Македонија
Ќе работиме со транспарентност: Меџити го презеде мандатот како градоначалник на Чаир
Денес, новоизбраниот градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, и официјално го презеде својот мандат.
Во своето обраќање по повод преземањето на функцијата, Меџити истакна дека ова враќање за него претставува чувство на чест и длабока одговорност кон граѓаните на Чаир кои му укажаа доверба со неспорна изборна победа на последните локални избори.
„Од денес се враќам во моето место, меѓу моите луѓе, со чест, со скромност и со длабока благодарност. Чаир секогаш ме поддржувал, а овој пат ми даде силен мандат, доверба што ќе ја претворам во чесна работа, конкретни резултати и управување што го познава само јавниот интерес,“ истакна Меџити.
Тој додаде дека Чаир е дел од неговиот идентитет, дел од неговата лична историја и јавна мисија, нагласувајќи дека секој успех што ќе следи ќе го носи печатот на граѓаните кои никогаш не се откажаа.
„Пред нас стои ново поглавје. Ќе работиме со јасен план, со транспарентност и со храброст за да направиме големи промени. Имам доверба во луѓето на Чаир, во нивната енергија, талент и љубов кон ова место. Од денес започнува работата за општина Чаир што ја сакаме, од денес започнува нашето време!“, додаде Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Вo среда ќе има врнежи од дожд, локално пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта, кога во западните делови ќе преминуваат во снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе бидат претежно од снег. Во западните делови се очекува да се формира нова снежна покривка. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег.
Македонија
Посебен сообраќаен режим денеска во Скопје
Денеска, по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, велат од МВР.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.

