Спорт
Махачев едногласно ја освои титулата во велтер категорија
Ислам Махачев (34) е новиот шампион на УФЦ во велтер категорија (до 77 кг). На настанот УФЦ 322 во Њујорк, тој доминираше над поранешниот шампион, Австралијанецот Џек Дела Мадалена (29) и победи со едногласна одлука на судиите по пет рунди (50-45 x3).
Дагестанецот стана 11-от борец во историјата на УФЦ кој бил шампион во две различни тежински категории, откако претходно беше шампион во лесна категорија.
Со оваа победа, Махачев стигна до својата 29-та победа во 30 професионални настапи и го израмни учинокот на својот пријател Хабиб Нурмагомедов, но и уште еден рекорд кој со години се сметаше за недопирлив.
Махачев сега е на 16 последователни победи во кафезот на УФЦ, го изедначи рекордот на Андерсон Силва, кој беше единствениот борец со таква серија досега.
Во следниот настап, Дагестанецот ќе има можност да го надмине Бразилецот и да биде сам на врвот.
Покрај тоа, тој стана 11-от борец во историјата што ја освоил титулата на УФЦ во две различни тежински категории. Тој веќе се издвојуваше како рекордер по бројот на одбрани на појас во лесна категорија, од кои собра четири, а со новата титула дополнително го зацврсти својот статус како еден од најголемите борци во историјата на УФЦ.
Новиот шампион заработил помеѓу два и два и пол милиони долари по оваа борба, пишува порталот „Спортстер“. Дела Мадалена заработил нешто помалку, помеѓу еден и пол милион и два милиони долари.
Махачев знае каде сака да го брани шампионскиот појас. „Доналд Трамп, одиме. Дајте ни ја Белата куќа, ние доаѓаме.“
Доналд Трамп претходно објави дека на 14 јуни, на неговиот 80-ти роденден, ќе одржи настан на УФЦ во Белата куќа.
„На 14 јуни следната година, ќе имаме голема УФЦ борба во Белата куќа, токму во Белата куќа, на теренот на Белата куќа“, рече американскиот претседател за време на говорот во Норфолк, Вирџинија, по повод 250-годишнината од американската морнарица.
Шефот на УФЦ, Дана Вајт, близок пријател на Доналд Трамп, веќе објави минатиот август дека Белата куќа ќе одржи настан на MMA по повод 250-годишнината од Соединетите Американски Држави. Првично планираниот датум беше 4 јули, кога се слави Денот на независноста во САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Бентанкур ќе отсуствува три месеци
Фудбалерот на Тотенхем и репрезентативец на Уругвај, Родриго Бентанкур, ќе биде надвор од терените најмалку три месеци поради операција на тетивата, објави Би-Би-Си.
Британските медиуми потсетуваат дека играчот на Тотенхем се повреди на 7 јануари во натпреварот од 21-то коло од Премиер лигата против Борнмут (2:3).
Бентанкур (28) одигра 28 натпревари за Тотенхем во сите натпреварувања оваа сезона.
Тој е член на Тотенхем од јануари 2022 година, а пред тоа играше за Јувентус и Бока Јуниорс.
Тотенхем има проблеми со повредите на играчите, бидејќи Дејан Кулушевски, Џејмс Медисон и Мохамед Кудс се надвор од теренот.
Foto/ depositphotos
Спорт
Алонсо си заминал поради расправија со тројца клучни играчи
Чаби Алонсо, од вчера, не е тренер на Реал Мадрид. Во соопштение, Реал, објави дека клубот и тренерот спогодбено се разделиле. Чаби Алонсо отказот ќе го наплати со 15 милиони евра. Наспроти ова, британски „Атлетик“, пишува дека Алонсо заминал поради несогласувањата со клучните играчи, Винисиус Жуниор, Федерико Валверде и Џуд Белингам.
Алонсо имаше успешен старт, со 17 победи во првите 20 натпревари, но резултатите, а со тоа и атмосферата во тимот се влошија во последните два месеци. Тројцата влијателни фудбалери имале проблем со тактичкиот пристап и стилот на лидерство на Алонско.
Се вели дека проблемите започнале за време на натпреварот против Барселона во октомври 2025 година.
И покрај победата, Алонсо имаше непријатна сцена со Винисиус откако го замени. Бразилскиот напаѓач беше незадоволен од промената и одби да се ракува со тренерот. Бидејќи клубот не презеде дисциплинска мерка против играчот, Алонсо наводно почувствувал дека ја губи контролата и дека нема поддршка од клупските челници.
Федерико Валверде и Џуд Белингам, исто така имале проблем со начнот на кој Алонсо го води тимот и со неговите татктички замисли.
Белингам, по одличната прва сезона во 2023/24 и значајните улоги минатата сезона, никако не може да се врати во вистинската форма оваа сезона. Кај Алонсо, Англичанецот немаше гарантирано место во тимот, статус што го имаше кај Карло Анчелоти.
Валверде, од друга страна, поради неговата разноврсност, често играше на различни позиции, што го оддалечи од неговата претпочитана улога во средниот ред. И тој често на тренинзите влегувал во расправии со Алонсо, поради неговите тактички замисли.
Спорт
Евролигата сака да ја тужи НБА
Челниците на Евролигата ќе ја тужат НБА, објавува „Јурохупс“.
Евролигата официјално ја информираше НБА дека би можела да покрене судска постапка доколку има дискусија за нов проект во Европа со претставници на клубовите кои веќе се обврзале на Евролигата за следните десет години.
Според извори на „Јурохупс“, Евролигата испратила писмо до НБА минатата недела, а сите клубови од Евролигата кои моментално имаат А лиценца се известени.
Овој потег уште еднаш потврдува дека Евролигата и НБА се во битка за европскиот пазар, времето ќе покаже дали ќе се случи нешто драматично во наредните месеци.
Одржан е состанок на акционерите на Евролигата, каде што на Реал Мадрид, Барселона и Асвел им беше наредено да донесат одлука за својата иднина, а се верува дека Фенербахче е исто така во таа група тимови кои не потпишаа нови лиценци.
Рокот што го поставија акционерите на Евролигата за целосна посветеност на натпреварувањето истекува во петок, па одговорите би можеле да дојдат во следните денови.
Сепак, треба да се напомене дека, законски, според важечките договори, клубовите можат да потпишуваат нови лиценци до 30 јуни 2026 година.
Се верува дека Барселона и Фенербахче ќе потпишат порано или подоцна, додека Реал Мадрид останува енигма, додека деновите на Асвел во Евролигата се избројани.

