Македонија
Филипче: Реформите не зависат од уставните измени и мора да се спроведуваат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека институционалните реформи се суштинска обврска што мора да се спроведе без разлика на политичките пречки и неизвесноста околу уставните измени. Според него, државата не може да си дозволи застој на реформскиот процес поради недостиг на политички договори или дневнопартиски калкулации.
„Кажавме уште лани дека ја поддржуваме владата да најде добро решение и гаранција дека нема понатаму да имаме блокади. Но тоа е едно прашање. Друго е реформите – тие се одвоен процес и мора да се тераат. А гледаме дека нема ниту еден чекор напред. Нема никакво поместување во тој дел“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ останува на ставот дека е неопходна широка дебата и национален консензус околу стратешките приоритети на државата. Како чекор во таа насока, рече Филипче, СДСМ предложи резолуција што е веќе доставена до сите парламентарни и политички партии со цел да се добие повратна реакција и конкретен став.
„Нашата предлог-резолуција е добра основа да седнеме и да дебатираме. Потенцирав неколку пати – тоа е предлог верзија, не е финална. Очекувам фидбек, но сè уште немам добиено официјален одговор од ниту една партија“, изјави Филипче.
Тој додаде дека сè што се однесува на стратешки национални интереси, вклучително и реформите, мора да биде предмет на консензус, а не на конфронтација. Повикувајќи на зрел политички дијалог, Филипче потенцираше дека е време сите актери да седнат на маса и да покажат дека реформите се над партиските калкулации.
„Тоа е процес што подразбира национален консензус. Мислам дека е редно да седнеме и да видиме како ќе се движиме понатаму. Ова не е момент за калкулации, туку за зрелост“, заклучи тој.
Филипче, исто така, изјави дека извештајот на ЕК јасно потврдува дека државата назадува во сите клучни области, а причината за тоа, според него, е неспособноста и недостигот на политичка волја на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во извештајот јасно стои дека реформската агенда е целосно блокирана. Не постојат суштински реформи поврзани со ЕУ, нема трајни и решителни чекори за забрзување на процесите. Споредувањето е делумно и со доцнење во сите столбови на планот за раст, слаба координација и институционалниот капацитет го загрозуваат финансирањето базирано на перформанси преку механизмот на реформи и растат“, рече Филипче.
Притоа Филипче посочи дека оваа состојба особено се чувствува во областите што се од витално значење за младите и за приватниот сектор.
„Во извештајот стои дека има ограничен напредок го подобрување на деловната клима, слабо спроведување на закон за конкуренција, нема усогласување со правилата на ЕУ, реформите за неформалната економија се во застој, слабо управување со јавни инвестиции, перзистентна корупција и правна несигурност ги обесхрабруваат инвестициите, делумна дигитална трансформација, бавен напредок во усогласување со Европската унија“, рече Филипче
Претседателот на СДСМ истакна и дека Извештајот е силен сигнал од Брисел дека Владата на Мицкоски ја води државата во погрешна насока.
„Ако добро се погледне извештајот пораката од него е јасна, не постои напредок во ниту една област дури таму кај што има технички активности нема никакви резултати. Не само што тапкаме место туку се враќаме назад. И ова не е проблем на европската унија ова не значи дека некој нас не спречува нешто да работиме ова е знак за тоа дека владата нема волја нема желба нема капацитет да ја сработи и работата којашто треба да сработи и да го испорачаат тоа што е во интерес и на граѓаните и на државата“, изјави Филипче.
Тој додаде и дека реформите што недостасуваат се суштински за функционирањето на државата и системот.
„Во бројки ситуацијата изгледа вака само 4 области се оцените како добар напредок а и тие се минорни и не се однесуваат на вистински внатрешни реформи. Во осум области нема никакво поместување вклучувајќи и најкритичните правосудството и фундаменталните права. Она што е најлошо од овој извештај во поглавјето 24 правда слобода и безбедност владата добива единица што значи драстичен пат во споредба со лани,“ истакна Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

