Македонија
Детскиот џагор на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните
Осаменоста веќе не е проблем само на возрасните. Таа сè почесто ги погодува и децата. Она што некогаш беше џагорот на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните. Сè повеќе тинејџери се чувствуваат изолирани, а детските психијатри предупредуваат дека расте генерација која веќе не знае да се дружи.
Според податоците на истражувачкиот центар „Пју“, речиси една четвртина од младите на возраст меѓу 18 и 29 години се чувствуваат осамени поголемиот дел од времето, а кај момчињата од 11 до 17 години тој број се зголемува на повеќе од 26 проценти.
– Децата стануваат сè поосамени. Тоа го знаеме одамна – вели д-р Херман Велес, детски и адолесцентен психијатар од Универзитетот „Колумбија“.
Пред само десетина години децата играа фудбал во дворот, ги шетаа своите миленици и се дружeа до мрак. Денес, повеќето од нив поминуваат часови пред екрани. Истражувањата покажуваат дека секоe трето дете воопшто не игра надвор во школските денови, а едно од пет ниту во текот на викендот.
Родителите, често водени од страв и недоверба кон околината, сè поретко им дозволуваат на децата самостојно да си играат надвор. Како што пишува социјалниот психолог Џонатан Хејт, автор на книгата „Анксиозната генерација“, терминот „опасност од непознатите“ стана симбол на современото родителство.
Стравот, медиумите и претераната претпазливост ги затворија децата во безбедни, но осамени домови.
Социјалните мрежи и видеоигрите ги заменија дворовите, но не донесоа блискост. Напротив, создадоа лажна слика за светот и за себеси. Повеќе од 70 отсто од момчињата редовно гледаат содржини што ја глорифицираат „машкоста без емоции“: сила, надмоќ, пари.
– Тоа создава ѕид – вели психологот Мајкл Роб. Момчињата почнуваат да веруваат дека покажувањето чувства е слабост, а молчењето знак на сила. Со текот на времето, тоа ги оддалечува од другите и од сопствените емоции.
Што можат да направат родителите?
Најважното што родителите можат да направат не е контрола, туку присуство.
– Децата имаат потреба од подобра опција од интернетот. Тоа значи заедничко време, искрен разговор, заеднички оброк – објаснува д-р Велес.
Едноставните моменти како прошетка без телефони, вечера со разговор или заедничка смеа, ги враќаат децата во вистинскиот живот.
Психолозите советуваат родителите да воведат правило без екрани во спалната соба и да одредат време без телефони барем еден час дневно. Наместо лутина за тоа што децата гледаат, препораката е пристапот: „Биди љубопитен, не лут“.
Прашајте го детето што гледа, како се чувствува додека гледа и што му значи тоа. Можеби тогаш првпат ќе чуете нешто искрено.
Детските психолози се согласуваат за едно: играта без телефон и времето поминато со други се најбрзиот лек против осаменоста. Затоа е важно децата повторно да ја имаат можноста што ја имаа генерациите пред нив: да бидат надвор, да грешат, да се смеат и да имаат вистински пријатели, не виртуелни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

