Спорт
Ферстапен победи, Норис и Пјастри дисквалификувани во Лас Вегас
Возачите на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пјастри, беа дисквалификувани од Големата награда на Лас Вегас.
Техничкиот делегат на ФИА, Џо Бауер, им пријави на стјуардите по трката, неправилности на болидите на Мекларен.
Инаку во Лас Вегас победи Макс ферстапен, кој ја искористи грешката на Норис во првата кривина, го презеде првото место и го задржа до крајот. Трката втор ја заврши Норис, а трет Џорџ Расел од Мерцедес, пред Пјастри и тимскиот колега Андреа Кими Антонели кој стартуваше од 17-то место.
Прегледот на болидите по трката покажа дека двата болида на Мекларен имале заштитни плочи кои биле девет милиметри потенки од пропишаниот минимум.
Таа информација беше проследена до стјуардите за потенцијално прекршување на Правилото 3.5.9.e, од Техничките прописи.
Според правилата, тоа е прекршок за дисквалификација, а по сослушувањето на возачите и претставникот на тимот, беше донесена таква одлука. Истата судбина ги снајде и возачите на Ферари оваа сезона, по трката во Кина.
Ова значи дека и Норис и Пјастри останаа без освоени бодови на патеката – Норис го освои второто место, а Пјастри по голема борба и казната што ја доби Антонели (пет секунди) стигна до четвртото место.
Првите десет ги комплетираа: Шарл Леклер, Карлос Саинц, Исак Хајар, Нико Хилкенберг, Луис Хамилтон, Естебан Окон и Оливер Берман.
На две трки до крајот на сезоната, пласманот за титулата сега изгледа вака:
Ландо Норис 390, Макс Ферстапен 366, Оскар Пјастри 366.
До крајот на сезоната остануваат уште две трки. Првата во Катар на 30 ноември и втората во Абу Даби на 7 декември. Норис може да стане шампион во Катар доколку освои два поени повеќе од Ферстапен и Пјастри.
Foto/ EPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Парма по 24 години победи на „Бентегоди“
Фудбалерите на Парма славеа како гости во Верона (2:1), во првиот натпревар од денешната програма, во рамките на 12-то коло од Серија А.
Парма ја забележа првата победа на „Бентегоди“ од 2001 година. Херој беше Матео Пелегрино, кој постигна голови во 18-та и 80-та минута. Стрелец за домашниот тим беше Жиоване во 65-та минута од натпреварот.
Парма го постигна голот за победа по големата грешка на еден од играчите на Верона. Тој се обиде да ја врати топката од половина терен до својот голман, акцијата ја следеше Пелегрино, ја пречесе топката, а потоа го лобуваше Лоренцо Монтипо.
Парма славеше по два месеци и сега е 15-та со 11 бода, додека Верона остана заглавена на претпоследното место со шест бода и без ниту еден триумф од почетокот на сезоната.
Foto/ EPA
Спорт
Говор од 78 минути – Флорентино Перез доби овации за критиките кон УЕФА, Ла Лига, Барселона…
На годишното Собрание на Реал, првиот човек на „кралскиот клуб“ остро ги критикуваше практично сите нивоа на фудбалот. За тоа, тој доби овации од сите делегати.
Годишната седница на Собранието на Реал ја отвори Флорентино Перез, кој по којзнае кој пат „удри“ по Ла Лига и нејзиниот шеф Хавиер Тебас, кон УЕФА и кон Барселона и секако кон судиите.
Не е прв пат, но зборовите на Перез, се чини, никогаш не биле толку остри. Говорот на првиот човек на клубот траеше 78 минути и, според новинарите од Шпанија, никогаш еден негов говор не бил успратен со толку многу аплаузи. Сите делегати, со оваации ја поздравиле неговата презентација.
„Освоивме 30 титули во последните 15 сезони, но сите знаеме што се очекува од Реал. Минатата сезона се боревме до самиот крај, но мора да се сетиме дека таа сезона беше многу тешка поради повредите на Карвахал и Милитао. Себаљос, Камавинга, Менди исто така имаа повреди. Одигравме повеќе од 80 натпревари и тоа е резултат на сè понапорниот распоред“, рече Перез.
Критика кон УЕФА
„Не е вистина дека сме против сè, туку сме против она што е нелегално и неетичко. Не е ниту нормално ниту легално да се обидувате да им ја одземете можноста на клубовите да организираат свои турнири. Не е нормално УЕФА да се обидува да ја одреди нашата судбина или да нè принудува да играме натпревари во формати што не се добри за навивачите. Никој не може да нè казни – клубовите се слободни, како што покажува пресудата.
Имаме две права – правото на надомест што се мери во милијарди евра и правото да го воспоставиме нашето натпреварување, и ве уверувам дека ќе ги искористиме обете права. Но, имајте предвид дека УЕФА се грижи за своите гласачи. Затоа нè принудуваат да играме натпревари во Азија или на границата со Кина. Тоа не е нормално во 21 век, а самото гледање фудбал станува премногу скапо.“
Потоа дојде Ла Лига и Хавиер Тебас
„Нивото на судење во Ла Лига е едноставно неприфатливо. Голем срам е што ФИФА не избра ниту еден од 35-те шпански судии. Исто така, неприфатливо е што Барселона, од која било причина, му плаќа на потпретседателот на судиите осум милиони евра во последните 17 години. Тој беше на важни позиции, и дали е случајност што во тој период Барселона ги забележа најдобрите резултати?
Исто така, не е нормално што Ла Лига продолжува да троши милиони евра од нашите пари на неуспешниот проект на Музејот на легендите, што треба да ги оправда инвестициите во медиумите.
Постојат медиуми кои се создадени само за да му наштетат на Реал. И уште позагрижувачки е што го прават тоа отворено. Нивниот претседател одбива да ни даде информации.
Ќе кажам уште неколку работи. Сега е на нив да ги утврдат своите одговорности. Претседателот на Ла Лига дејствуваше сам и мора да преземе одговорност. Не смееме да заборавиме на начинот на кој беше реагирано на штрајкот на играчите. Сите сме сведоци на срамна цензура. Не знам што беше посрамно – одложувањето на натпреварите за 30 секунди или фактот што за луѓето пред екраните беше напишано „ние сме посветени на мирот“. На кој мир?
Дали мислите дека е нормално што некои играчи на Реал освоија повеќе титули во Европа отколку во лигата? Мислам дека тоа е проблемот.
Исто така, не мислам дека е нормално претседателот на лигата да биде потпретседател на фудбалската асоцијација. Исто така, сакам да ви кажам нешто што никој не го знае – претседателот ми понуди да бидам член на Сојузот. Морав да им кажам дека мислам дека не ме познаваат.“
Ниту Здружението на европски клубови не се извлече од критиките
„Баравме договор со УЕФА, но тоа не беше можно. Ни рекоа да одиме во Здружението на европски клубови. Но, од Здружението не замолија да се откажеме од борбата против УЕФА. А тоа потенцијално би значело откажување од милијардите евра што ќе ги добиеме на крајот.“
За крај упати и извинување поради еден бизарен детаљ што го одбележа Собранието: додека траеше говорот.
Реал им се извини на Елче и на играчот на овој клуб, Андре да Силва, чија слика, по грешка, се појави во видеото наместо сликата од Андреа Силва, братот на Диого Жота, кој загина во сообраќајна несреќа со играчот на Ливерпул.
Foto/ EPA
Спорт
Погба воодушевен, навивачите го поздравија со овации
По две години, два месеци и 19 дена, Пол Погба му се врати на фудбалот.
Толку време помина откако беше суспендиран поради позитивен допинг тест. И многу, многу повеќе помина од последниот пат кога одигра цел натпревар. Триесет и двегодишниот Погба влезе во игра во саботата во 84-та минута во поразот на Монако од Рен (1:4).
Навивачите го поздравија со овации.
Погба беше многу емотивен по само десет минути на теренот.
„Во моментот кога ја видов публиката како станува и аплаудира, не можев ни да замислам дека тоа некогаш ќе се случи. Сега е лесно бидејќи повторно играм фудбал, тоа е она што го сакам најмногу на светот“, им рече Погба на новинарите.
„Сè уште има многу работа, патот до враќањето во форма е долг, денот кога ќе можам да играм 90 минути е далеку. Ако не играм добро за Монако, можам да заборавам на дресот на репрезентацијата.“
Но, верувам во себе, во мојот квалитет. Знам дека она што се случи не беше моја вина, никогаш не престанав да верувам“, рече Погба.

