Македонија
Новите цени на струјата од РКЕ ќе се знаат на почетокот на декември: МЕПСО бара поскапување од 0,67 отсто
До крајот на месецот или на почетокот на декември Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ги знае цените за струјата што се во нејзина надлежност. Барањата на компаниите се веќе доставени до РКЕ.
„Компаниите ги доставија барањата уште во текот на октомври. МЕПСО побара некое минимално зголемување од 0,67 % за пренос на електричната енергија, операторот на пазарот не ни побара зголемување, а ‘Електродистрибуција’ нема наведено во своето барање имајќи предвид дека во текот на овој месец ќе има тендер за набавка на загубите на електрична енергија, кои имаат исклучително големо влијание врз цената на електричната енергија. Кон крајот на овој месец, почетокот на следниот, ќе ги знаеме цените што ги определува РКЕ – тоа е за пренос и за дистрибуција на електричната енергија и тука не верувам дека ќе има какви било поместувања, а понатаму, по завршувањето на тендерот за универзалниот снабдувач, во согласност со новиот Закон за енергетиката, ‘ЕВХ хоум’ ќе ја соопшти новата цена за домаќинствата и за малите потрошувачи“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Во периодот што следува, кога потрошувачката на електричната енергија се зголемува, директорот на МЕПСО, Александар Пауновски, вели дека граѓаните може да бидат спокојни во врска со прашањето за големи испади.
„Имаме голем број активни проекти, кои во моментот се реализираат, еден од нив е 110-киловолтниот далновод Прилеп – Битола. Исто така, во тек е продолжување на договорот за реализација на интерконекцијата помеѓу Македонија и Албанија и секако во исто време го очекуваме и реакторот за реактивна енергија, кој би требало да се инсталира во 400-киловолтната трафостаница Дуброво, со кој би се довеле во нормални граници напонските услови во нашата држава“, вели директорот Пауновски.
Покрај тековните проекти, Пауновски рече дека имаат аплицирано за голем број грантови преку механизмот за инвестирање на Западен Балкан за надградбата и инвестирањето во преносната мрежа, со цел да овозможат непрекинато снабдување на граѓаните со електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

