Свет
Пронајдени стаклени топки создадени од удар на метеорит пред 11 милиони години
Истражувачите пронајдоа необични стаклени топки во пустините на Австралија, кои се доказ за удар од метеорит пред 11 милиони години, објавува денес „Сајанс алерт“.
Како што покажа анализата на топките пронајдени во Јужна Австралија, тие имаат уникатен состав, создаден со топење метеорити при удар, кој не е пронајден никаде на друго место во светот.
Истражувачите посочуваат дека овие новооткриени минерали, наречени анангити, се формирани во џиновски удар што се случил пред приближно 11 милиони години.
Сепак, геолозите сè уште не пронашле никаква трага од кратер поврзан со овој настан, кој мора да бил доволно моќен за да остави траги од минерали, зачувани милиони години.
„Овој вид стакло од кое се направени топките е уникатен за Австралија и сведочи за настан за кој дури и не знаевме“, рече геохронологот и геохемичар од Универзитетот „Куртин“ во Австралија, Фред Џордан.
Според него, топките се формирале кога астероид ја погодил Земјата топејќи ја површинската карпа и расфрлајќи ги остатоците илјадници километри наоколу.
Тој додаде дека овие парчиња стакло се како мали временски капсули од далечната историја на нашата планета.
Наодите од истражувањето беа објавени во списанието Earth & Planetary Science Letters.
Местото на кое се случил ударот на метеоритот сепак останува голема мистерија, а научниците сè уште не го пронашле кратерот.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Унгарија со Трамп; „Киев да престане со политичката уцена“
Унгарија се приклучува кон Американскиот мировен комитет и, како што вели шефот на дипломатијата Питер Сијарто, сака да учествува во медијацијата не само во Газа, туку и во Украина, додека во исто време вели дека Будимпешта нема да се согласи на, како што тврди, политичка уцена од Киев.
Сијарто изјави во Вашингтон дека овој комитет може да се справи не само со ситуацијата во Газа, туку и со конфликтот во Украина, објави „МТИ“.
Унгарскиот министер истакна дека новиот светски поредок зависи од билатералните односи, меѓувладината соработка и личните контакти, и дека дипломатските напори на американскиот претседател Доналд Трамп нудат шанса за мир, споредлива со Абрахамовите договори од 2020 година што ги нормализираа односите меѓу Израел и арапските земји.
Покрај својата улога во мировните напори, Унгарија ги штити своите енергетски интереси. Сијарто ја критикуваше Украина за она што тој го тврди како обид за политичка уцена во врска со прекинот на испораките на сурова нафта преку нафтоводот „Дружба“.
Свет
„Кога го гледам овој режим и овој слеп, бесен терор, имам малку надеж“: Мерц не гледа брз крај на војната во Украина
Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека има мали шанси за брз крај на војната во Украина преку преговори.
Тој изјави за германските весници НБР и „Рајнфалц“ дека според него војната ќе заврши само кога една од двете страни ќе биде исцрпена, „или воено или економски“.
„Разумот и хуманитарните аргументи нема да го убедат рускиот претседател Владимир Путин. Тоа е горчливата вистина“, рече Мерц.
Според него, целта на европските напори е „да се спречи руската држава воено да ја продолжи војната и нејзиното финансирање“, според „Шпигел“. Мерц рече дека смета дека е практично невозможно нормалните односи со Путин некогаш да се вратат.
„Кога го гледам овој режим и овој слеп, бесен терор, имам малку надеж“, рече германскиот канцелар.
Според Мерц, руската „владејачка елита“ не може без војна во догледна иднина и мора да ја држи воената машина во функција бидејќи немаат план што друго да прават со стотици илјади војници, од кои некои се тешко трауматизирани, кога ќе се вратат од фронтот.
Регион
(Видео) Јахорина: Детето кое падна од жичарата претрпе сериозни повреди
Детето, кое вчера падна од жичарницата на планината Јахорина, е надвор од животна опасност, соопштија утрово за „БН ТВ“ од болницата во Источно Сараево.
„Детето е згрижено, претрпе фрактура на бутната коска, што е сериозна физичка повреда, и е испратено во матичната установа во Нови Сад на понатамошно лекување“, изјавија од болницата за „БН ТВ“.
Медиумите потсетуваат дека вчера се случи непријатен настан на Јахорина, кога едно дете беше оставено да виси од жичарницата, а потоа падна на земја од висина од неколку метри.
Сето ова го забележаа скијачите кои случајно се најдоа таму.
Полициската управа Источно Сараево досега не го коментирала случајот, според медиумите во регионот.
Како што изјавија од Олимпискиот центар Јахорина, наскоро ќе биде објавено соопштение во врска со овој настан.

