Македонија
Обилните врнежи од дожд во источниот регион предизвикаа поплави
Обилните врнежи од дожд кои деновиве го зафатија источниот регион од земјава, утрово предизвикаа поплавување на простории и дворови во повеќе објекти на различни локации во општина Чешиново – Облешево и околните села, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.
Според податоците добиени од градоначалникот на Општината, Далибор Ангелов, директорот на ЦУК информира дека локалната самоуправа е активно ангажирана на терен со сите расположливи ресурси.
– Во интервенциите учествуваат и ТППЕ Кочани, Водостопанство „Брегалница“ и РЦУК – Кочани. Побарана е и дополнителна материјално-техничка поддршка, особено за испумпување вода од поплавените објекти, вели директорот на ЦУК.
Али додава дека реките Брегалница и Кочанска река имаат значително зголемен водостој, додека на одредени локации во општините Штип и Чешиново – Облешево е забележано нивно излевање од коритата.
– Како последица на врнежите, утрово се појавија свлечишта на експресниот пат Радовиш – Штип и на патниот правец Злетово – брана Кнежево. За настаните од страна на ЦУК веднаш беше информирано ЈП Македонија пат, чии екипи излегоа на терен и интервенираа соодветно, наведува Али.
Тој додава дека е забележано лизгање на земјиште во село Липково, кај место викано Кисела Вода. За овој случај, вели, Општина Липково веќе информирала дека располага со ограничени ресурси за интервенции од ваков тип, поради што, побарала да се вклучат државните институции во санирање на свлечиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода дел од Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради давање водоводен приклучок од ф – 200 мм на улицата Титотвелешка б.б без вода ќе останат корисниците од населба Маџар Маало, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.30 часот па се до завршување на работата.

