Македонија
Муцунски во работна посета на Литванија: во фокусот продлабочување на економската соработка меѓу двете земји
На покана на министерот за надворешни работи на Република Литванија, Кештутис Будрис, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски од 26 до 29 ноември 2025 година ќе оствари работна посета на Република Литванија.
Во рамки на посетата, покрај средбата со својот домаќин, министерот Будрис, во литванскиот Парламент Муцунски ќе оствари средба со литвански пратеници членови на комисиите за надворешни работи, ЕУ прашања и членови на Групата за соработка со земјите од Западен Балкан.
Во фокус на разговорите на вториот ден од посетата ќе бидат економските потенцијали и развојот на трговските односи, при што Муцунски ќе ја посети литванската Конфедерација на индустријалци, каде ќе оствари средба со нејзиниот претседател Видмандас Јанулевичиус и Министерството за економија, каде ќе се сретне со министерот Eдвинас Грикшас.
Во Вилнус, Муцунски ќе оствари и средба со македонски исселеници кои живеат и работат во Литванија.
Ова е прва посета на министерот Муцунски на Вилнус и се реализира во годината во која двете земји одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Целта на посетата е севкупно интензивирање на билатералните односи, со посебен акцент на продлабочувањето на економската соработка меѓу двете земји. Главни теми на разговорите ќе бидат билатералните односи, македонската интеграција во ЕУ, како и клучни регионални, европски и трансатлантски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе добие нов лик
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера вечер, преку социјалните мрежи порача дека кејот на Вардар ќе добие нов лик.
Тој заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, изврши обиколка на кејот на реката Вардар.
„Од утре официјално започнуваме со реконструкција на спортските терени, со што овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации.
Кејот ќе добие нови и целосно реконструирани терени за фудбал, одбојка и баскет, нова урбана опрема, како и модерни фитнес зони на отворено, достапни за секој граѓанин.
Со проектот се опфатени и спортските терени во Маџир Маало, кои исто така ќе бидат унапредени и ставени во функција на заедницата“, напиша Ѓорѓиевски.
Македонија
Претпладне претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежи од дожд и снег
Претпладне претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф 80 мм на улицата Мирослав Крлежа бр.54, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Мирослав Крлежа во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.

