Спорт
Најдобриот голман во Серија А повторно ја одби Србија
Миле Свилар, голманот на Рома и официјално најдобриот голман во Серија А, во минатата сезона, повторно ја одби поканата на тренерот Вељко Пауновиќ да игра за српската репрезентација. Иако дебитираше за Србија кога селектор беше Драган Стојковиќ Пикси, Свилар повеќе не сака да брани за Србија.
Голманот, роден во Белгија, во март минатата година одлучи дека нема да одговори на повиците на поранешниот селектор Стојковиќ, а истата одлука важи и денес, и покрај промената на клупата на српската репрезентација.
Свилар сака да игра за белгиската репрезентација, но според правилата на ФИФА, тоа повеќе не е можно бидејќи веќе има еден настап за Србија, на пријателски натпревар против Кипар.
Сепак, тој јасно стави до знаење – повеќе не сака да брани за Србија и сака да се врати во белгискиот фудбал.
Свилар прво ја одби поканата од тогашниот селектор Стојковиќ, на 5 март 2024 година, а истото го стори и сега. Тој јавно не ги објасни причините, туку само кратко рекол „не“ на селекторот.
Српскиот селектор, Вељко Пауновиќ потврди дека разговарал со него, но дека не сака да открива приватни причини.
„Разговарав со Свилар. Додека бев во репрезентацијата помеѓу 2012 и 2015 година, поминав низ многу семинари и еден ми остана во сеќавање. Холанѓаните рекоа дека се мала земја и дека не можат да си дозволат да изгубат ниту еден играч, а имаат три пати повеќе од нас.
Тогаш сфатив дека мора да бидеме уште поотворени кон играчите. Го повикав Свилар, како и другите кои беа под знак прашалник. За време на разговорот, разбрав дека одлучил да не игра, од лични и професионални причини за кои нема да зборувам. Жал ми е, се обидов да му покажам колку е важен“, изјави Пауновиќ за „Аренаспорт“.
Миле Свилар, роден на 27 август 1999 година, син е на легендарниот југословенски голман, Ратко Свилар.
Ја започна својата кариера во Андерлехт, од кој замина во 2017 година и се пресели во Бенфика за два милиони евра. Помина четири сезони во Португалија и одигра 23 натпревари, пред да пристигне во Рома како слободен играч во 2022 година.
Според „Трансфермаркт“, Свилар вреди 25 милиони евра, а оваа сезона прими девет гола на 15 натпревари за Рома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Барселона го повлече Јамал од репрезентацијата и го налути Сојузот
Фудбалерот на барселона, Ламин Јамал е повлечен од шпанската репрезентација за претстојните натпревари против Грузија и Турција. Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) соопшти дека одлуката е донесена во согласност со приоритетите на здравјето, безбедноста и благосостојбата на играчите.
Во соопштението за медиумите на РФЕФ се наведува дека медицинскиот тим на националната селекција со изненадување и непријатност дознал дека во понеделникот, 10 ноември, во 13:47 часот, на денот кога националниот тим започна со собирање, Јамал веќе бил подложен на инвазивен радиофреквентен третман поради болка делот на препоните.
Како што наведуваат, информации за прегледот добиле дури вечерта, во 22:40 часот, кога добиле медицински извештај со препорака за одмор во следните седум до десет дена.
„Постапката е извршена без претходна комуникација со лекарите на националниот тим“, се наведува во соопштението за медиумите.
„За да се избегнат дополнителни ризици, РФЕФ одлучи да го ослободи Јамал од обврските и му посакала брзо закрепнување“.
Овој случај дополнително ги продлабочи затегнатите односи меѓу Барселона и Шпанската фудбалска федерација. Според шпанските медиуми, во РФЕФ постои големо незадоволство бидејќи каталонскиот клуб го извршил третманот по сопствена иницијатива, иако било јасно дека тоа ќе го спречи младиот офанзивен играч да игра за репрезентацијата.
Да ве потсетиме дека тензиите меѓу Барселона и селекторот, Луис де ла Фуенте траат од септември. Тогаш тренерот на Барселона, Ханси Флик, отворено ја критикуваше РФЕФ за, како што тврдеше, лошо управување со физичкото оптоварување на талентираниот тинејџер.
Јамал веќе беше изоставен од претходниот собир на репрезентацијата поради здравствени проблеми, а сега, и покрај тоа што настапуваше на клупските натпревари без проблеми, повторно се најде во центарот на контроверзиите.
Спорт
Уапсени повеќе од 1.000 фудбалери во Турција, вклучувајќи и еден репрезентативец
Турската фудбалска федерација (ТФФ), суспендираше повеќе од 1.000 фудбалери како дел од растечкиот скандал со обложување, вклучувајќи го и дефанзивецот на Галатасарај, Ерен Елмали.
Елмали издаде соопштение за да ја објасни својата вмешаност во случајот откако беше отстранет од составот на Турција кој се подготвува за квалификациите за Светското првенство против Шпанија и Бугарија.
25-годишниот фудбалер изјави на Инстаграм дека пред околу пет години се обложил на натпревар во кој во тоа време не учествувал неговиот тим. Тој и неговиот клупски колега Метехан Балтачи се меѓу 1.024 фудбалери кои ТФФ, во понеделникот, ги проследи до дисциплинската комисија.
Федерацијата објави дека третата и четвртата лига од натпреварувањето ќе бидат суспендирани две недели, додека натпреварите во Суперлигата, во која актуелен шампион е Галатасарај, и втората лига ќе продолжат според планот.
Турскиот фудбал е потресен од истраги за широко распространето обложување меѓу судиите, а сега и меѓу играчите, што е строго забрането според правилата на ФИФА.
Според извештаите, во обложувањето учествувале повеќе од 150 судии, вклучувајќи седум од елитната категорија и 15 асистенти од највисоко ниво.
Претседателот на прволигашкиот клуб Ејупспор, како и поранешниот сопственик на Касимпаша, кои веќе се испрашувани, исто така се под истрага.
„Наша должност е да го подигнеме турскиот фудбал на нивото што го заслужува и да го исчистиме од сета нечистотија“, рече претседателот на федерацијата Ибрахим Хаџиосманоглу на прес-конференција пред две недели.
Спорт
Левандовски ќе се пензионира ако Барселона не му понуди нов договор
Еден од најдобрите напаѓачи на 21 век, Роберт Левандовски, се соочува со ненадејно пензионирање, по извештаите дека Барселона не е заинтересирана да го продолжи неговиот договор.
Иако има 37 години и се соочува со повреди, поради што на теренот поминува помалку од предвиденото, искусниот Полјак е најдобар стрелец на Каталонците во Примера оваа сезона со пет гола.
Доцните фудбалски години не го спречуваат сè уште да го прави она што го знае најдобро, безмилосно да ги тресе мрежите.
Неговиот тековен договор со Барса истекува следното лето, а во клубот се судираат две струи. Едната сака да има искусен голгетер во тимот и следната сезона, кој би се согласил на намалена плата, додека другата смета дека е императив да се ослободи неговото место и да се донесе некој многу помлад.
Поранешниот член на Борусија Дортмунд и Баерн Минхен многу брзо би нашол нов работодавач во тој случај, но тоа не го интересира.
Неговата сопруга и тој се воодушевени од животот во Барселона, не сакаат да го напуштат градот заради финансиски попрофитабилна понуда од Блискиот Исток или Соединетите Американски Држави, дознава локалниот „Спорт“.
Фудбалерот нема да има ништо против да остане на „Камп Ноу“ како резервен напаѓач, но јасно е дека одлуката не е во негови раце. Одлуката че ја донесат клупските челници што го остава Роберт со две опции, нов едногодишен договор или пензионирање.
Феноменалниот стрелец е седми на листата на најдобри стрелци во фудбалот. Тој постигна дури 683 гола, а само Јозеф Бикан, Ференц Пушкаш, Ромарио, Пеле, Лионел Меси и Кристијано Роналдо постигнаа повеќе од него.

