Македонија
(Видео) Тренчевска: Со ВМРО-ДПМНЕ дупката во ПИОМ достигна 1 милијарда евра, одржливоста на пензиите е загрозена
Пратеничката од Социјалдемократаскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска, на денешните пратенички прашања упати прашање до заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, за состојбата со Фондот за ПИОМ и за динамиката на исплата на пензиите.
Тренчевска во своето обраќање посочи дека дупката во Фондот за ПИОМ е над 1 милјарда евра, односно толку пари државата ќе префрла за да може пензиите да се сервисираат секој месец.
„Сервисирањето на социјалните обврски кон граѓаните треба да е приоритет на секоја влада. За сите исплати да течат во согласност со законските рокови, клучно е парите да бидат обезбедени во буџетот на Министерството.
Tоа на што сме сведоци е дека состојбата со буџетот на Министерството во делот на пензиите е алармантна.
Но, не е само со пензиите, и со правата и надоместоците за социјална заштита исто така, како и со социјалните услуги и со заштитните друштва, едноставно – нема доволно пари на ставките за овие права“, нагласи таа.
Додаде дека пари за исплата на декемвриската пензија нема ниту во буџетот на Министерството за социјална политика ниту во Фондот за пензиско.
„За сето ова бројките се сведок и тие постојат во документите. Ова значи дека вие немате пари за да трансферирате до Фондот за да се исплати декемврската пензија.
За каква социјална сигурност на пензионерите зборувате?
Или важно ви беше само да ги искористите и излажете граѓаните за изборите“.
Јавна тајна е, рече Тренчевска, зошто, меѓу другото, се задолживте со унгарскиот кредит.
„Не за да реализирате капитални инвестиции, туку за да го покриете дефицитот во Фондот, кој за само една и пол година на власт го продлабочивте за над 50 %. Знаете ли дека со ваков дефицит ги ставате во ризик исплатите не само на сегашните пензионери туку и на сите идни пензионери?
И да не спинувате дека СДСМ е против зголемување на пензиите – ние сме ЗА зголемување, за да растат пензиите, но мора и да се чува стабилноста на Фондот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

