Македонија
(Фото/видео) Ниеден од обвинетите за пожарот во „Пулс“ не призна вина
Ниеден од 35-те физички и трите правни лица обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, не призна вина.
Многумина од нив изразија длабоко сочувство, а некои побараа да бидат ослободени затоа што не знаат зошто се во судницата.
Првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на „Пулс“, рече дека не чувствува вина.
„Не се чувствувам за виновен за кривичните дела што ми се ставаат на товар“, рече Јованов во судницата.
Обвинетиот Митко Стојанов, кој бил директор на фирмата „МММ кафе“, на чие име била една од лиценците за дискотеката, рече дека искрено жали за починатите и за болката на семејствата.
„Кога би можел животот би го дал за некои од нив, не се чувствувам виновен“, рече тој.

Милка Едровска, вработена во „Венци проект“, која го изработила проектот за дискотеката и е обвинета дека изготвила лажен основен проект за клубот, рече дека не се чувстува виновна и изрази длабоко сочувство до семјествата на починатите и посака побрзо оздравување на повредените.
„Јас ја знам нивната болка, ја имам истата болка“, рече Едровска, а тоа предизвика револт кај семејствата на починатите, кои беа во судницата, и ѝ дофрлија: „Седи ма таму“.
Тука судијката Диана Груевска-Илиевска повика за ред во судницата.
„Да работиме во тишина и мир“, рече судијката.
И Тодор Јованов, братот на Дејан Јованов, рече дека не се чувствува виновен.

Поранешниот општински градежен инспектор Огњен Ѓеоргиев е пензионер кому не му е јасно зошто е ставен во обвинението и зошто е во судницата.
„Јас сум пензионер и да има некакво дело, тоа е застарено. Немам никаква вина и треба да бидам ослободен. Тука сум веројатно зошто треба да има бројка за да нѐ има повеќе, треба да бидам ослободен“, рече тој.
Љупчо Стаменков, општинскиот градежен инспектор, кој една година бил на должност, рече дека не се чувствува виновен и не знае зошто се води постапка против него.
„Немав никакви напатствија за објектот и воопшто не сум го посетил“, рече тој.
Не признаа вина ниту тројцата поранешни градоначалници на Кочани – Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов.

Управителот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Јане Јанчевски, изрази сочувство до родителите и посака побрзо закрепнување на повредените.
„Сите заедно ја бараме правдата. Да не осудуваме предвреме“, рече Јанчевски.
Ивица Грозданов, кој работел како обезбедување на кобната ноќ, рече дека не чувствува вина и не разбира зошто е во обвинението.
„Три часа помагав да спасиме што повеќе животи, не треба да бидам обвинет“, рече Грозданов.
Слична беше и изјавата на Мартин Ѓоргиев, кој исто така работел како обезбедување.
„Ние како обезбедување си го ризикувавме сопствениот живот за да спасиме што е можно повеќе луѓе“, рече тој.

И обезбедувачот Стојанче Димитриев рече дека не чувствува вина, туку голема болка и тага оти загубил голем број пријатели, а и тој дал сѐ од себе за да спаси што е можно повеќе животи.
Министерот без ресор Шабан Салиу и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) вели дека се работи за политички монтирано и правно неиздржано обвинение.
Директорите на ДЗС, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џевад Селами, рекоа дека не чувствуваат вина и изразија сочувство до семејствата на починатите.
И поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши рекоа дека не чувствуваат вина и сочувствуваа со семејствата на починатите и повредените.

Раководителот на сектор во Министерството за економија, Зоран Николовски, рече дека како родител ни на сон не помислил на ваква трагедија и нагласи дека 13 години не работи во Министерството и не се чувствува виновен.
Откога сите обвинети изјавија дека не чувствуваат вина, судијката даде пауза. Судењето ќе продолжи со воведни зборови на бранителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поставен нов софистициран скенер во Пошти, ќе скенира стотици поштенски пратки во минута
Со капацитет за скенирање стотици поштенски пратки во минута со помош на вештачка интелигенција, скенер поставен во Царинска испостава Пошта ќе помага во детекција на огнено оружје, дрога и експлозиви. Скенерот за поштенски пратки што денеска беше презентиран на официјален настан e донација од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал во рамки на проектот Хермес 2, чија цел е спречување нелегална трговија со огнено оружје и експлозиви преку поштенски пратки во земјите од Западен Балкан.
„Скенерот за поштенски пратки е од големо значење во заедничката борба против тероризмот, спречување пролиферација на мало и лесно оружје и недозволена трговија со дрога. Годинава во царинската испостава Пошта, каде е поставен скенерот, поминале над 100 илјади пратки, што кажува за значењето што оваа опрема ќе го има врз контролата на поштенските пратки. На овој начин, службите ќе бидат насочени да извршат навремена и прецизна проверка на сомнителните пратки“, истакна директорот на Царина, Бобан Николовски.
Николовски потенцира дека донацијата е силен доказ за заедничката посветеност на државите во справувањето со криминалот на меѓународно ниво, преку здружени напори и усогласен одговор на сите предизвици.
„Наша обврска како институции е да одговориме на предизвиците со сите капацитети што ни стојат на располагање, се со цел ефикасно сузбивање и целосно разобличување на криминалот“, потенцира тој и притоа се заблагодари на Канцеларијата на ОН, и на донаторите Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка за нивната севкупна поддршка во борбата против организираниот криминал.
На настанот свое обраќање имаа и Киро Цветков од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал и директорот на АД Пошта, Орхан Куртиши.
„Поседување на делови и компоненти од огнено оружје е кривично дело согласно Кривичниот законик. Еден од најчестите начини на криумчарење оружје е преку испраќање на нивни делови и компоненти во поштенски пратки. Со донацијата на скенерот, ставаме акцент на деловите и компонентите преку вградена вештачка интелигенција која ги препознава и ги детектира сомнителните пратки кои содржат ваква стока. Истовремено, институциите работат на измени на Законот за кривична постапка, кои ќе овозможат употреба на посебни истражни мерка за делата поврзани со делови и компоненти на огнено оружје со што би се овозможило употреба на симулирана достава и фаќање на сторителите на дело“, истакна Киро Цветков програмски офицер на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал.
Куртиши упати особена благодарност за обуката низ која поминале службите кои ќе работат на скенерот, при што особено ја нагласи важноста на скенерот во навремено откривање на пратки со забранети супстанци.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев му отпишал жито за 800.000 евра, а Николовски му вратил со грант од 1,4 милион евра
По аминувањето од страна на Заев и Филипче на владина седница за кусокот 2.000 тони жито вреден 800.000 евра, Љупчо Николовски веќе следната година му возвраќа на својот ментор со грант од 1,4 милиони евра, средства од ИПАРД програмата, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Компанијата „Тргопродукт’’, која е една од најпознатите фирми во сопственост на Заеви, во тогашната 2022 година, добила грант вреден 1,4 милиони евра. За граѓаните да им биде појасно, станува збор за познатиот бренд на Заеви, „Мамас’’.
Уште по сомнително е тоа што овој грант во вредност од близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра, тогаш бил втор најголем грант во историјата откако се работи со ИПАРД програмата.
Ги прашуваме Заев и Љупчо Николовски, дали станува збор за меѓусебен договор, откако Заев му аминува кусок од државните стокови резерви во вредност од 800.000 евра државни пари, а тој продаден завршува на црниот пазар во соседна држава по скоро двојно повисока цена? Дали Љупчо Николовски како тогашен министер преку своето влијание помогнал да Заеви добијат неповратен грант од ИПАРД програмата вреден 1,4 милиони евра? Уште колку вакви тендери и договори имаат направено овие луѓе? Дали можеби конечно и обвинителството и судството ќе се одважат и да ги проверат овие случаи“.
Според Манасиевски, менторот Заев, како што вели, добро ги обучил Љупчо Николовски и Венко Филипче да бидат негово продолжение на политичката сцена.
Манасиевски оценува дека народот веќе еднаш му пресуди на Зоран Заев, а сега му пресуди и на Венко Филипче.
„Се додека овие корумпирани и криминални ликови не се оттргнат од партијата, таа ќе продолжи да пропаѓа секојдневно“.
Македонија
(Видео) Тошковски: За 24 часа, регистрирани 110.000 прекршоци во сообраќајот
Камерите во Скопје забележале речиси 110.000 прекршоци во сообраќајот за 24 часа. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека повеќето од нив се однесуваат за пречекорена брзина на возење.
Министерот исто така посочи дека правилата ќе важат за сите, дури и за функционерите, и никој нема да биде поштеден ако направи прекршок. Рече и дека системот „Безбеден град“ има слабости и дека остануваат отворени за секакви решенија што ќе придонесат за намалување на бројот на жртви во сообраќајот.
„Речиси 110.000 за 24 часа само за Скопје, катастрофална бројка. Приближно 1.000 прекршоци се за нерегистрирани возила, речиси 5.000 за поминување на црвено, а најстрашно е што над 90 отсто или повеќе е за пречекорување на брзината“, истакна Тошковски.
Тој уверува дека секој функционер што ќе направи прекршок ќе биде казнет.
„Најодговорно тврдам – ниеден функционер во рамките на редовното вршење на своите јавни работи, ако стори прекршок, ќе биде казнет“, рече тој и додаде дека нема да има селективен пристап за никого и никој нема да биде поштеден.
Министерот исто така рече дека најмалку тројца шофери на министри се веќе казнети, но не сакаше да ги открие имињата на министрите. Појасни дека се казнети со запирање од страна на полициски службеник, а не преку „Безбеден град“.
Во врска со странските возачи, Тошковски рече дека ниту странските возила нема да бидат исклучени.
„При излез од Македонија не може да бидат спречени да излезат во согласност со законот, но ќе бидат информирани дека нема да им биле дозволен влез во Македонија доколку нема да ја платат казната“, рече Тошковски.
Вчера, почна пробниот период на проектот „Безбеден град“, кој ќе трае еден месец, а од 1 јануари 2026 ќе почне и казнувањето.

