Македонија
Димитров: Најголем безбедносен ризик за граѓаните од регионот е корупцијата
Не надворешни закани, туку лошо владеење, тоа е најголемата закана за граѓаните од регионот и тоа го видовме со трагедиите во Нови Сад, Кочани, Тузла, но и во Грција со железничката несреќа, оти очигледно и земјите членки не се имуни на корупција”, порача претседателот на “Солуција”, Никола Димитров на Белградската безбедносна конференција.
„Имаме сѐ помалку демократија и сѐ помалку принципиелни актери на глобалната сцена”, кажа Димитров зборувајќи денеска во Белград на панел дискусијата “Изгубени во геополитиката? Пост – југословенски погледи на безбедноста, суверенитетот и иднината на Европа”.
„Ако ги прашате борците за демократија, за човекови права, владеење на лесното и медиумски слободи, кои им се најголеми сојузници верувам дека полесно ќе одговореа на ова прашање пред 10 години. Нашите природни сојузници за демократски процеси веќе не се очигледни”, оцени Димитров анализирајќи ги слабостите на вредносниот систем на Западниот свет.
Зборувајќи за најголемите закани за балканските граѓани денес, тој истакна дека недостигот на добро владеење е безбедносен ризик број еден во сите наши земји:
„Видовме со трагедијата во Нови Сад, видовме и во мојата земја, со страшниот пожар во Кочани, неодамна видовме и во Тузла, ама видовме и во Грција со големата железничка несреќа, оти очигледно и земјите членки не се имуни. Неказнивноста, корупцијата и лошото владеење се најголем ризик”.
Дали сме Македонци и дали ни е јазикот македонски не е дебата за овој век и за овој континент.
Во однос на надворешните фактори, Димитров ја цитираше анкетата на ИРИ од минатата година, каде македонските граѓани оценуваат дека за нас најголема закана е Бугарија, додека Грција после Преспанскиот договор падна на шесто место.
“Го решивме проблемот, инвестиравме огромен политички капитал и кога мислевме дека конечно ќе се занимаваме со реформи, ние бевме пак блокирани и тоа од Франција прво. Тоа вето од Франција го поплочи патот за ново вето од Бугарија, за прашања што не се поврзани со вистинските критериуми. Дали сме ние Македонци и дали зборуваме македонски јазик – ова не е се дебати од овој век и не се дебати за овој континент!”, порача Димитров.
Тој заклучи дека имаме сите за растење и ние како регион и самата ЕУ:
“Треба да учиме од балтичките земји како да соработуваме и како да си помагаме. Точно е дека сега има едем прозорец, поттикнат од војната во Украина и дополнително од предизвиците во трансатлантските релации и нам како Европејци мора да ни стане јасно дека ЕУ мора повеќе сама да се грижи за себе”.
На панел дискусијата заедно со Димитров беа и Петра Ротер, професорка по меѓународни односи од Љубљана, Неџма Џановиќ Мирашчија, професорка по политички науки од Сараево и Вук Вуксановиќ, од Белградскиот центар за безбедносни политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 12:30 часот
Центарот за управување со криви направи пресек на состојбата по обилните врнежи до 12:30 часот.
Скопски регион
– На подрачјето Скопје не се евидентирани нарушувања на редовната состојба. Во моментов нема врнежи од дожд или снег и состојбата е стабилна.
Тетовски регион
– Состојбата во Тетово и околината е стабилна, без нарушувања во редовното функционирање. Сите патни правци се проодни, а коловозите се претежно влажни.
– ЈП „Македонија пат“ редовно го одржува патниот правец Тетово – Попова Шапка.
– Во врска со појавениот одрон на патниот правец Гостивар – Маврово, кај каменоломот, надлежните служби се известени и најавено е ангажирање екипа за расчистување и нормализирање на сообраќајот.
Струмички регион
– На територијата на Струмица нема пријави за настанати штети. Во моментов нема активни врнежи и не постои опасност од излевање на реките. Не се евидентирани одрони или непроодни патни правци.
Велешки регион
– На подрачјето на Велес состојбата е стабилна, без нарушувања, и во моментов нема врнежи од дожд или снег.
Кумановски регион
– На територијата на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање.
– Сите патни правци се проодни и чисти. Патниот правец од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат, но по интервенција од ЈП „Македонија пат“ истиот е целосно расчистен.
– Во Крива Паланка, Кратово и Страцин сите главни патни правци се проодни, со тековни интервенции за расчистување на одрони и снег на одредени локални делници.
Штипски регион
– На подрачјето на Штип во моментов нема врнежи, а состојбата е стабилна.
Охридско-струшки и западен регион
– Во Охрид, реката Сушица е ставена под контрола со изградба на заштитен насип. Сепак, на повеќе локации се уште има поплавени подрумски простории и дворови.
– Во Струшко, во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови, а состојбата се следи од надлежните служби.
– Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но без опасност од излевање. Патните правци се проодни, со појава на помали одрони кои редовно се расчистуваат.
– Во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на Општинскиот кризен штаб за натамошни активности.
Битолско-пелагониски регион
– Во Демир Хисар, поради оштетување на мост на Боишка река, локалниот пат за с. Мренога е затворен за сообраќај.
Реките се вратени во коритата, освен река Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се уште има излевање и поплавени земјоделски површини.
– Во Битола, состојбата е нормализирана, а водата постепено се повлекува од зафатените површини. Нивото на река Црна кај Новаци изнесува 320 см.
– Во Ресен, поплавените земјоделски површини се во фаза на повлекување на водата, а во тек се интервенции за расчистување на коритото на Голема Река.

