Македонија
Евроинтеграцијата е дијалог, а не диктат: Сиљановска-Давкова се обрати на Парискиот мировен форум
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на осмиот Париски мировен форум, се обрати на сесијата посветена на младите и европската перспектива на Балканот.
Таа укажа на суштинската важност на регионалната соработка и повика на разбирање и дијалог потенцирајќи дека евроинтеграцијата не може да биде диктат, туку е дијалог.
„Регионалната соработка за мене е неверојатно важна. Не може да избегаме од регионот, тој ни е судбина, ова важи не само за нас кои се уште чекаме да станеме кандидати или да ги завршат некои држави преговорите со ЕУ, но и за оние коишто веќе се во ЕУ, а припаѓаат на нашиот регион“, изјави таа по завршувањето на сесијата, со којашто модерираше Мишел Дикло од „Институтот Монтејн“.
На сесијата таа говореше и за безбедносната состојба во Европа поради која не смееме да бидеме оставени во геополитички вакуум и го реафирмираше ставот дека проширувањето на Унијата е безбедносно, а не само прашање на проширување.
„Она што е чудно е што во 2019 година беа сменети правилата на играта среде игра, што е невообичаено ни за спортски натпревари, ниту пак во политички преговори, бидејќи беше воведена нова методологија“, вели Сиљановска-Давкова во изјавата.
Според неа од интерес за регионалната стабилност, регионалната демократија, но и за Европската Унија е, да гледа на регионот како на систем на врзани садови и да направи храбар чекор како оној во 2004 година, односно да покаже иновативност во креирањето на конечни решенија за т.н. Западен Балкан, како неразделен дел од Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ако авионот бил користен согласно прописите, Владата да објави кој патувал заедно со Мицкоски, бара СДСМ
Владата на Мицкоски, во обид да го оправда неговото луксузирање со владиниот авион на Јадранско море соопшти јавно дека наводно „авионот бил користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење“, и дека „секое користење е евидентирано, документирано“, истакнуваат од СДСМ.
„Ако навистина авионот бил користен согласно процедурите, бараме Владата да го докаже тоа.
Бараме Владата да го објави списокот на патници, кој бил заедно со Мицкоски во владинот авион“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.

