Македонија
Муртезани во Брисел на средби во ГД РЕГИО и ГД ЕНЕСТ
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во рамки на првиот ден од работната посета на Брисел, имаше одвоени средби со генералната директорка на Генералниот директорат за регионална и урбана политика на Европската комисија (ГД РЕГИО), Темис Кристофиду и со директорката во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија, Валентина Суперти. Разговорите беа фокусирани на унапредување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, спроведувањето на реформите и продлабочувањето на соработката со институциите на Европската Унија.

Во разговорот со генералната директорка Кристофиду, министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка што Европската комисија ја обезбедува преку Генералниот директорат за регионална и урбана политика, особено во делот на територијалната и прекуграничната соработка. Тој се осврна на тековното претседавање на Северна Македонија со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), нагласувајќи дека земјата, и покрај почетните предизвици, успешно ги реализира планираните активности во рамки на програмата на претседавањето. Министерот подвлече дека Владата останува целосно посветена на зајакнување на регионалната поврзаност, промовирање на одржлив развој и зголемување на видливоста на земјата во рамки на макрорегионалните иницијативи на Унијата. Двете страни се согласија за продолжување на тесната соработка во насока на финализација на претседателството и подготовка на годишниот форум на EUSAIR.

На средбата со директорката Суперти детално се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформските активности во контекст на европската агенда, како и за приоритетите на Владата во периодот што следи. Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за финализирање на патоказите за јавната администрација, владеењето на правото и странските инвестиции, како и активностите поврзани со Реформската агенда и Планот за раст. Во фокусот на разговорот беа и очекувањата за отворање на Кластер 1, како и прашања поврзани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација и за мерките кои влијаат врз челичната индустрија во земјата. Министерот го потенцираше значењето на економската интеграција и рамноправниот пристап до европскиот пазар како клучни елементи за стабилност и развој, а беше изразена и подготвеност од страна на Европската комисија за понатамошна техничка поддршка и координација во спроведувањето на реформите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

