Свет
Федерика Могерини обвинета за измама и корупција
Поранешната шефица за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и уште две лица се официјално обвинети за измама во јавните набавки и за корупција, судир на интереси и кршење професионална тајна, соопшти денеска Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO).
Тројцата вчера беа приведени како дел од истрагата за измама на ЕУ и сега се ослободени во исчекување понатамошна истрага, соопшти EPPO додавајќи дека не се смета оти се изложени на ризик од бегство.
Другите двајца осомничени се висок член на персоналот на Колеџот на Европа во Бриж и висок функционер на Европската комисија. Три извори изјавија за „Ројтерс“ дека еден од приведените е високиот дипломат на ЕУ, Стефано Санино. Ниту Могерини ниту Санино не беше достапен за коментар, објави „Ројтерс“.
Федерика Могерини беше потпретседателка на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика и безбедност од 2014 до 2019 година, а од 2020 година е ректор на Колеџот на Европа.
Стефано Санино е еден од најискусните европски дипломати. Тој беше генерален секретар на Европската служба за надворешни активности (EEAS) од 2021 година до оваа година кога ја презеде генералната дирекција на Комисијата за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот.
„Сите лица се сметаат за невини сè додека не се докаже нивната вина од страна на надлежните белгиски судови“, нагласи EPPO.
Белгиската полиција ги претресе просториите на ЕЕАС и Колеџот на Европа во Бриж на барање на EPPO поради сомнение дека престижната постдипломска високообразовна институција добила однапред информации за натпревар за обука на дипломати.
Истрагата се спроведува во врска со проектот „Дипломатска академија на Европската Унија, деветмесечна програма за обука за помлади дипломати во земјите членки“, која Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) му ја додели на Колеџот на Европа во Бриж во периодот 2021 – 2022 година.
Истрагата се обидува да утврди дали Колеџот на Европа, елитна образовна институција, каде што се образоваат многу службеници на ЕУ, бил однапред информиран за критериумите за избор во постапката за конкурс и дали претставниците на Колеџот имале доволно причини да веруваат дека ќе им биде доделена имплементацијата на проектот пред официјалното објавување на конкурсот.
Могерини и Санино, двајцата италијански државјани, се добро познати во дипломатските кругови во Брисел, а веста за нивното притворање предизвика шок во заедницата на ЕУ.
„Политико“ пишува дека скандалот ја става претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, соочена со најголемиот предизвик во мандатот – истрага за измама, во која се вклучени две високи личности во Брисел, што се заканува да ескалира во целосна криза.
Точно една година од нејзиниот втор мандат, Фон дер Лајен, која веќе се соочува со прашања за нејзината посветеност на транспарентноста, сега мора да најде начин да докаже дека не е вклучена во скандал што датира од нејзините рани години на функцијата, истакнува „Политико“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

