Македонија
Началникот на Генералштабот на АРМ во посета на контингентите распоредени во Романија и Бугарија
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој претстојува во тридневна работна посета на Романија и Република Бугарија, ги посети припадниците на македонскиот контингент распоредени во рамките на НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“.
Во рамки на посетата во Романија, на покана на началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, генерал Ѓеорѓита Влад, вчера, 13 ноември, присуствуваше на Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Dacian Fall 2025“, која се одржа на полигонот за обука во Чинку.
Мултинационалната вежба „Dacian Fall 2025“, која се реализира во период од 20 октомври до 13 ноември, обедини околу 5000 војници од 10 земји членки на НАТО, при што беше потврдена подготвеноста, соработката и единството на Алијансата.
Генералот Лафчиски, за време на престојот во Романија, оствари средби и со командантот на Мултинационалниот корпус југоисток, генерал-потполковник Кристијан Дан и командантот на Мултинационалната дивизија југоисток, генерал-мајор Дорин Тома, на кои беше истакнат професионализмот и придонесот на македонските војници кои се распоредени во рамките на НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“.
Во рамки на посетата на Република Бугарија, армиската делегација предводена од генерал-мајор Лафчиски оствари средби со командантот на Здружените сили на Република Бугарија, генерал-мајор Станимир Христов, командантот на бригада „Пинероло“, бригаден генерал Паоло Ведове и со командантот на Мултинационалната борбена група во Република Бугарија, полковник Матиа Широко. На средбите беше потврдена целосната интероперабилност на македонскиот контингент со останатите сили од НАТО армиите во овој состав, по што ги посети припадниците на Армијата, како дел од Мултинационалната борбена група на НАТО во Ново Село, при што им оддаде признание за нивното залагање и посветеност во извршувањето на задачите .
Придонесот на Армијата во НАТО активностите во Романија и Република Бугарија започна на крајот на 2022 година со испраќање на два свои состави во овие земји, каде заедно со припадниците на Вооружените сојузнички сили се составен дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

