Македонија
За најмногу шест месеци, од Зелениково до Центар за 25 минути ќе се патува со градскиот воз, сосе застанувања
Од Зелениково до централната железничка станица во Скопје со градскиот воз ќе се патува за 25 минути. Возот, кој ќе тргнува од Зелениково, ќе минува низ Јане Сандански, Драчево, Лисиче и ќе завршува кај Транспортниот центар, ќе има седум станици. Директорот на „Македонски железници – инфраструктура“, Синиша Ивановски, извести веќе направиле и тестирање за брзината на градскиот воз.
„Од најоддалечената станица на градскиот воз во Зелениково приближно за 25 минути, со вкалкулирани застанувања на постојки, треба да се стигне до Скопје, а од Драчево тестирањата покажаа дека ќе требат од 11 до 13 минути за да се стигне до главната железничка станица во Скопје. Првата фаза на градскиот воз, која во моментот се работи, од Зелениково до централната станица во Скопје во должина од 24,5 километри ќе биде готова за најмногу шест месеци од денеска“, рече директорот Ивановски.
Истовремено, со делницата за градскиот воз од Зелениково се работи и на делницата од Драчево до Илинден долга 7,7 километри, која директорот Ивановски очекува да биде готова до Нова година оти е покуса.
Изградбата на делницата од Драчево со Илинден е три милиони евра, а за делницата од Зелениково до Транспортниот центар се предвидени 5,7 милиони евра.
Градскиот воз ќе биде синхронизиран со автобусите на ЈСП за што директорот Ивановски веќе имал средба со новиот градоначалник на Скопје.
„За многумина изгледаше како сон, но еве денеска е јаве, почнуваме да нудиме алтернатива за граѓаните во Скопје имајќи предвид дека изминатиот период се соочуваа со катастрофално лоша состојба поврзана со нефункционалноста на јавниот транспорт и ЈСП. Како Град Скопје ќе бидеме целосно логистички вклучени во овој процес земајќи предвид дека на новите станици ќе се приспособиме со ЈСП за граѓаните да не чекаат со часови да дојде возот. Кога ќе има воз, тогаш ќе стигнуваат и автобусите“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски, кој нагласи дека од денес во функција се ставени дополнителни 60 приватни автобуси за јавен превоз во Скопје.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, на чија иницијатива се прави градскиот воз како алтернатива за јавниот превоз во Скопје, рече дека почнале да ги менуваат дрвените прагови на пругите, кои не се заменети откога се поставени во 1963 година. Тој очекува в година да почнат да се градат и другите две траси за градскиот воз, од кои едната е од Волково преку Ѓорче и Скопје Север до Транспортниот центар, а другата, трета траса, е од Миладиновци до Илинден, од каде што веќе ќе има поврзување со главната железничка станица во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.
Македонија
Гаши – Форнавре: Односите меѓу Шведска и Северна Македонија се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство Шведска – Северна Македонија на шведскиот Риксдаг, предводена од претседателката на Групата, Лота Џонсон Форнарве.
На средбата присуствуваше шведскиот амбасадор во нашата земја, Ола Солстром, како и претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, Дафина Стојаноска.
Претседателот Гаши ја истакна долгогодишната поддршка и пријателство на Кралството Шведска кон нашата земја, нагласувајќи дека односите меѓу двете држави се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување.
Посебно беше изразено задоволство од формирањето на Групата за пријателство со Северна Македонија во шведскиот Риксдаг, што претставува важен чекор кон унапредување на парламентарната соработка.
Пратеничката Дафина Стојаноска упати благодарност за континуираната шведска поддршка за стратешката цел на нашата земја – полноправно членство во Европската Унија.
Се разговараше за остварување проекти во следниот период во повеќе области – земјоделство, бизнис, родова еднаквост, што ќе значи континуитет на поддршка и пријателство.
Присутните соговорници се согласија дека интензивната меѓусебна комуникација и размената на искуства придонесуваат кон приближување на државите и народите на Шведска и Северна Македонија.
Македонија
Даме Димитровски нов претседател на Советот на Град Скопје
Даме Димитровски е избран за нов претседател на Советот на Град Скопје. Тој кажа дека Советот ќе функционира во служба на граѓаните, со дијалог, транспарентност и отчетност.
„Денеска, на конститутивната седница на Советот на Град Скопје, сум избран за претседател на Советот. Благодарност до советниците за довербата и до скопјани за поддршката. Советот ќе функционира во служба на граѓаните, со дијалог, транспарентност и отчетност. Ќе бидеме активен чувар на јавниот интерес и ќе работиме доследно на спроведување на темелните политики: чист град, функционален јавен превоз, безбеден сообраќај, повеќе зеленило и современи јавни услуги“, рече Димитровски.

