Македонија
Муцунски во Стразбур: Македонскиот јазик, идентитетот и достоинството на граѓаните не може да бидат предмет на преговарање
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево учествуваше и се обрати на 24-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – Европска унија, што се одржува на 26 и 27 ноември 2025 година во Стразбур.
Во своето обраќање пред членовите на Комитетот,Муцунски истакна дека Стразбур, како дом на европската демократија, претставува силен потсетник на европските вредности кон кои нашата држава е посветена веќе две децении. Тој потсети дека оваа година се навршуваат 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, период во кој земјата спроведе значајни реформи и покажала конзистентна определба за европската интеграција.
Министерот нагласи дека македонските граѓани остануваат силно проевропски ориентирани, но дека е неопходно процесот на проширување да биде предвидлив и меритократски за да се спречи појавата на евро-песимизам. Во таа насока, тој укажа дека државата е 100% усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, активно поддржувајќи ја Украина и придонесувајќи кон зајакнување на европската безбедност како директен партнер и НАТО-сојузник.
Муцунски се осврна и на реформските процеси поврзани со Планот за раст и Реформската агенда 2024–2027, истакнувајќи дека реформите се насочени кон економски развој, задржување на младите и привлекување инвестиции. Тој подвлече дека државата веќе докажува дека може да придонесува кон стабилноста на регионот и Унијата, меѓу другото и преку првото партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ во рамките на Западен Балкан.
Во делот на билатералните прашања, министерот посочи дека продолжената блокада од страна на Бугарија не и штети само на нашата држава, туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабува стратешките интереси на регионот. Тој нагласи дека успехот на европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив. Повтори дека македонскиот јазик, идентитет и достоинството на граѓаните не се, и не може да бидат предмет на преговарање.
Министерот потенцираше дека државата останува конструктивен партнер во регионот, посветена на добрососедските односи, исполнувањето на меѓународните обврски и унапредувањето на соработката со сите соседи каде што тоа носи конкретни придобивки за граѓаните.
На крајот од обраќањето, Муцунски изрази благодарност до Европскиот парламент за доследната поддршка на европската перспектива на земјата и порача дека македонските граѓани остануваат цврсто проевропски. Тој повика на партнерство засновано на јасни, предвидливи и фер критериуми, со уверување дека заеднички може да се претвори евентуалниот евро-песимизам во обновен европски оптимизам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

