Македонија
Министерство за енергетика: „Почнува најголемата енергетска обнова на државните институции – тригодишен план за модернизација на 14 јавни згради“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го финализираше Планот за реконструкција на згради кои ги користат лицата од јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – документ кој поставува, како што е соопштено, јасна, тригодишна рамка за најобемната енергетска обнова на институции во земјата досега. Планот веќе е усвоен од Владата, по процес на усогласување со вкупно 33 институции.
Овој стратешки документ, нагласуваат од министерството, произлегува од реформската агенда и законската обврска секоја година да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради. Притоа, мерките за енергетска ефикасност се задолжителен дел од секоја реконструкција.
Во програмата се опфатени 14 јавни згради со вкупна корисна површина од 102.992 m², во кои функционираат 33 институции, што секојдневно ги користат повеќе од 5.000 лица. Целта е: намалени енергетски трошоци, подобрени услови за работа, помали емисии и модернизиран јавен сектор согласно европските стандарди.
„Кои објекти се реконструираат?
Планот ги групира зградите според нивната состојба и итноста на интервенцијата:
· Прва група – објекти во лоша состојба, кои се приоритет за реконструкција: зградата на Министерството за здравство (заедно со Институтот за јавно здравје и ДСЗИ), зградата на Државниот завод за статистика, објектот на Агенцијата за катастар на недвижности и главната зграда на Управата за хидрометеоролошки работи.
· Втора група – објекти во добра состојба, но со значајни потреби од санација: дел од комплексот на Министерството за економија и труд, зградата во која се сместени Агенцијата за администрација, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, како и големиот административен блок на МИОА, МОН, МЛС, ДИК, Агенцијата за лекови, УМЕ и Секретаријатот за законодавство (НИП „Нова Македонија“).
· Трета група – Осум објекти претходно реновирани, но кои имаат потреба од енергетска надградба и современи системи.
Модернизација со јасен фокус: заштеда, ефикасност и обновливи извори
Секоја зграда ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки – од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката.
Овие интервенции се насочени кон драстично намалување на трошоците за енергија во јавниот сектор, кои традиционално се високи и го оптоваруваат буџетот на институциите. Паралелно, планот ги намалува емисиите на CO₂ за 29%, односно за 1.091 тони годишно, што претставува значајна придобивка за квалитетот на воздухот во урбаните средини“.
Индикативната вредност на Планот изнесува околу 11,11 милиони евра, вклучувајќи технички контроли, проекти, надзор и изведба. Процесот ќе се одвива во координација со сите 33 институции чии објекти се предмет на реконструкција.
Паралелно, Планот претставува важен чекор во транспонирањето на европското законодавство во делот на енергетската ефикасност (Директивата 2018/2002/EU и Регулативата 2018/1999/EU) и е директно усогласен со обврските кон Енергетската заедница.
Министерството ќе работи на обезбедување финансиски средства, воспоставување функционална единица за спроведување, како и брза подготовка на документацијата потребна за старт на реконструкциите.
Реализацијата на оваа тригодишна програма ќе значи подготвен јавен сектор со поефикасни и поекономични институции, современи стандарди за одржливост и директни придобивки за граѓаните. Помалку загадување, подобар квалитет на воздухот и поефикасно трошење јавни пари – придобивки што ќе ги почуствуваат и институциите и граѓаните, најавуваат од Министерството за енергетика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

