Македонија
„На државата ѝ недостигаат добри хотели“ – Николоски бара поедноставување на процедурите за градба
На државата ѝ недостигаат добри хотели и време е да ја поедноставиме процедурата за нивна изградба, изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, на трибината „Автопат Е-75: Инфраструктурата како основа за развој на транзитниот туризам“.
Тој нагласи дека државата треба да размислува стратешки како да привлече инвеститори во изградба на хотели, особено во заштитените подрачја, каде што, според него, бирократските процедури речиси го оневозможуваат развојот на туризмот.
„Во моментот сме во ситуција кога е комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, особено во заштитените подрачја. Практично, невозможно е да се гради во заштитените подрачја. Не можеме да зборуваме за туризам, а во главниот труистички центар да нема хотели со пет звезди или има ограничување во висината. И затоа сакам да ја отворам оваа тема, да размислува јавноста. Во ред е да има заштита, но ако сакаме да се развиваме во туризмот, во делот на изградба на хотели, а не во згради, треба да ја ослениме процедурата за изградба на хотели и да привлечеме инвеститори. Ова исто така се однесува и по должината на Коридорот 10“, истакна вицепремиерот.
Николоски потсети дека Македонија е меѓу ретките држави со двоцифрен раст на туристи, а за само една година се воведени 21 нова директна авиолинија од европските метрополи.
„Минатата година преку Македонија транзитираа повеќе од 10 милиони патници. Ова покажува дека Владата е посветена на развојот на туризмот,“ истакна вицепремиерот.
Тој го нагласи значењето на Коридорот 10 како европски транспортен правец низ кој минуваат транзит-туристи, но и потенцијалот тие да се задржуваат подолго во земјата.
Меѓу проектите што треба да придонесат за тоа, Николоски ги спомена брзата пруга, винскиот туризам, археолошките локалитети и урбанистичкото решение за Стоби.
„Од центарот на Скопје до центарот на Солун ќе патуваме со воз за час и дваесет минути. Со тоа ќе се зголеми искористеноста на железницата и туристичкиот потенцијал на Коридорот 10“, рече Николоски додавајќи дека Владата ја финансира изработката на урбанистичкиот план за археолошкиот локалитет Стоби.
Тој додаде дека винската индустрија и малите винарници во Тиквешијата стануваат сè попосетени и дека Владата ги поддржува земјоделците како дел од стратегијата за развој на винскиот туризам.
Вицепремиерот повтори дека туристичкиот потенцијал на Македонија не е искористен ниту 10 отсто, но дека државата има шанса да стане центар на транзитниот и на културниот туризам во регионот.
На трибината, организирана од Министерството за култура и туризам, свое видување дадоа и министерот Зоран Љутков и директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

