапки се можни исклучиво со одлука на народот на референдум, кој би морал да се одржи во безбедни услови и по воспоставување прекин на огнот. Тој се осврнал и на прашањето за нуклеарната електрана Запорожје, предлагајќи таа да биде ставена под меѓународна управа и со електрична енергија рамноправно да ги снабдува двете страни во конфликтот.
Фото: Depositphotos

