Македонија
Мицкоски: 6.045 пристигнати апликации, најголем интерес за искористување на мерката за самовработување
Како Влада, силно веруваме дека економијата расте тогаш кога граѓаните имаат поддршка да создаваат, да иновираат и да стануваат претприемачи, затоа мерката за самовработување, како дел од Оперативниот план, е една од најатрактивните и најуспешните програми во државата, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Оваа година го имаме најголемиот интерес досега – стигнаа вкупно нешто повеќе од 6.000 апликации, што е силен индикатор дека граѓаните имаат желба, знаење и самодоверба да изградат сопствен бизнис, а државата им стои зад грб со конкретна и рекордна финансиска поддршка. До овој момент се издадени 2.916 ваучери за изработка на бизнис план, а оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност.
Во моментот 2.545 лица веќе се во процес на потпишување договори за грант, по што ќе следи дводневната обука што им помага посигурно да тргнат во претприемачките води“, информира Мицкоски.
Од вкупно 6.045 апликации, 3.296, како што рече, се од млади лица под 29 години.
„Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО. Ова не се само бројки – ова се нови бизниси што ќе отворат нови занаетчиски работилници, ИТ-стартапи, услуги, производствени мали фирми, нови можности за развој и зајакнување на целата економија. Мерката за самовработување е дел од Оперативниот план за 2025 година кој тежи над 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година и претставува рекорден износ на поддршка. Со овој план во 2025 ќе бидат опфатени 16.507 лица – најголем опфат досега, што е јасен доказ дека државата инвестира во најголемата сила што ја има, а тоа се граѓаните“.
Министерството за економија и труд заедно со Агенцијата за вработување предложиле ревизија на Планот, при што се прераспределени дополнителни 300 милиони денари, кажа Мицкоски.
„Со тоа се додадоа уште 161 милион денари обезбедени преку ребалансот на Буџетот, само со една цел: ниту еден потенцијален претприемач да не остане без шанса“.
Оваа мерка како што оценува Мицкоски е силен инструмент во стратешката борба против невработеноста.
„Наместо пасивни мерки и чекање на пригодни околности, ние ја менуваме филозофијата – од држава која само обезбедува социјална поддршка, се претвораме во држава која создава можности, охрабрува личен напредок, поттикнува храброст и им дава на луѓето алатки за да станат самостојни.
Самовработувањето создава работни места таму каде што нема големи фабрики, отвора перспективи во руралните средини, ги активира младите, ги зајакнува жените претприемачи и им овозможува на секој со добра идеја да ја претвори во успешна економска приказна“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

