Спорт
(Видео) Вест Хем конечно победи – „Чеканите“ по пресврт славеа над Њукасл
Вест Хем ја забележа првата победа во ерата на Нуно Еспирито Санто. Вест Хем во 10-то коло, го победи Њукасл со 3:1. Ова е прва победа на „чеканите“ против Њукасл по пауза од речиси шест години.
Натпреварот започна лошо за Вест Хем, Џејкоб Марфи по само четири минути игра го совлада Ареола.
„Чеканите“ лошо запопнаа, но добро го финишираа првиот дел. Лукас Пакета изедначи во 35-та, а во првата минута од судиското продолжение, авто-гол си постигна Ботман.
Конечниот резултат, буквално во последните секунди од натпреварот го постави поранешниот капитен на Вест Хем, Томас Соучек. ВАР проверуваше дали Чехот направил прекршок врз голманот Ник Поуп во таа прилика, но на крајот судијата Роберт Џонс го призна голот.
„Чеканите“ можеа да ја обезбедат победата и порано, но голот на 22-годишниот Фреди Потс, син на легендата на клубот и тренер Стив Потс, беше поништен поради милиметарски офсајд.
Капитанот Џерод Бовен и гореспоменатиот Пакет имаа одлични можности претходно, но немаше ниту среќа, бидејќи топката ја погоди рамката на голот наместо да заврши во мрежата.
По оваа победа, тимот на Вест Хем го очекува уште еден исклучително важен дуел во борбата за опстанок. Шампионот од минатата сезона во Чемпионшип, тимот на Барнли, ќе пристигне во Лондон следниот викенд.
Њукасл се соочува со Атлетик Билбао во петтото коло од Лигата на шампионите во среда, пред повторно да се врати во Лондон следната недела на 9 ноември, кога ќе му гостува на Брентфорд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
И Мастантуоно има проблем со пубалгијата, го чека подолга пауза
Фудбалерот на Реал Мадрид, Франко Мастантуоно, ќе биде надвор од терените на неопределено време поради повреда на препоните или спортска хернија, пишуваат шпанските медиуми.
Според овие извори, 18-годишниот Мастантуно не тренирал заедно со тимот на Реал во понеделникот.
„На нашиот играч Мастантуоно му е дијагностицирана пубалгија по медицинските тестови. Неговото закрепнување ќе биде внимателно следено“, објави клубот.
Во соопштението не се наведува колку долго аргентинскиот фудбалер ќе биде надвор од терените. Мастантуоно одигра 12 натпревари за Реал оваа сезона во сите натпреварувања.
Аргентинецот дојде во „кралскиот клуб“ од Ривер Плата на почетокот на оваа сезона. Досега постигна еден гол за најтрофејниот клуб во светот. Тој се смета за еден од најголемите таленти во светскиот фудбал.
Инаку, сличен проблем со пубалгија има и младата ѕвезда на барселона, Ламин Јамал.
Пубалгијата е комплексна и многу непријатна повреда за спортистите. Таа влијае на пубичната област и долниот дел од грбот и често се опишува како една од најлошите што може да ги доживее еден фудбалер.
Како се третира пубалгијата?
Нема брзо решение: Експертите предупредуваат дека пубалгијата не се решава сама по себе за еден месец. Често е состојба која бара долгорочна адаптација, а не „класично“ закрепнување.
Одморот и намалувањето на оптоварувањето, специфичниот тренинг за зајакнување на стабилизаторите на трупот, редовна физикална терапија и постепено враќање на полн интензитет помагаат.
Можни последици: Доколку не се третира правилно, пубалгијата може да стане хронична и да предизвика дегенеративни промени во ткивото, што дополнително ја комплицира кариерата на фудбалерот.
Спорт
Тренерот на Раднички Крагуевац почина во текот на натпреварот во Лучани
На тренерот на Раднички од Крагуевац, Младен Жижовиќ, му се слоши во текот на натпреварот против Младост во Лучани, а малку подоцна беше објавено дека починал во болница.
Жижовиќ се струполи крај теренот, додека го водеше својот тим, во средишницата на првото полувреме. Судијата веднаш го прекина натпреварот, играчите во паника повикаа помош, лекарите реагираа, беше ставен на носилка и однесен во болница, додека гледачите аплаудираа во знак на поддршка на 44-годишниот стручњак.
Сепак, по околу 15 минути пристигна информација дека Жижовиќ починал во болница.
Натпреварот помеѓу Младост и Раднички од Крагуевац беше веднаш прекинат – во 41-та минута, преи резултат 0:2.
За потсетување Жижовиќ го замени Александар Луковиќ на клупата на тимот од Крагуевац пред десет дена.
Спорт
Арнолд: Секогаш ќе го сакам Ливерпул
Англискиот фудбалер Трент Александар-Арнолд зборуваше за своето враќање на „Енфилд“ пред натпреварот од четвртото коло од Лигата на шампионите помеѓу Ливерпул и Реал.
Десниот бек го замени својот роден град со Мадрид ова лето. Навивачите на Ливерпул не му го простија предавството.
Најмногу поради начинот на кој го направи тоа, претходно не го обнови договорот, поради што си замина без обештетување. Реал на крајот плати околу 10 милиони евра со што го обезбеди Арнолд за настап на клупскиот Мундијал.
„Моите чувства кон Ливерпул нема да се променат. Таму создадов спомени што ќе траат цел живот. Без разлика како ме гледаат, тоа нема да се промени“, рече Арнолд во пресрет на натпреварот.
Кога стана јасно дека нема да остане во Ливерпул, во финишот на минатата сеозна беше исвиркан на „Енфилд“.
„Зависи од навивачите. Секогаш ќе го сакам клубот, секогаш ќе навивам за нив. Засекогаш сум благодарен за можноста што ми е дадена и сè што направивме заедно ќе биде со мене засекогаш“, додаде Арнолд.
Неговиот настап во вторник во 21 часот е сè уште неизвесен, по повредата на неговото деби за Реал во Лигата на шампионите против Марсеј.
Оттогаш (16 септември) тој не е на теренот, и покрај големата желба да игра против својот поранешен клуб, реалноста е дека најверојатно ќе биде на клупата.

