Македонија
Општина Кисела Вода: Бесплатни логопедски услуги достапни и во Драчево
Општина Кисела Вода соопшти дека ги проширува бесплатните логопедски, дефектолошки и психолошки услуги и за децата од Драчево и од околните населби Пинтија, Усје и Стаклара, како одговор на зголемениот интерес и реалните потреби на семејствата.
Денес, во Домот на културата во Драчево, каде што ќе бидат сместени новите простории на ГАСПАР Центарот, беше промовирано проширувањето на оваа услуга. Настанот се одржа во присуство на родители, деца, дефектолози, наставници од училиштата и градинките, како и стручни лица вклучени во процесот.
„Со оглед на тоа што веќе една и пол година, ГАСПАР Центарот успешно реализира вакви часови во Припор, а интересот и бројот на корисници постојано расте, Општина Кисела Вода одлучи да ја направи услугата подостапна и за овој дел на општината, уште еднаш потврдувајќи ја својата лидерска улога како прва општина во државата што овозможи ваков тип бесплатна поддршка за децата.
-Со ова, ја прошируваме услугата која веќе 1.5 година успешно се реализира во Припор, а од денес, таа станува подостапна и за овој дел на општината. Нашата цел е јасна- треба и мора да има навремена поддршка, полесен пристап и услуга поблиску до семејствата.
Општина Кисела Вода беше и останува првата општина во државата која воведе ваков тип бесплатни логопедски, дефектолошки и психолошки услуги за деца. Со денешното проширување, ја потврдуваме нашата лидерска улога и покажуваме континуитет во политиките кои се насочени кон реалните потреби на граѓаните. Сакам јасно да нагласам дека овие услуги се целосно бесплатни за децата од семејства во социјален ризик, како и за децата кои имаат наод и проценка од стручна комисија (МКФ). Дополнително, обезбедена е и бесплатна психолошка поддршка за овие семејства, затоа што поддршката мора да биде сеопфатна и долгорочна.
Особено важен сегмент од оваа соработка е и тоа што, согласно договореното, ГАСПАР врши обуки за вработените во градинките и училиштата во општината, со цел унапредување на нивните знаења и вештини за работа со деца кои имаат ваков тип потешкотии. Тоа значи подобар систем, поголем квалитет и сигурност за родителите- истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

