Спорт
Милан и Интер го купија Сан Сиро од градот Милано
Пo 90 години, стадионот „Сан Сиро“, повеќе не е во сопственост на градот Милано. Од денес, легендарниот стадион официјално им припаѓа на фудбалските клубови Милан и Интер, кои утрово потпишаа договор за купопродажба.
Клубовите веќе ја платија првата рата од 73 милиони евра на градот, а вкупната цена на аквизицијата ќе биде 197 милиони евра, намалена за 22 милиони евра што Градот ги обезбеди како придонес за реконструкција на тунелот Патрокло и санација на околното земјиште, пишува „Газета дело Спорт“.
Договорот беше склучен по состанокот утрово, кој започна во 7:30 часот во канцеларијата на нотарот Филипо Забана, а заврши околу пладне. Претседателот Паоло Скарони, финансискиот директор Стефано Кочирио и правниот тим беа присутни во име на Милан, додека Интер беше претставен од членката на одборот Кети Ралф и Масимилијано Катанезе.
Градските претставници беа исто така присутни, но без градоначалникот Џузепе Сала, кој моментално е во Бразил. Преносот на сопственоста се случи во трка со времето, само пет дена пред 10 ноември, датумот кога требаше на сила да стапи архитектонската заштита на вториот прстен на стадионот, што ќе го спречи планираното рушење.
Недолго по состанокот, клубовите објавија официјално соопштение.
„АК Милан и ФК Интернационале Милано објавуваат дека денес потпишаа договор за купопродажба со градот Милано за купување на Големата урбана област Сан Сиро, вклучувајќи го стадионот Меаца и околната област.
Изградбата на новиот стадион и урбаната регенерација на областа Сан Сиро претставуваат ново поглавје за градот Милано и двата клуба. Ова важно достигнување ги одразува заедничките амбиции на Милан и Интер и нивните сопственици, „RedBird“ и фондовите управувани од „Oaktree“, за долгорочен спортски успех и за инвестиција што ќе овозможи создавање вредност во поддршка на одржливиот раст на двете компании.“
Во соопштението за медиумите се објаснети и следните чекори:
„Клубовите им ја доверија на „Фостер + Партнерс“ и „Маника“ проектната патека и развојот на нов објект од светска класа и грандиозен план за околното подрачје. Стадионот ќе ги исполнува највисоките меѓународни стандарди и е наменет да стане нова архитектонска икона за градот Милано.
Приказната не завршува тука. Противниците на уривањето на „Меаца“ и изградбата на нов стадион ја продолжуваат својата борба, и сè неизбежно ќе се префрли на суд. Како што објави „Анса“ утрово, обвинителството во Милано започна истрага поради сомневања за местење на тендери.
Промотерот Клаудио Трота, еден од основачите на одборот на „Да Меаца“, кој се противи на проектот, беше испрашуван од обвинителите. Трота тврди дека сакал да даде понуда за стадионот, но бил спречен да учествува на тендерот поради премногу кратките рокови утврдени од Градот.
Новиот стадион, со капацитет од 71.500 седишта, треба да биде завршен во 2031 година и ќе ги чини клубовите 1,2 милијарди евра. Целта е стадионот да биде подготвен за Европското првенство во 2032 година, кое Италија ќе го организира со Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) „Граѓаните“ зачекорија во финалето на Лига купот
Фудбалерите на Манчестер Сити со „една нога“ се во финалето на Лига Купот на Англија, откако во првиот натпревар од полуфиналето го победија Њукасл на гостински терен со 2:0.
Херој на „граѓаните“ на „Сент Џејмс Парк“ беше Антоан Семењо, новодојденец од Борнмут кој го постигна вториот гол во вториот натпревар за Сити.
Се играше 53-та минута кога брзоногиот крилен напаѓач, на асистенција на Бернардо Силва, постигна гол и, веројатно, го реши ова полуфинале. Десет минути подоцна репрезентативецот на Гана постигна уште еден гол, истиот беше поништен од ВАр собата.
„Граѓаните“ ја потврдија победата и си обезбедија мирен реванш на домашен терен, кога Рајан Шерки постигна гол во 99-та минута.
Реваншот ќе се одигра на 4 февруари на стадионот „Итихад“ во Манчестер.
Лондонските ривали Челзи и Арсенал се среќаваат во второто полуфинале, а првиот натпревар е закажан за среда на стадионот „Стемфорд Бриџ“.
Спорт
Роџерс Мато има договор со Хартс
Фудбалерот на Вардар, Роџерс Мато, по завршувањето на сезоната ќе се пресели во челнот на Премиер лигата на Шкотска, Хартс.
Мато, во Хартс ќе се пресели како слободен играч, бидејќи договорот му истекува по завршувањето на сеозната. Трансферот на Мато го потврди шкотскиот клуб на официјалната интернет страница и социјалните мрежи.
Фудбалерот од Уганда со актуелниот лидер во Шкотска потпишал договор до јуни 2029 година.
Спорт
Мајкл Керик го презеде Манчестер Јунајтед
Неколку дена по оставката што му беше врачена на Рубен Аморим, Манчестер Јунајтед го објави неговиот наследник.
Како што беше објавено, клупата ќе ја преземе Мајкл Карик, кој ќе ги предводи „црвените ѓаволи“ во остатокот од сезоната.
„Мајкл Карик се врати. Нашиот поранешен капитен ќе биде наш главен тренер до крајот на сезоната 2025/26“, се вели во официјалното соопштение.
Карик одигра 464 натпревари за Јунајтед, освојувајќи пет титули во Премиер лигата, ФА Купот, два Лига Купа, Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Светското клупско првенство.
Тој се приклучи на првиот тим откако се пензионираше како играч во 2018 година и работеше под водство на Жозе Мурињо и Оле Гунар Солскјер.
По заминувањето на Норвежанецот, Карик го водеше тимот како вршител на должноста менаџер.
Поранешниот англиски репрезентативец последен пат беше вработен во Мидлсбро, кој го водеше две и пол години, од октомври 2022 година.
Foto/ depositphoto

