Македонија
Членови на собраниски комисии со Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија: стабилен партнер, пријател и поддржувач на европската интеграција
Парламентарната дипломатија важен механизам за зајакнување на институционални врски и поддршка на реформските процеси
Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија и Комисијата за европски прашања остварија одделни средби со Делегација на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, предводена од Наталиа Усеро Перес.
На средбата со Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, претседателот на Комисијата, Муса Џафери, истакна дека Шпанија е стабилен партнер, пријател и поддржувач на европската интеграција на Република Северна Македонија. Билатералните односи се карактеризираат со искрено пријателство, политичка поддршка и заедничка посветеност на европските вредности.
Се очекува и понатамошна поддршка од Шпанија во надминувањето на актуелните предизвици поврзани со блокадата од страна на Бугарија на патот кон ЕУ. Во фокусот на разговорот беа и предизвиците со кои се соочуваат земјите во борбата против корупцијата и потребата од заедничко дејствување.
„Ние, како парламент, веруваме дека редовниот дијалог меѓу пратениците на двете земји создава силна основа за развој на демократските процеси, олеснува меѓусебно разбирање и придонесува кон подобри политики во интерес на граѓаните“ – заклучи Џафери.
Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски истакна дека денешната средба претставува важна можност за потврда и дополнително зајакнување на долгогодишната соработка помеѓу девете земји. Со Шпанија споделуваме искрено пријателство, конструктивно партнерство и заедничка посветеност на еропските вредности и стандарди.
Во економска сфера од една страна, нашата соработка бележи позитивни резултати, но постои и голем потенцијал за натамошно проширување особено во делот на енергетиката, инфраструктурата, туризмот, образование и зелените технологии. Од друга страна во областа на парламентарната дипломатија, двата парламенти имаат традиција на плодна комуникација, средбите на високо ниво, парламентарните групи за соработка претставуваат важен механизам за зајакнување на институционални врски и поддршка на реформските процеси.
Наталиа Усеро Перес, истакна дека е овде со голем интерес и ентузијазам да се запознае со проблемите со кои се соочува Северна Македонија, Францускиот предлог и можните решенија кои ќе ја доведат до интеграција во ЕУ.
Членовите на Комисијата упатија благодарност што Шпанија остана принципиелен поддржувач на европската перспектива на нашата држава и на политиката на
проширување на Унијата, воедно беа едногласни дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за пристапниот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

