Македонија
Стаменковска-Трајковска: Уредувањето на коритото на Мала Рада ќе го намали ризикот од поплави
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска денес изврши увид во градежните активности за уредување на речното корито на Мала Рада, каде во напредна фаза се изградбата на потпорните ѕидови и уредувањето на самото корито.
Проектот се реализира со средства обезбедени од Владата на Република Македонија, преку програмата за капитални инвестиции финансирани од унгарскиот кредит, за кој Општина Кисела Вода аплицираше и доби одобрување во рамки на поддршката за општински проекти.
Реката Мала Рада се протега долж целото село Драчево, пред нејзиното влевање во реката Вардар, во должина од околу 2,5 километри. Рехабилитацијата на бетонските профили и санацијата на потпорните косини ќе овозможат поголема пропусност на водотокот и значително ќе го намалат ризикот од поплави, особено во зимскиот и пролетниот период.
Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска истакна дека Општина Кисела Вода останува посветена на континуитетот во реализацијата на капитални проекти кои создаваат подобри услови за живот на граѓаните:
-Како локална самоуправа остануваме фокусирани на конкретни и видливи резултати. Континуитетот во реализацијата на вакви капитални зафати е од исклучително значење, затоа што тие директно го подобруваат квалитетот на живот, ја зголемуваат безбедноста и ја уредуваат општината на начин што ја прави поубава и пофункционална. Веќе започнавме со реализација на една сериозна програма со бројни инфраструктурни и развојни проекти кои ќе ги опфатат сите населби и населени места, со јасна цел. стабилен, уреден и модерен развој на Кисела Вода-изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре наутро постудено, во текот на денот сончево време
Утре наутро ќе биде постудено со услови за појава на магла по одделни котлини. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 19 степени.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во недела ќе се задржи сончево и тивко време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има појава на магла. Во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h)
Македонија
Ивана Ѓорѓиевска претседателка на Советот на Општина Куманово
На првата конститутивна седница на Советот на Општина Куманово, советниците за претседателка ја избраа Ивана Ѓорѓиевска.
Советот на Општина Куманово, за мандатниот период 2025 – 2029 година, е составен од 31 член, од следните политички партии (субјекти): ЗНАМ – 7 члена, ВМРО ДПМНЕ – 6 члена, ДУИ – 5 члена СДСМ – 4 члена, ДПСМ – 3 члена, ВЛЕН – 3 члена, група избирачи ИП (Иван Петковски) – 2 члена и Левица – 1 член.
На конститутивната седница присуствуваа градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, секретарот Емилија Сларидис Јаневска, претставници од општинската администрација, претставници од општинските јавни претпријатија и установи, претставници од Собранието и Владата и од ОБСЕ.
Македонија
Началникот на Генералштабот на АРМ во посета на контингентите распоредени во Романија и Бугарија
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој претстојува во тридневна работна посета на Романија и Република Бугарија, ги посети припадниците на македонскиот контингент распоредени во рамките на НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“.
Во рамки на посетата во Романија, на покана на началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, генерал Ѓеорѓита Влад, вчера, 13 ноември, присуствуваше на Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Dacian Fall 2025“, која се одржа на полигонот за обука во Чинку.
Мултинационалната вежба „Dacian Fall 2025“, која се реализира во период од 20 октомври до 13 ноември, обедини околу 5000 војници од 10 земји членки на НАТО, при што беше потврдена подготвеноста, соработката и единството на Алијансата.
Генералот Лафчиски, за време на престојот во Романија, оствари средби и со командантот на Мултинационалниот корпус југоисток, генерал-потполковник Кристијан Дан и командантот на Мултинационалната дивизија југоисток, генерал-мајор Дорин Тома, на кои беше истакнат професионализмот и придонесот на македонските војници кои се распоредени во рамките на НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“.
Во рамки на посетата на Република Бугарија, армиската делегација предводена од генерал-мајор Лафчиски оствари средби со командантот на Здружените сили на Република Бугарија, генерал-мајор Станимир Христов, командантот на бригада „Пинероло“, бригаден генерал Паоло Ведове и со командантот на Мултинационалната борбена група во Република Бугарија, полковник Матиа Широко. На средбите беше потврдена целосната интероперабилност на македонскиот контингент со останатите сили од НАТО армиите во овој состав, по што ги посети припадниците на Армијата, како дел од Мултинационалната борбена група на НАТО во Ново Село, при што им оддаде признание за нивното залагање и посветеност во извршувањето на задачите .
Придонесот на Армијата во НАТО активностите во Романија и Република Бугарија започна на крајот на 2022 година со испраќање на два свои состави во овие земји, каде заедно со припадниците на Вооружените сојузнички сили се составен дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана.

