Македонија
Љутков: Почнува новата ера во туризмот
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Порта Македонија се обрати на конститутивнaта седница на Советот за туризам, стратешко и советодавно тело кое има значајна улога во обликувањето и креирањето на туристичката политика на Македонија, со цел унапредување на координацијата и обезбедување системска поддршка за одржлив раст и развој на туристичката индустрија.
Во своето обраќање, Љутков ја истакна важноста на Советот како механизам за креирање современи, ефективни и одржливи туристички политики и мерки кои ќе испорачуваат конкретни резултати во интерес на туристичкиот сектор и економијата.
„Започнува новата ера во туризмот, а денешната конститутивна седница на Советот е потврда за тоа. Конституирањето на Советот значи дека најсложениот дел е зад нас. Воспоставивме функционални сектори за туризам, со јасна цел – да обезбедат ефикасно управување со туристичките дестинации и силна поддршка за стопанството“, рече министерот.
Тој ги нагласи актуелните предизвици со кои се соочува туристичката индустрија, потребата од модернизација на промотивните алатки, дигитализација, зајакнување на дестинацискиот менаџмент и поставување јасни стандарди за конкурентност.
„Од работата на Советот очекуваме и конкретни решенија кои ќе бидат во директна полза на сите чинители во туризмот. Предизвиците се големи и претстои доста работа, но верувам дека заедно можеме да постигнеме мерливи резултати во разумен временски рок. Верувам дека преку овој Совет ќе создадеме функционален механизам за координација, консултации и стратешко планирање што ќе ја насочи нашата работа во наредниот период“, дополни министерот Љутков.
Советот е составен од претставници на туристичките здруженија и асоцијации, високообразовните институции, ЗЕЛС, стопанските комори, како и експерти од областа на маркетингот, стратегискиот менаџмент и туризмот. За претседател на Советот беше избран Кристијан Џамбазовски, долгогодишен стопанственик со институционално искуство, кој ќе придонесе за поинтензивна и координирана соработка меѓу Советот и Министерството, со што ова тело и формално го започна својот мандат.
На седницата новиот претседател ја презентираше Предлог-програмата за промоција и поддршка на туризмот за 2026 година, документ кој опфаќа приоритетни активности, маркетинг-стратегии, интернационална промоција, развој на тематски туристички производи, унапредување на туристичката инфраструктура и зајакнување на капацитетите на локалните дестинации.
„Со формирањето на Советот, Министерството ја зајакнува институционалната поддршка за туристичкиот сектор и создава услови за интегрирано, конкурентно и одржливо позиционирање на нашата земја на меѓународната туристичка мапа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во Брисел: Западен Балкан треба да остане во засилен фокус на НАТО и ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел. На состанокот, министрите разговараа за имплементацијата на одлуките донесени на Самитот во Хаг, зајакнувањето на колективната одбрана и одговорот на современите безбедносни предизвици.
Во своето обраќање, Муцунски ја нагласи важноста од долгорочен и стратешки пристап на Алијансата, како и потребата од единство меѓу сојузниците во насока на одржлива политичка волја, фер распределба на товарот и колективна посветеност. Тој укажа и на потребата од заеднички пристап за постигнување долгорочно и заемно прифатливо мировно решение, преку конструктивниот дипломатски процес отпочнат од САД и Украина, со поддршка на партнерите.
Министерот истакна дека Западен Балкан треба да остане во засилен фокус на НАТО и ЕУ, при што ваквиот усогласен и стратешки ангажман ќе придонесе за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот, како и за поддршка на целосната интеграција на земјите од регионот во европските и евроатлантските структури.
Македонија
Алиу: Кадровски се зајакнува КБ Tетово – доделени решенија за вработување 28 доктори специјализанти
Министерот за здравство, Азир Алиу, денес ја посети Клиничката болница во Тетово по повод доделување решенија за вработување доктори-специјализанти од повеќе области.
-Со големо задоволство присуствувам на доделувањето решенија за вработување на 28 доктори специјализанти. Станува збор за приватни специјализанти од повеќе различни области, со што сериозно се унапредува специјалистичката здравствена заштита во оваа установа. Приватните специјализанти се вработуваат по објавен конкурс, спроведени тестирања, интервјуа, односно по завршување на сите законски процедури. Во рамки на заложбите за регионализација на здравствените услуги и зајакнување на регионалните клинички и општи болници низ државата, токму Клиничката болница во Тетово е еден од примарните фокуси на Министерството за здравство, посочи Алиу.
Тој потсети дека во рамки на заложбите за регионализација, во оваа установа се работи и на дисперзирање на онколошките услуги, со цел овие пациенти да ги добиваат потребните здравствени услуги поблиску до местото на живеење
Македонија
Герасимовски: 20 години Центар за деца со церебрална парализа, пример за инклузија
По повод Светскиот ден на лицата со попреченост, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го посети Центарот за деца со церебрална парализа, кој одбележа 20 години постоење.
На приредбата, градоначалникот ја нагласи посветеноста на локалната самоуправа за постојано унапредување на овој Центар.
„Нашата општина има инклузивен и хуман пристап кон сите граѓани, а токму овој Центар е доказ за тоа“, истакна Герасимовски.
Центарот за деца со церебрална парализа продолжи со работа во 2019 година во ООУ „Киро Глигоров“.
Се простира на површина од 305 м² и располага со антибактериски подови, адаптирани тоалети, инклузивни стандарди, рампи за пристап, адаптибилно загревање и интерактивни табли.
Преку унапредувањето и функционирањето на овој Центар, Општина Центар континуирано ја покажува грижата и поддршката за лицата со попреченост, како и стремежот да се создаваат услови за поквалитетен живот за сите граѓани

