Македонија
(Фото) Гаши се сретна со досегашните претседатели на Собранието: Организирањето вакви средби за размена на искуства и мислења ќе бидат од големо значење
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, организира средба на која беа поканети досегашните претседатели на Собранието.
Средбата се одржа на 21 октомври 2025 година и на неа присуствуваа Тито Петковски, Саво Климовски, Никола Поповски и Трајко Вељаноски.

На почетокот на средбата претседателот Гаши се заблагодари за присуството, искажа голема почит кон Собранието, според него една од најзначајните институции во државата, кон функцијата претседател на Собранието, кон присутните и кон другите претседатели на Собранието за нивната работа, посветеноста на функцијата претседател на Собранието и умешноста во справувањето со предизвиците.

Благодарност за средбата беше изразена и од Петковски, Климовски, Поповски и од Вељаноски, кои исто така Собранието го сметаат за клучна институција, каде што треба да се одвиваат сите политички процеси и дека само така Собранието ќе го добие вистинското место како претставнички орган на граѓаните и орган на законодавната власт.

Претседателот Гаши посочи неколку активности што во изминатиот период се случија и се во тек во Собранието, а се од големо значење како за Собранието така и за државата. Стана збор за Законот за прогласувањето на просторот околу Собранието на Република Северна Македонија за безбедносна зона; за Националната развојна стратегија 2024-2044, донесена во согласност со Законот за Националната развојна стратегија од февруари 2024 година од претходната власт, а поради своето стратешко значење беше основа во овој мандатен период за формирање интерпартиска парламентарна група за следење на нејзиното спроведување; примената на новиот Деловник, кој ја зајакнува надзорната функција на Собранието преку дополнителна можност за поставување пратенички прашања само за пратениците од опозиција и преку интерпелацијата која се разгледува како прва точка од дневниот ред; за Стратегијата за дигитална трансформација на Собранието и за нејзиното значење за работата на Собранието и неговата транспарентност.

На средбата стана збор за трите стратешки цели што во стратешките планови на Собранието изминативе неколку години беа присутни: финансиска независност на Собранието, независност на службата и независност на обезбедувањето. Претседателот Гаши потсети дека првите две стратешки цели во Законот за Собранието на Република Македонија успешно се реализирани со неговите измени во 2020 и 2021 година и дека за реализирање остана третата стратешка цел – безбедно Собрание преку независно собраниско обезбедување.

Според него, ова претставува најкомплексна стратешка цел затоа што вклучува повеќе аспекти: надлежности и делокруг на Министерство за внатрешни работи, законска рамка, подзаконски акти, статусот на службите и други важни прашања. Независноста на Собранието во однос на финансиите и во однос на службата досегашните претседатели ја оценија како мошне значајна придобивка на законодавната власт, ги подржаа напорите на Собранието за реализирање на третата стратешка цел – независно собраниско обезбедување, укажувајќи на значењето на ваквата независност на Собранието, но и на сложноста на самиот процес.

Позитивни мислења беа изнесени и за напорите за унапредувањето на транспарентноста на Собранието и за неговата отвореност, а беше укажано дека не секогаш има достапност до стенографските белешки од седниците на Собранието, што најверојатно се должи на новата веб-стрaница на Собранието и новиот систем на е-парламент и мигрирањето на податоците.

Организирањето вакви средби за размена на искуства и мислења, за разговарање за одделни прашања, средби со советодавен карактер, според претседателот Гаши – ќе бидат од големо значење за секој носител на оваа функција поради што предложи нивно почесто организирање и ги замоли присутните да размислат за основање неформално тело, како совет или слично, тело каде што ќе може да се разменуваат искуства и мислења без политичко влијание, се наведува во соопштението од Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ прашува кој дозволил да се одгледува марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони
„Кој во власта дозволил да се одгледува марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони, нелегално? Поминаа 15 дена и сè уште нема одговор за најголемиот нарко-скандал во регионот – како 5 тони дрога поминале преку македонската граница и кој ќе одговара“, велат од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека, како што наведуваат, „сите молчат“ и ги прозиваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и функционерите Александар Николовски, Јохан Тарчуловски и Бојан Томовски.
Според СДСМ, соочени со, како што тврдат, сопствената одговорност, претставниците на власта започнале медиумска кампања и лицитирале со наводно запленети 100 тони марихуана, за која велат дека била нелегално произведена.
„Но, така заглавија уште подлабоко. Ако некој успеал нелегално да произведе 100 тони марихуана, тоа е уште една потврда дека вината е целосно кај Владата и институциите кои тоа го дозволиле, не го контролирале и не го спречиле“, наведуваат од партијата.
Оттаму додаваат дека за производство на 100 тони марихуана е потребна површина од над 30 хектари, што, според нив, е еднакво на повеќе од 40 фудбалски стадиони, и прашуваат кој дозволил толкава површина да се одгледува во државата и зошто не била направена ниту една теренска контрола.
СДСМ прашува и како безбедносните служби не забележале толкава количина дрога да се транспортира, складира и пакува, како и што правеле АНБ и АР. Во соопштението се поставува и прашањето како 5 тони дрога поминале преку граница, покрај системот „Сејф сити“, скенери, контроли, полиција и царина.
„Нема одговор на овие прашања затоа што одговорноста за нарко-скандалот е во врвот на власта. СДСМ нема да дозволи овој нарко-скандал да се заташка. Нема бегање од одговорноста. Сите ќе одговарате“, се наведува во соопштението.
Македонија
Средношколките во Охрид ќе се едуцираат како да се заштитат од сајбер напади
Камп за сајбер безбедност за средношколки се одржува во Охрид, како дел од проектот CybHER – Зајакнување на жените и девојките во сајбер безбедноста, кој го спроведува Британскиот совет во државите од Западен Балкан, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.
Пред учесниците на кампот денеска ќе се обрати државниот секретар во Министерството за образование и наука Елена Ивановска.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.

