Македонија
(Видео) „Власта ги одби амандманите за прогласување на Кожув и Огражден за заштитени подрачја“, велат од партијата Левица
Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, ги образложи амандманите со кои пратеничката група повторно предложи да се издвојат по 200.000 евра во Буџетот за 2026 година за изработка на студии за валоризација на планините Кожуф и Огражден – како прв чекор кон нивно прогласување за национален парк, односно заштитено подрачје. И покрај образложението и јавната поддршка за заштита на овие региони, власта ги одби предложените амандмани, известува партијата Левица.
Јанчев потсети дека Кожуф претставува национално богатство што повеќе од една деценија е под континуиран притисок од поединци кои, во трка по профит, се обидуваат да ја загрозат планината. Како доказ за јасната волја на граѓаните, тој го наведе референдумот од 2017 година во Општина Гевгелија, кога од излезените 69% граѓани, дури 99% гласале за заштита на Кожуф.
Јанчев истакна дека Кожуф одамна не е локална тема, туку национален интерес и национален проблем, што се потврди и ова лето со 72-дневната блокада на Дошница, организирана од граѓани од целата држава, со цел спречување на изградба на две мали хидроцентрали на најчистата река во Македонија.
Пратеникот исто така го образложи и амандманот за издвојување 200.000 евра за студија за валоризација на планината Огражден, неопходна за нејзино прогласување за заштитено подрачје. Тој предупреди дека веќе една деценија овој регион е под закана од отворање рудник кај Иловица и Штука – проект што граѓаните со право го нарекуваат „рудник на смртта“.
Јанчев нагласи дека планираното хидројаловиште, со предвидена брана висока 276 метри (највисока од овој тип во светот) претставува директен ризик за здравјето на граѓаните, водите и земјоделството во Струмичката котлина. Дополнителен ризик е и фактот што регионот е трусен, а евентуален дефект или земјотрес би имал катастрофални последици.
Пратеникот истакна дека е време власта конечно да ја избере вистинската страна – страната на народот и заштитата на природното богатство, а не страната на профитерите.
„Сепак, власта, исто како и минатата година, и овој пат ги одби и двата амандмани, оставајќи ги процесите за заштита на Кожуф и Огражден без поддршка и во 2026 година“, се додава во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Гласањето се одвива без проблеми
Гласањето на болните и немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните локални избори, се уште е во тек, информира Државната изборна комисија.
„Според податоците пристигнати до Државната изборна комисија до 15:30 часот, од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено поправните установи, гласале 44 лица. Од вкупно пријавени 249 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, до 15:30 часот, правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. 2 лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово и Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека „досега гласањето се одвива без проблеми и на секој гласач му е овозможено непречено да го оствари своето право на глас“.
Македонија
УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег
Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува да бележи благо намалување, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во благо намалување е и водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот но се уште е прилично висок. Останува висок и водостојот на река Треска и на река Кичевска каде сеуште со внимание треба да се следи состојбата. Исто така, во Охридско-Преспанскиот регион сеуште е висока влажноста на земјата и високи се подемните води така што можно е и понатаму да се појавуваат заезерени површини во Струшкото Поле. Водостојот на река Црна во долниот дел од сливот е во намалување но останува можноста за појава на заезерени површини во Пелагониската Котлина“, велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека „за време на вечерните часови и ноќта се очекува заладување на времето и врнежите насекаде да бидат во вид на снег. До тогаш остануваат високи водостоите во посочените региони и останува можноста за појавување на заезерени површини во котлините и низините. Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците до крајот на денот“.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.

