Свет
(Видео) Автобус се заби во станица во Стокхолм, има мртви
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи попладнево во центарот на Стокхолм, автобус се заби во автобуската станица Остермалм. Неколку лица загинаа, а неколку се повредени, пишува шведскиот „Афтонбладет“. „Експресен“ известува дека најмалку три лица загинале.
„Ова е сериозен инцидент“, изјави Софи Гунарсон, портпаролка на градската транспортна компанија „СЛ“. Несреќата е пријавена во 15:24 часот.
Службите за итни случаи потврдија дека на местото на настанот имало тешко повредени лица.
#BREAKING: Footage from Stockholm, Sweden as police confirm multiple fatalities after a bus plowed into a bus stop
Driver under arrest — TV4 https://t.co/7cgZScoezz pic.twitter.com/FUIYyNTlfA
— Rapid Report (@RapidReport2025) November 14, 2025
„Неколку лица се повредени“, изјави Оскар Давила, оператор за итни случаи. Полицијата подоцна потврди дека имало повеќе смртни случаи, но засега не дава детали. „Во моментов, полицијата не коментира информации за бројот, полот или возраста на жртвите“, објавија тие на својата веб-страница.
Причината за несреќата сè уште е непозната. „За жал, тоа не го знаеме“, кратко рече Гунарсон.
На местото на несреќата владееше хаос, а голем дел од Валхалаваген беше блокиран, што создава дополнителни проблеми со оглед на попладневниот шпиц.
„На местото на настанот има многу луѓе“, рече Давила. Еден од сведоците го опиша местото на настанот:
„Има безброј полициски автомобили, а нови постојано пристигнуваат. Метрото е исто така блокирано“. Службата SOS Alarm потврди дека неколку лица се префрлени во болница.
Полицијата започна истрага, а инцидентот се третира како сериозно кривично дело предизвикување смрт од небрежност.
„Ќе видиме како ќе се развие“, рече Надја Нортон од полицијата. Според неофицијалните информации на „Афтонбладет“, возачот на автобусот е уапсен.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон зборуваше за трагичната несреќа.
„Ја примив трагичната вест дека неколку лица се убиени и повредени на автобуска станица во центарот на Стокхолм. Луѓе кои можеби биле на пат кон дома кај семејството, пријателите или на мирна вечер дома“, рече премиерот во коментар за „Афтонбладет“.
„Сè уште не ја знаеме причината за ова, но во моментов моите мисли се првенствено со засегнатите и нивните најблиски. Полицијата, брзата помош и службите за спасување сега имаат многу тешка и важна работа. Ги повикувам сите да покажат внимание и разбирање за своите задачи“, додаде шведскиот премиер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лекот за третман на рак веќе почна да се користи во болниците во Русија
Рускиот лек „Ракурс 223Ра“ за третман на рак веќе се појави во болниците, објави денес Руската федерална медицинска и биолошка агенција.
Како што е наведено, лекот веќе е регистриран и одобрен за употреба во клиничката онкологија, а првата серија е доставена до медицинските установи, пренесува РИА Новости.
Лекот е развиен во Димитровград и е базиран на радионуклидот радиум-223, кој првенствено се користи за контрола на коскените метастази.
Се вели дека неговото зрачење влијае на метастазите со намалување на болката кај пациентите, пренесува Танјуг.
Свет
(Видео) Најмалку 28 загинати откако кран се урна врз воз во Тајланд
Најмалку 28 лица загинаа, а 64 се повредени откако градежен кран се урна врз воз во движење во североисточен Тајланд. Во возот имало околу 195 патници во моментот на несреќата, која се случила околу 9 часот наутро по локално време во среда, јавува Би-би-си.
Кранот го исфрлил возот од шините и здробил неколку вагони, од кои еден се запалил. Спасувачите успеале да ги евакуираат патниците, а повредените биле однесени во регионалните болници. Меѓу 64-те повредени има едногодишно дете и 85-годишен маж, а осум се во сериозна состојба.
Владата нареди истрага за инцидентот, најновиот во низата смртоносни несреќи што се припишуваат на безбедносни пропусти. Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул повика „некој да биде казнет и да биде повикан на одговорност“ за несреќата.
„Несреќи како оваа можат да се случат само поради небрежност, прескокнати чекори, отстапувања во дизајнот или употреба на неисправни материјали“, рече Анутин.
Свет
Поранешен израелски командант: Режимот во Иран ќе падне, наскоро ќе видиме голем американски напад
Пензионираниот бригаден генерал на израелската армија и претседател на Израелскиот форум за одбрана и безбедност (ISDF), Амир Авиви, процени дека режимот во Иран ќе падне и дека САД наскоро ќе интервенираат, пишува денес израелскиот весник „Џерусалем пост“.
„Денес можам да кажам нешто што не можевме да го кажеме пред еден месец: овој режим паѓа. Нема да има ирански режим и ова целосно ќе ја промени иднината на Израел“, рече Авиви на конференцијата доцна синоќа.
Авиви додаде дека очекува голем американски напад врз Иран.
„И навистина, мислам дека во многу блиска иднина ќе видиме масовен американски напад, со помош на Израел и демонстрантите. Мислам дека овој режим нема шанси и ќе падне“, рече претседателот на ISDF, невладина организација која собира десетици илјади резервни офицери и оперативци од сите гранки на израелските безбедносни сили.

