Топ
Приведена жена од Кавадарци поради напад врз своето 6-месечно бебе
Утрово, околу 6 часот, полицијата во Скопје приведе 23-годишна девојка од Кавадарци, која се сомничи дека ноќеска, околу 00:37 часот, во семејниот дом физички го нападнала своето шестмесечно бебе.
Бебето било итно пренесено во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му е укажана лекарска помош.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски му одговори на Фрчкоски: Никогаш не сум мешетарел, тоа го прават други кои се занимаваат со кафеанско озборување
Поранешниот претседател Стево Пендаровски ја отфрли изјавата на Љубомир Фрчкоски дека мешетари во СДСМ и дека има улога во можни промени во партијата.
Пендаровски во објава на „Фејсбук“ напиша дека никогаш не се занимавал со политичко мешетарење, како што, според него, тоа го прават други чии кариери се „исполнети со заткулисни маневри и кафеанско озборување“.
„Поголем проблем е што изјавата е целосно одлепена од реалноста и фактите, што, за жал, се случува поради ‘квалитетот’ на изворите со кои некои луѓе се дружат“, додаде Пендаровски.
Фрчкоски, пак, во емисијата на Ефтов, со наслов „Кои лоби групи сакаат да го сменат Венко Филипче“, изјави: „Ме чуди што мешетари Стево Пендаровски. Нема потреба од тоа. А мешетари без врска“.
Македонија
„’Вреди’ до Јаневска“: Непознавањето на албанскиот јазик не треба да води до фрустрација
Вчера, за време на јавен настап, министерката за образование, Весна Јаневска, во два или три наврати изрази незадоволство од комуникацијата на албански јазик на градоначалникот на Тетово, Билал Касами, со новинарите од медиумите на албански јазик.
„Наместо да се чувствува лошо што г-дин Касами зборува македонски како и албански, додека таа и покрај тоа што живее во повеќејазична средина не знае ниту еден збор на албански јазик, министерката Јаневска реагираше затоа што не разбираше албански јазик.
Поради оваа причина, „Вреди“ изразува жалење за ваквиот пристап на министерката Јаневска кон албанскиот јазик и во оваа прилика нагласуваме дека таков став е во спротивност со духот на почитување и соживот што треба да го отелотворува секој претставник на државните институции.
Во едно демократско и мултиетничко општество, кога дури и странски дипломати кои престојуваат во нашата земја две или три години учат неколку зборови на албански, да бидеш министер, па дури и министер за образование, а да не знаат ниту еден збор од јазикот на сограѓаните Албанци и да реагираат на употребата на албанскиот јазик, ова е тешко да се преведе во услови на коегзистенција, граѓанство и почитување на другите во едно мултијазично општество“, посочуваат од „Вреди“
Во меѓувреме, како што додаваат, почитувањето на јазиците што се зборуваат во оваа земја е почитување на граѓаните и на самата држава што ги обединува.
Македонија
Половина од младите во Македонија не веруваат дека земјата некогаш ќе стане членка на ЕУ
Повеќе од 46 отсто од младите во Македонија не веруваат дека земјата ќе стане членка на Европската унија, покажува новиот извештај „Спавување со евроскептицизмот кај младите на Западен Балкан: Случајот на Северна Македонија“, подготвен од Институтот за добро владеење и евроатлантски перспективи (Institute for Good Governance and Euro-Atlantic Perspectives) во соработка со Фондацијата „Фридрих Науман за слобода“ (Friedrich Naumann Foundation for Freedom) и Европскиот центар за извонредност (European Centre of Excellence – Брисел).
Според истражувањето спроведено во јуни 2025 година врз повеќе од 1 000 млади лица, 41 отсто имаат позитивен став кон ЕУ, 35 се неутрални, а 24 проценти негативни. Само 6,7 отсто веруваат дека членството може да се оствари во следните пет години, додека 35,8 проценти очекуваат тоа да се случи во подалечна иднина. Главни пречки за интеграцијата, според испитаниците, се корупцијата (84,6 %), билатералните спорови (61 %) и ниската доверба во институциите (60 %).
Извештајот покажува дека 33 % од младите сметаат дека земјата назадувала во процесот на пристапување, додека само 17 % забележуваат напредок. Повеќе од 60 % не веруваат дека членството во ЕУ би го намалило иселувањето, а 68 % изјавиле дека би се иселиле доколку имаат можност. Над 70 % се опишуваат како социјално неактивни, а само 8 % учествуваат во граѓански или политички иницијативи.
Во економскиот дел, се нагласува дека од вкупните 302 милиони евра од ИПА-фондовите, до крајот на 2023 година се искористени само околу 122 милиони. Покрај тоа, се спомнуваат истраги на ОЛАФ поврзани со неправилности во програмата „Еразмус плус“, при кои е побарано враќање на 2,2 милиони евра. Невработеноста меѓу младите (15 – 29 години) е околу 30 проценти, а 22 – 25 отсто се во категоријата НЕЕТ (не работат и не се во образование).
Извештајот истакнува дека главните причини за евроскептицизмот се бавните реформи, корупцијата, недоволната вклученост на младите во креирањето на политики и ограничената комуникација на институциите со јавноста. Како дел од препораките, авторите повикуваат на: подобра искористеност на европските фондови, поддршка за младинско претприемништво, развој на програми за медиумска и дигитална писменост и вклучување на младите во донесувањето одлуки на национално и локално ниво.
Според IDUEP, евроскептицизмот меѓу младите во Македонија не значи отфрлање на европските вредности, туку одраз на фрустрација поради недостиг на перспектива, бавни реформи и недоверба во институциите. Извештајот заклучува дека само со економска, образовна и институционална вклученост може да се намали евроскептицизмот и да се врати довербата во европската иднина на земјата.

