Свет
Сибиха: Русија употреби ракета што го натера Трамп да го напушти нуклеарниот договор
Во последните месеци, Русија ја нападна Украина со крстосувачка ракета 9M729, чиј таен развој го натера американскиот претседател Доналд Трамп да се откаже од договорот за контрола на нуклеарното оружје меѓу САД и Русија за време на неговиот прв мандат во Белата куќа, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Во писмена изјава за Ројтерс, Сибиха изјави дека употребата на ракети 9M729, забранети со Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF) против Украина во последните месеци го покажува непочитувањето на рускиот претседател Владимир Путин кон Соединетите Американски Држави и дипломатските напори на Трамп за прекин на војната во Украина, пренесуваат светските агенции.
Сибиха рече дека Киев ги поддржува мировните предлози на Трамп и дека Русија треба да се соочи со максимален притисок за да се согласи на мир.
Украина го повика Вашингтон да ѝ обезбеди ракети со долг дострел „Томахавк“, кои не се забранети со Договорот за INF, а Русија наведува дека ова би била опасна ескалација, потсетува Ројтерс.
Неименуван висок украински функционер изјави за Ројтерс дека Русија ја лансирала ракетата кон Украина 23 пати од август оваа година. Тој рече дека лансирањата започнале на 21 август, помалку од една недела по самитот Трамп-Путин во Алјаска. Изворот навел дека Украина забележала дека Русија двапати ја лансирала ракетата 9M729 во 2022 година.
Ракетата 9M729 ги натера САД да го напуштат Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF) во 2019 година. Вашингтон потоа објави дека развојот на таа ракета го прекршил договорот и дека може да лета далеку над границата од 500 километри, иако Русија го негираше тоа.
Ракетата, која може да носи нуклеарна или конвенционална боева глава, има дострел од 2.500 километри, според веб-страницата „Ракетна закана“ на Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
Воен извор рече дека ракетата 9M729, лансирана од Русија на 5 октомври, прелетала повеќе од 1.200 километри пред да погоди цел во Украина.
Во четвртокот, Трамп ѝ нареди на американската војска да продолжи со тестирањето на нуклеарно оружје, наведувајќи ги како причина „програмите за тестирање на други земји“.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Јужна Кореја бара помош од Кина за обновување на дијалогот со Северна Кореја
Јужна Кореја изрази подготвеност да ги нормализира односите со Северна Кореја и побара помош од Кина за обновување на преговорите.
На средбата по самитот на APEC во градот Ѓеонгју, кинескиот претседател Шји Џинпинг му порача на јужнокорејскиот колега Ли Џае-мјунг дека Пекинг е подготвен да ја прошири соработката и заедно да се справува со регионалните предизвици.
Ли, кој е на функцијата од јуни, изјави дека сака да ги зајакне врските со САД без да ја антагонизира Кина и дека верува оти постојат поволни услови за комуникација со Пјонгјанг. Тој повика и на постепен пристап кон денуклеаризацијата на Северна Кореја, започнувајќи со отворање дијалог и замрзнување на развојот на нуклеарното оружје.
Пјонгјанг, пак, го одби предлогот за денуклеаризација, нарекувајќи го „неостварлива илузија“.
Свет
(Видео) Украина уништи стратешки руски нафтовод
Украинската Главна разузнавачка управа (ГУР) извршила специјална операција во срцето на Русија и го уништила стратешкиот нафтопровод „Кољцевој“ во близина на Москва, јави украинскиот „Јунајтед 24 Медиа“. Станува збор за мрежа долга околу 400 километри, која го снабдувала руското воено воздушно и копнено снабдување со бензин, дизел и авионско гориво.
Според соопштението на ГУР, сите три линии на нафтопроводот биле уништени синоќа во истовремени експлозии во Раменскиот округ на московската област, со што целиот систем станал неоперативен.
„Сите три линии што се користеа за транспорт на бензин, дизел и млазно гориво беа успешно и истовремено уништени“, наведува украинската разузнавачка служба, додавајќи дека операцијата е спроведена и покрај руската противдронска одбрана и вооружено обезбедување.
Нафтопроводот „Кољцевој“ бил клучна логистичка врска меѓу неколку руски рафинерии и воени складишта. Неговата годишна пропусна моќ изнесувала до 3 милиони тони авионско гориво, 2,8 милиони тони дизел и 1,6 милиони тони бензин.
Руските итни и безбедносни служби брзо пристигнале на местото, но штетата на инфраструктурата, според украинските извори, била толкава што системот не може да се користи.
Шефот на ГУР, Кирило Буданов, претходно изјави дека украинските прецизни удари врз руската логистичка инфраструктура ѝ нанесуваат на Москва поголеми загуби од меѓународните санкции.
Ова не е прва операција од ваков тип – украинските служби претходно уништија и еден од тајните руски стратешки ракетни системи „Орeшник“ на полигонот Капустин Јар.
Свет
Родители го продале бебето за 7.000 евра, и со парите си купиле автомобил, романската полиција ги бара
Романската полиција бара две млади лица, на возраст од 18 и 21 година, кои се осомничени дека го продале своето дете, старо само три недели, за 7.000 евра во текот на летото. Се сомнева дека парите ги искористиле за да купат автомобил.
Судот во Горж, исто така, нареди апсење на 47-годишен маж кој, според обвинителството, го купил бебето и лажно се претставил како негов татко.
Според медиумите, детето е продадено на семејство од Горж.
Обвинителството за борба против организиран криминал и тероризам, територијална канцеларија во Горж, објави дека е покренато барање за притвор против 47-годишен маж под сомнение за трговија со малолетници, давање лажни изјави и учество во фалсификување службени документи.
„Осомничениот платил 7.000 евра за детето на младиот пар и лажно изјавил дека му е татко“, се вели во соопштението.
Двајцата млади родители, кои моментално се во бегство, се обвинети дека го продале своето дете, а потоа ги искористиле парите за да купат автомобил.
Според истрагата, 47-годишниот маж ги убедил родителите да му го предадат тринеделното бебе во август 2025 година, по што лажно изјавил во матичната служба дека е татко на детето. Таа изјава е внесена и во изводот од матичната книга на родените.
После тоа, осомничениот, со помош на нотар во округот Клуж се обидел да добие пасош за бебето и да овозможи негово изнесување од земјата. Врз основа на фалсификувани документи, службата за издавање пасоши во Горж му издала пасош на име на детето.
За време на претресот на куќата на 47-годишниот маж, полицијата пронашла бебе и веднаш го презела надлежната служба на полицијата во Горж.
Обвинителството објави дека мажот е уапсен, додека потрагата по неговите родители е во тек.

