Свет
„Скај њуз“: „Мировниот план“ на Трамп звучеше како руски, сега знаеме зошто
Ако постоеше одредена забуна во врска со потеклото на американскиот мировен предлог за Украина, кој очигледно носеше руски потпис, ситуацијата сега е многу појасна. Клучот за разбирање на ненадејното свртување на Вашингтон кон Москва лежи во улогата на американскиот претставник Стив Виткоф и неговите блиски врски со Русите, објавува „Скај њуз“.
Шокантни детали од разговорот
Извештајот на „Блумберг“ за неодамнешните активности на Виткоф открива изненадувачки детали за неговите комуникации со Јуриј Ушаков, висок советник за надворешна политика на Владимир Путин. Меѓу другото, американскиот претставник наводно го советувал рускиот функционер како да се справи со Доналд Трамп.
Во телефонски разговор минатиот месец Виткоф го информирал Ушаков за претстојната посета на украинскиот претседател Зеленски на Белата куќа и му предложил на Путин да разговара со Трамп пред состанокот.
По тие разговори, Виткоф и неговите руски колеги составија контроверзен мировен предлог, a САД потоа извршија притисок врз Украина да го прифати. Затоа извештајот прикажува неласкава слика за претставникот на Трамп прикажувајќи го како еден вид корисен идиот, според „Скај њуз“.
Постојат сериозни прашања за неговиот ангажман со Русите, како и загриженост за потенцијално катастрофалните последици. Неговите постапки ја зајакнаа заканата што Москва ја претставува за Украина и за безбедносната архитектура на Западна Европа.
И покрај сето ова, Доналд Трамп го враќа Виткоф во Москва на понатамошни разговори насочени кон решавање на застојот меѓу Украина и Русија. Самиот Трамп изјави дека верува оти тие се многу блиску до договор и дека запирањето на војната ќе биде полесно отколку во претходните обиди.
Од друга страна, Путин им даде малку или никакво охрабрување на Американците за нивниот план, а Киев се ужасува од постапките на претставникот на Трамп. Во Украина тие очајуваат од неговото континуирано вклучување верувајќи дека тоа многу кажува за перспективата на Трамп и каде лежи неговата лојалност.
Во која било друга администрација Виткоф ќе беше отпуштен затоа што беше непоправливо компромитиран. Во кое било друго време ова ќе се сметаше за скандал од прв ред. Но, под Доналд Трамп скандалот се чини дека повеќе не е она што некогаш беше.
Додека претседателот Зеленски вели дека „Украина сè уште има потреба од одбранбена поддршка“, коментирајќи ги предлозите за ограничување на бројот на војници, Трамп и неговиот врвен човек продолжуваат да соработуваат со Владимир Путин. Врз основа на доказите за интеракциите на Стив Виткоф, динамиката на моќ во овој однос се чини дека е помалку на страната на Трамп отколку што се сметаше претходно, заклучува анализата на „Скај њуз“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

