Македонија
Mицкоски: Скопје добива градоначалник кој ќе работи неуморно, вреден борец, човечен, личност со која ќе се гордееме сите
Скопје добива градоначалник кој ќе работи неуморно, вреден борец, посветен, човечен, личност која ќе направи да се гордееме сите, но и кој е свесен дека резултатите и испорачаните проекти се обврска, исто како и довербата, и дека погледите во него по изборите се вперени со двоен диоптер и многу цилиндри и ќе му се прати секој чекор и ќе се очекуваат брзи дејствија и резултати од него. Драги скопјани, токму овој човек, вашиот човек за главниот град, Орце Ѓорѓиевски, е доказ дека можат да се направат промени кога некој работи со срце, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Скопје во рамки на изборната кампања под слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ за вториот круг од локалните избори во недела на 2 ноември.
Мицкоски посочи дека Ѓорѓиевски е човек што не ветува без да е сигурен дека може да исполни, и кој испорачува за граѓаните.
„И кога гледам што Орце направил за Кисела Вода, знам дека истиот дух, истата енергија и иста совесност ќе ја донесе во Скопје. И Скопје ќе влезе во една нова фаза на предвидливост и извршување на обврските. Орце е сериозен, приземен, прилично методичен карактер. Тој ќе го направи Скопје повторно да живее слободно и да дише слободно. Град каде што јавниот превоз нема да е изговор и да се прекршува врз суети и изговори, туку систем каде што пешачките премини значат безбедност, а не се руски рулет, каде што отпадот е ресурс, а не срам и загаденост“, рече Мицкоски.
Додаде дека Скопје бара управување, не експеримент и за Орце, Скопје е мрежа на животи и сега му треба вашиот јасен мандат за Скопје да стане град на ред, чистота, култура, лесно движење, рамно развиени општини и чесна локална економија.
Мицкоски исто така ги повика граѓаните да гласаат и за Сотир Лукровски во Карпош, за Дејан Митевски во Аеродром, за Ерџан Демири во Шуто Оризари, како и за Зоран Бајовски кој е во натпревар за прв човек за блиската општина до Скопје, Чучер Сандево.
„Ова е вистински избор. Затоа што е избор за секој ден, не само за изборен ден. Ова е избор за твој човек, човек што работи и кога нема камери. Ова е твоето место, град во кој не си гостин. Ова е за твојата иднина, да останат и децата, и соништата“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

