Свет
Кос: ЕУ се подготвува за нови членови, издвојувам три насоки на патот кон проширувањето
Европската комесарка за проширување Марта Кос денес изјави дека Европската Унија се подготвува за нови членови водена од прашањата за мир, демократија и безбедност, како и дека Унијата издвојува три насоки на работа на патот кон проширување на ЕУ.
На отворањето на форумот на ЕУ за проширување таа како прва насока издвои дека секој напредок постигнат со идните земји членки мора да биде кредибилен и дека кандидатите мора целосно да се усогласат со клучните вредности и ефикасно да ги спроведуваат.
„Не може да има пречки и нема да има пречки. Често ме прашуваат дали овие геополитички аргументи значат дека треба да затвораме очи пред сè и да примаме нови членови без оглед на тоа? Не, ви велам, токму спротивното е. Кога демократските структури се слаби или владеењето на правото е недостаточно, тоа може да отвори врата за злонамерно влијание, корупција и организиран криминал. Нашата Унија е изградена врз доверба меѓу нејзините членови. Успешно проширување може да се случи само кога има доверба заснована на достигнувања и заслуги“, рече таа.
Како друга насока таа издвои дека ЕУ мора да се подготви и за нови членки и дека во моментот работат на преглед на подготвеноста пред пристапувањето.
Според неа, ЕУ мора да знае какво ќе биде влијанието на идното проширување врз клучните области на политиката или буџетот и управувачките структури.
„Исто така, треба да дадеме силни одговори на загриженоста на нашите граѓани. Што значи проширувањето за нашиот модел на социјална заштита? Како може да ја зајакне контролата на нашите граници? Како можеме да обезбедиме почитување на владеењето на правото по пристапувањето? И како ќе обезбедиме непречено и ефикасно функционирање на Унијата? Мора да имаме отворена дискусија за тоа какви заштитни мерки ќе вклучиме во идните договори за пристапување за да им обезбедиме на нашите граѓани дека интегритетот на нашата Унија е заштитен“, рече Кос.
Таа истакна дека мора да има заштитни мерки што нашите нови земји членки нема да ги забележат кога сите ги почитуваат своите одговорности, како и дека овие мерки мора еднакво да бидат заштитни мерки, што може силно да влијаат врз новите земји членки кога не ги почитуваат истите правила.
„Две третини од Европејците ни кажуваат дека во моментот не се доволно информирани. Ова е проблем што мора да го решиме. Ова е заедничка одговорност со нашите земји членки“, рече Кос.
Како трета насока Кос го издвои времето потребно за проширување и објасни дека земјите кандидатки имаат потреба од време за реформи, а понекогаш и земјите од ЕУ имаат потреба од време за донесување одлуки.
„Времето што денешниот свет повеќе не ни го дава. И ако не дејствуваме брзо и решително, ризикуваме да ја изгубиме контролата врз безбедноста и стабилноста на нашиот континент. Кога мојата земја, Словенија, се подготвуваше за членство во ЕУ, тоа главно се гледаше низ призмата на просперитет. Денес, тоа е и прашање на безбедност“, рече таа.
Таа исто така нагласи дека е потребно да се осигури дека војните во Европа засекогаш ќе бидат запишани во книгите по историја и дека главното прашање е како да се заштитат демократиите од автократските тенденции.
„Денес, ние Европејците се соочуваме со многу од овие прашања како основачи на нашата Унија во 50-тите. Делумно одговоривме на овие прашања во минатото. Во 80-тите ги стабилизиравме новите демократии кога Грција, Шпанија и Португалија се приклучија на нашата Унија. На почетокот на 2000-тите го направивме истото тоа и ги проширивме стабилноста и просперитетот кога поголемиот дел од Централна и Источна Европа се приклучи на ЕУ. Денес, додека се подготвуваме за нови членови, го правиме тоа повторно, водени од прашањата за мир, демократија, а исто така и безбедност“, рече Кос.
Како што рече таа, во секој од овие дефинирачки моменти во нашата понова историја политиката на проширување одигра централна улога, а денес мора да се соочиме со силите што имаат цел да го дестабилизираат нашиот континент.
„Мора да го исчистиме нашиот континент од автократии. Мора да го одбраниме нашиот простор на слобода и демократија. Размислуваме за политика на проширување за да дадеме одговори, да ги пополниме празнините на просперитет, слобода и стабилност во целата наша Европа и да ги затвориме празнините што сè повеќе ги експлоатираат нашите противници, трговци со луѓе и криминалци“, рече Кос.
Според неа, политиката на проширување не беше само двигател на промените во нашите земји кандидатки туку и она што поттикна саморефлексија и обезбедување одговори на загриженоста на нашите граѓани, без разлика дали станува збор за нашите социјални или економски модели, миграција, корупција или организиран криминал.
Зборувајќи за автократските режими, таа рече дека тие не се обврзани со истите морални и правни правила врз кои се градат европските демократии, туку ја искористуваат нашата отвореност борејќи се во асиметрична игра и трошејќи големи суми пари за државна пропаганда и странско мешање.
„И затоа поставуваме безбедносна мрежа на демократија на нашиот континент. Можеме и мора да возвратиме. Во нашиот неодамна предложен штит за демократија првпат ги вклучивме нашите земји кандидатки исто како и нашите држави членки.
Ова е нов начин на постепена интеграција, многу важен. И повеќе не можеме да размислуваме за одбрана на нашите демократии дома во нашата Унија, без да ги браниме во нашите земји кандидатки“, заклучи таа.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Брисел со поддршка за Данска и Гренланд; Фон Дер Лајен порача: Царините на Трамп се закана за трансатлантските односи
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди на опасноста од воведување царини, кои, според неа, би ги поткопале трансатлантските односи.
Во објава на социјалните мрежи нагласи дека територијалниот интегритет и суверенитетот се основни начела на меѓународното право, клучни за Европа и за меѓународната заедница во целина.
Фон дер Лајен исто така истакна дека Европската унија стои во целосна солидарност со Данска и народот на Гренланд. Наведе дека дијалогот останува клучен и дека ЕУ е посветена на унапредување на процесот што веќе беше започнат минатата недела меѓу Кралството Данска и САД.
„Европа ќе остане обединета, координирана и посветена на зачувување на својот суверенитет“, порача таа.
Territorial integrity and sovereignty are fundamental principles of international law.
They are essential for Europe and for the international community as a whole.
We have consistently underlined our shared transatlantic interest in peace and security in the Arctic, including…
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) January 17, 2026
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно најави бран зголемување на царините за европските сојузници додека на САД не им биде дозволено да го купат Гренланд.
Во објава онлајн на „Тру соушал“, Трамп рече дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила на 1 февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Овие царини ќе се зголемат на 25 проценти на 1 јуни и ќе продолжат да важат додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД, рече Трамп.
Трамп обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ во Гренланд, велејќи дека „светскиот мир е во прашање“.
„Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска отидоа во Гренланд со непозната цел. (…) Овие земји, играјќи ја оваа многу опасна игра, презедоа неприфатлив ризик“, напиша американскиот претседател во долг пост на својата социјална мрежа.
„Со години ја субвенциониравме Данска, како и сите земји од Европската Унија и другите, со тоа што не им наплаќавме царински давачки или какви било други форми на компензација. Сега, по еден век, време е Данска да возврати – светскиот мир е во прашање! Кина и Русија го сакаат Гренланд, а Данска не може ништо да направи во врска со тоа. Тие моментално го штитат со два тима кучиња, од кои едниот беше додаден неодамна.
Само Соединетите Американски Држави, под ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ДОНАЛД Џ. ТРАМП, можат да ја играат оваа игра – и тоа многу успешно! Никој нема да го допре ова свето парче земја, особено затоа што националната безбедност на Соединетите Американски Држави и безбедноста на светот како целина се во прашање“, се вели во објавата на Трамп.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Свет
„Нема да дозволиме уцени“ – се нижат реакции по најавата на Трамп за воведување царини за некои европски земји
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изјави дека ќе излезат со заеднички одговор како реакција на новата закана на Доналд Трамп за воведување царини кон некои европски земји поради Гренланд.
Говорејќи на прес-конференција одржана непосредно по објавата на Трамп, Кошта порача: „Европската унија секогаш ќе биде многу цврста во одбраната на меѓународното право… кое, секако, започнува внатре во територијата на земјите членки на Европската унија“.
Нема да дозволиме уцени
Во меѓувреме, шведскиот премиер Улф Кристерсон реагираше на новите закани со царини што ги изнесе Доналд Трамп, а со кои е засегната и Шведска, пренесе „Дагенс Нихетер“.
„Нема да дозволиме уцени. Само Данска и Гренланд одлучуваат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд“, порача Кристерсон. „Секогаш ќе се залагам за мојата земја и за нашите сојузнички соседи“, додаде тој.
Премиерот наведе и дека по ова прашање започнал дијалог со другите земји членки на Европската унија.
Норвешка: Царините не се поврзани со безбедноста на Арктикот
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде, пак, изјави дека не разбира зошто американскиот претседател Доналд Трамп ги поврзува зголемените царини со безбедносната состојба на Арктикот.
„Постои широк консензус во НАТО за потребата од зајакнување на безбедноста на Арктикот, вклучително и на Гренланд. Не сметаме дека прашањето за царините припаѓа во овој контекст“, напиша Еиде во коментар за НТБ.
Британија: Царините целосно погрешни, Гренланд е дел од Данска
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека царините се „целосно погрешни“. Тој нагласи дека Гренланд е дел од Данска и дека „неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците“.
Во изјавата го појасни ставот на Обединетото Кралство: „Нашиот став за Гренланд е многу јасен – тој е дел од Кралството Данска и неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците. Исто така, јасно ставивме до знаење дека арктичката безбедност е важна за целиот НАТО и дека сојузниците треба да направат повеќе заедно за да се соочат со заканата од Русија во различни делови на Арктикот. Примената на царини врз сојузниците поради стремежот кон колективната безбедност на сојузниците на НАТО е целосно погрешна. Секако, директно ќе се позанимаваме со ова прашање со американската администрација.“
Макрон: Неприфатливо
Францускиот премиер, Емануел Макрон најавата за царините ја нарече неприфатлива. Порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
Данска: Изненадени сме
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
Во објава онлајн на „Тру соушал“, Трамп рече дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила на 1 февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Овие царини ќе се зголемат на 25 проценти на 1 јуни и ќе продолжат да важат додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД, рече Трамп.
Трамп обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ во Гренланд, велејќи дека „светскиот мир е во прашање“.

