Македонија
Мицкоски: Имаме историска шанса Кичево да биде симбол на соживот, а не на поделби
 
																								
												
												
											Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг од пред платото на Филхармонија, се осврна и на Кичево, и кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, Кичево се наоѓа пред историска можност да избере градоначалник кој ќе ја промовира инклузивноста и соживотот меѓу сите. Мицкоски рече дека овој избор не е прашање на етничка припадност, туку на вредности и посветеност на сите жители на Кичево со цел градот да стане симбол на единство, прогрес и историска победа за сите.
,,Дваесет години таму немало градоначалник што ја носи нашата програма, нашите вредности, немало човек кој гледа за сите, туку гледал само самиот за себе си. Дваесет години градот беше под управување, кое често ги делеше луѓето по вера, народност или партија“, вели Мицкоски.
Мицкоски повика на единство меѓу сите заедници во Кичево, апелирајќи до Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите и Бошњаците.
,,Вечерва испраќам од овде од Скопје порака до сите кичевчани и Македонци, и Албанци, и Турци, и Власи, и Роми, Срби, Бошњаци. Излезете во недела и гласајте за човекот што ќе биде градоначалник на сите! Да се обединиме околу идејата дека Кичево може да биде симбол на соживот, а не на поделби. Да ја направиме историјата вистина, првпат по две децении, Кичево да има градоначалник кој не прашува „чиј си“, туку „што можеме да направиме заедно“, додаде Мицкоски.
Тој истакна дека оваа победа ќе биде заедничка за сите граѓани на Кичево и дека Владата ќе го поддржува Кичево во напорите да го подобри животот на сите жители, и додаде дека оваа промена не е прашање на етничка припадност, туку на човечка посветеност.
,,Тоа ќе е заедничка историска победа на сите граѓани на Кичево, а ние како Влада ќе го помагаме Кичево максимално, во свои напори да го подобри животот на сите негови граѓани. И тука нема етничка приказна, туку сосема човечка димензија. Ова не е повик за етничко гласање туку за гласање за човек, за човек Македонец со сопруга Албанка, кои се пример за вредности и сила, човек кој ќе работи за сите, за своите кичевчани, ќе биде градоначалник буквално за сите и за Македонците, и за Албанците, ќе ги помага и ќе биде коректен, и за Турците, Ромите, Власите, Бошњаците. Со сите кои таму живеат без разлика на партија, етникум и верска определба. Тој е човек и ќе работи за Кичево“, посочи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
Делови од Кисела Вода, Ѓорче Петров и Карпош денеска без струја
 
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот корисниците од бул. Борис Трајковски бр.1 (Пеглата) влез 2 (општина Кисела Вода)
– во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од Новоселски Пат, како и објектите на Стокомак, КАМ Маркет, бензинската пумпа ОКТА и објектите во нивна близина. (општина Ѓорче Петров)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Леринска, лоцирани во околината на бр. 3. (општина Карпош)
Македонија
Без вода дел од Чаир
 
														Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на приклучна цевка од ф – 150 мм на раскрсница меѓу улиците Челопек и бр. 157 без вода ќе останат корисниците од улиците Челопек и бр. 157, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Претежно облачно со краткотрајни сончеви периоди
 
														Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно со краткотрајни сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 4, а максималната ќе достигне од 17 до 20 степени.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
За време на викендот времето ќе биде стабилно и суво, а во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник кон крајот на денот, најпрвин во западните делови, а во вторник и среда насекаде ќе има врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни.


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											