Македонија
Советот го поддржа предлогот на градоначалникот Лукровски за покривање на трошоците за комунални услуги на основните училишта во Општина Карпош
Советот на Општина Карпош одржа вонредна седница на која се разгледуваа четири точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока, советниците го поддржаа Планот на Програми за развој на локалната самоуправа за 2026 година. Имено, согласно потребите од областа на комуналните работи и уредување на просторот, ќе бидат преземени одредени активности за подобрување на инфраструктурните капацитети во општина Карпош.
Станува збор за капитални инвестиции во инфраструктурни објекти какви што се реконструкција на повеќе улици, спортски сали во рамки на основните училишта „Братство“ и „Димо Хаџи Димов“, интервенции во фекални и атмосферски канализации, како и изградба на детската градинка „Пролет“ во населбата Козле и „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе.
Потребниот консензус беше постигнат и за Предлог – Одлуката за изменување и дополнување на Општинскиот Буџет, односно ребалансот за 2025 година. Според образложението, потребата за донесување на оваа Одлука произлезе од доделувањето на средства поради зголемен износ на данок на додадена вредност (кој го исплаќа Министерството за финансии) за износ од 2.130.000 денари, како и промени на средствата во приходните и расходните ставки во колоните во косолидираниот Буџет на општината. Поточно, во консолидираниот Општински Буџет за 2025 година има промени во приходниот дел, каде што претходниот износ од 1.853.654.953 денари се зголемува на износ од 1.857.766.953 денари. Во колоната – Буџет на Општина Карпош за 2025 година има промени во приходниот дел, каде што претходниот износ од 1.059.141.953 денари се зголемува на износ од 1.061.771.953 денари. Во рамки на дебатата која се разви по оваа точка, градоначалникот Сотир Лукровски излезе пред советниците со конкретен Предлог – амандман, со кој ќе бидат пренаменети неискористените општински средства за патување во странство и расходи за репрезентација. По предлог на првиот човек на Општината, овие парични средства ќе бидат пренасочени за покривање на трошоци за комунални услуги на основните училишта од Општина Карпош. Во таа насока, мнозинството советници го поддржа предлогот на градоначалникот Лукровски, кој ќе биде составен дел од Предлог – Одлуката за изменување и дополнување на Општинскиот Буџет.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за изменување и дополнување на на Програмата за активностите во областа на спортот за 2025 година. Станува збор за измена во проектните активности за Училишните спортски лиги на Карпош за 2025 година, за стипендии за талентираните основци – спортисти од Карпош, како и за еднократна поддршка за спорт и рекреација. За Училишните спортски лиги се менува досегашната финансиска рамка од 2.050.000 на 2.624.000 денари. Фондот за стипендии за талентирани
ученици – спортисти од VIII и IX одделение од 1.100.000 денари се менува на 1.000.000 денари. Во делот за еднократна финансиска поддршка за спорт и рекреација, износот од 1.000.000 денари се менува на 765.000 денари, од каде останатите 235.000 денари се префрлаат во фондот за Училишни спортски лиги на Општина Карпош за 2025 година.
Соодветна корекција претрпе и Програмата во областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2025 година. Имено, советниците ја поддржаа измената во третата точка од оваа Програма, која се однесува на парична помош за лицата односно семејствата кои се наоѓаат во социјален ризик, или пак им се потребни финансиски средства за лекување. За таа намена се зголемува досегашниот износ од 7.000.000 денари на 9.000.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Стипендиите во основните училишта во Центар зголемени за 1.000 и 1.500 денари
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави серија мерки за унапредување на образованието и поддршка на учениците во училиштата во локалната самоуправа.
„Донесовме одлука за зголемување на стипендиите за талентираните ученици во областа на науката, техниката и посебните вештини, како и за спортските стипендии, за 1.000 денари. Водејќи се од принципот на еднакви можности, стипендиите за учениците кои доаѓаат од семејства во социјален ризик ги зголемуваме за 1.500 денари“, истакна Герасимовски.
Во рамки на поддршката за учениците, повозрасните ученици ќе имаат можност за бесплатна екскурзија преку проектот „Сакај ја Македонија“.
Герасимовски, исто така, најави дека од септември, со почетокот на новата учебна година, сите ученици кои посетуваат целодневна настава ќе добиваат бесплатен, здрав и квалитетен оброк.
Општина Центар за оваа година предвиде средства и за почеток на капитални инвестиции за изградба и реконструкција на два затворени базени во рамки на основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“.
„Со овие мерки Општина Центар испраќа јасна порака дека вложувањата во образованието, талентот и поддршката во секое дете, останува еден од највисоките приоритети“, вели Герасимовски.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.

