Спорт
(Видео) Нестварни сцени во Канада – снег до колена, натпревар на векот и ножичките на Родригез
Фудбалерите на Атлетико Отава ја освоија својата прва титула во Канадската Премиер лига (КПЛ) откако го победија Кавалри ФК со 2:1 во продолжение во неверојатни услови, среде снежна бура. Херој на вечерта беше Давид Родригез, кој ги постигна двата гола за својот тим и им го донесе историскиот трофеј од Купот Норт Стар.
Двата тима во неделата вечерта во Отава се бореа со времето исто колку и едни со други, а битката за шампионската титула се одвиваше во речиси невозможни услови.
Почетокот на натпреварот беше одложен поради обилните снежни врнежи. Персоналот користеше механизација и лопати во текот на целата ноќ за да ги расчисти линиите на стадионот ТД Плејс, а понекогаш и самите играчи им притрчаа на помош.
Навивачите кои се осмелија да дојдат на стадионот и покрај студот беа предупредени да не фрлаат снежни топки на теренот.
Гостите од Калгари први поведоа. Фрејзер Ерд погоди од пенал во 32-та минута, но славењето не траеше долго. Само неколку минути подоцна, Давид Родригез израмни со спектакуларен удар со ножички.
По основните 90 минути, резултатот остана 1:1, а имаше пауза од речиси еден час за повторно да се исчисти теренот од снегот.
Кога играта продолжи, одлучувачкиот момент се случи во 106-та минута. Родригез прими долга топка од Мани Апарицио и го лобуваше голманот Марко Кардучи за водство и, како што се покажа, победа.
За Атлетико, ова е прва титула во нивната историја, откако загубија во финалето од Форџ ФК во 2022 година. Од друга страна, Кавалри ФК, шампионите во 2024 година, не успеаја да ја одбранат титулата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Почнуваат пријавите за јубилејното 10. издание на „Охрид трчаТ“
На 12 ноември 2025 година официјално започнуваат пријавите за јубилејното десетто издание на еден од најголемите спортско-рекреативни настани во Македонија – „Охрид трчаТ“, кое ќе се одржи викендот 5-7 јуни, 2026 година.
„Охрид трчаТ“ слави 10 години постоење, инспирација, пријателства и незаборавни моменти што го претворија настанот во вистински симбол на заедништво, енергија и љубов кон трчањето и градот Охрид.
„Во изминатата деценија, низ улиците на нашиот град поминаа илјадници тркачи од земјата и од светот. Заедно создадовме движење кое ги поврзува луѓето, ги руши границите и ја промовира Македонија како спортска дестинација“, велат организаторите на настанот.

Додаваат дека овој јубилеј е празник на сите, тимот на Охрид трчаТ, тркачи, волонтери, партнери, институции, и над сè, граѓаните на Охрид, кои секоја година заедно со сите нас ја раскажуваат една од најубавите спортски приказни во Македонија.
„Пријавувањето за јубилејното издание на Охрид трчаТ 2026 се врши онлајн преку нашиот систем за регистрација, достапен на официјалната веб-страница www.ohridtrchat.com ,брзо, едноставно и достапно за сите“, се додава.
Со отворањето на пријавите, ги повикуваат сите граѓани, тркачи, спортисти, компании и пријатели на трчањето да се регистрираат и да бидат дел од ова големо јубилејно издание.
Спорт
Мурињо замина од Истанбул, но во хотелот оставил долг од 750.000 евра
Престојот на Жозе Мурињо во Фенербахче, кој заврши со негово отпуштање во август, доби нов, финансиски тежок епилог. Португалскиот тренер наводно го оставил поранешниот клуб со неплатена хотелска сметка во износ од 747 илјади евра, објави турскиот весник „Јеничаг Газетеси“, како што објави португалскиот „Record.pt“.
Мурињо помина 16 месеци на клупата на турскиот гигант, а речиси целиот тој период, поточно 15 месеци, бил сместен во луксузен апартман во хотелот „Фор Сизонс“ во Истанбул.
Вкупните трошоци за неговиот престој достигнале 36,5 милиони турски лири, што одговара на износ од речиси 750 илјади евра. Откривањето на овој долг, како што објавија медиумите, не било добро прифатено од навивачите на клубот.
Португалскиот стручњак доби отказ по елиминацијата во плејофот за пласман во главната фаза на Лигата на шампионите од Бенфика. Судбината сакаше, две недели подоцна тој да стане тренер на Бенфика.
Иако беше отпуштен, Мурињо има право и на значителна отпремнина од околу 15 милиони евра за предвремено раскинување на договорот што требаше да трае до 2026 година. Засега, останува нејасно кој ќе ја плати хотелската сметка, Мурињо или неговиот поранешен работодавач.
Спорт
Трансродови спортисти нема да се натпреваруваат на ОИ во женски дисциплини
Интернационаниот олимписки комитет (ИОК), објави многу важна одлука и им забрани на трансродовите спортисти да се натпреваруваат на Олимписките игри во женски дисциплини.
На Олимписките игри во Париз во 2024 година, контроверзната ситуација на Иман Хелиф, која има хормонално нарушување и за која се сомневаше дека е биолошки маж, привлече големо внимание.
Олимписките игри треба да им забранат на сите трансродови и полово диференцирани (ДСД) спортисти од женските натпреварувања, откако беа пронајдени „научни докази за придобивките што доаѓаат со раѓањето како маж“.
На трансродовите спортисти и оние со ДСД, наводно, ќе им биде забрането да учествуваат во женските натпревари на Олимписките игри од почетокот на следната година, ИОК.
Претходно, олимписките спортови имаа овластување да одлучуваат дали трансродовите жени можат да се натпреваруваат со намалени нивоа на тестостерон.
Ова доведе до тоа атлетиката и пливањето да им забранат на спортистките кои поминале низ машки пубертет да се натпреваруваат, додека другите спортови, вклучително и фудбалот, не го следеа примерот.
Сепак, тоа сега ќе се промени под водство на новата претседателка на ИОК, Кристи Ковентри, која постојано ја изјавуваше својата желба да ја „заштити женската категорија“.
Во извештајот понатаму се вели дека д-р Џејн Торнтон, медицински и научен директор на ИОК, ги презентирала наодите од прегледот пред членовите на состанок во Лозана минатата недела.

