Свет
(Видео) Повеќе од 1.000 жртви во големите поплави во јужна Азија
Бројот на жртви од катастрофалните поплави во јужна и југоисточна Азија надмина 1.000, а спасувачките екипи продолжуваат да се справуваат со последиците од трите разорни циклони. Според најновите податоци од властите, 502 лица ги загубиле животите во Индонезија, најмалку 334 на Шри Ланка и 176 на Тајланд, а напорите за спасување и справување со катастрофата продолжуваат во целиот регион, пишува „Скај њуз“.
На Шри Ланка спасувачите сè уште бараат 370 лица, кои се водат за исчезнати по ударот на циклонот, кој поплави домови, полиња и патишта и предизвика смртоносни лизгања на земјиштето во ридестиот централен регион на земјата. Речиси еден милион луѓе беа погодени од обилните дождови, а приближно 200.000 беа принудени да бараат сместување во привремени засолништа.
Во понеделникот жителите во близина на главниот град Коломбо спасуваа остатоци од имот од поплавените домови. Иако железничкиот и воздушниот сообраќај се вратија во нормала по прекинот од минатата недела, училиштата остануваат затворени. Претседателката Анура Кумара Дисанајаке го опиша циклонот Дитва како најголемата и најпредизвикувачка природна катастрофа во историјата на Шри Ланка.
Спасувачките екипи во Индонезија бараат најмалку 508 исчезнати лица. Во текот на викендот жителите почнаа да чистат кал, паднати дрвја и остатоци од патиштата. Повеќе од 28.000 дома беа оштетени во налетот на ретката тропска бура, а 1,4 милион луѓе беа погодени.
Претседателот Прабово Субијанто ја нарече ситуацијата катастрофа и вети дека ќе ја обнови инфраструктурата за време на посетата на трите погодени провинции, каде што се раселени речиси 300.000 луѓе. Шокантно сведоштво доаѓа од Афријанти (41) од градот Паданг: „Водата, едноставно, се искачи во куќата и се исплашивме, па избегавме. Потоа се вративме во петокот, а куќата ја немаше, беше уништена“.
Таа и нејзиното деветчлено семејство сега живеат во импровизиран шатор покрај единствениот ѕид што останал од нивниот дом.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

