Македонија
„Заедно низ боја и тон“: Општина Карпош го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Под слоганот „Заедно низ боја и тон“, основците од ООУ „Владо Тасевски“ на свој креативен начин го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со атипичен развој – 3 декември, организирајќи во рамки на своето училиште инклузивен уметничко-музички настан. Иницијатор на денешниот настан беше специјалниот едукатор Весна Филиповска, а во организацијата учествуваа и образовните асистенти: Ирена Милевска, Ивана Јанкуловска, Светлана Блажевска, Кристина Ристовска, Ема Тосева и Верица Џијановска, како и Менде Дамчески (техника), Марија Бакоч (ликовна секција) и Елизабета Стабоевска (вокална изведба). Целта на едночасовниот перформанс беше промовирање на еднаквите можности, видливоста и активното учество на лицата со попреченост во нашето општество.
По тој повод, градоначалникот Сотир Лукровски, претседателот на Советот, Христо Саракинов, советникот Александар Петровски и претставник од Одделението за образование од Општина Карпош, присуствуваа на денешната свеченост, каде учениците со типичен и атипечен развој во придружба со возрасни уметници се претставија со своите музички и ликовни дела. Настанот го одбележа креативниот израз на талентираните ученици кои настапија заедно со своите гости од „Леон Бенд“, кои воедно се претставници од младинскиот центар „Крик“. „Нивниот настап беше конкретен пример како може уметноста, креативноста и заедништвото да ја подигнат свеста за значењето на инклузијата, создавајќи простор за секое дете и секој возрасен да го искаже својот став во јавноста. Ваквиот концепт овозможува природно поврзување меѓу различни генерации, таленти и способности, со што се поттикнува прифаќање и развивање на инклузивни вредности во училиштето и заедницата“.
Во оваа пригода, организаторите му врачија благодарница на градоначалникот Сотир Лукровски, за соработка, поддршка и придонес во развојот на инклузивни практики во ООУ „Владо Тасевски“. Првиот човек на Општината доби и уметничка слика, изработена од вредните раце на креативните дечиња. Општинскиот татко напомена дека локалната самоуправа останува посветена на унапредување на инклузијата, креативноста и еднаквите можности, со визија за градење на заедница во која различностите се прифатени, вреднувани и поддржани.
– „Морам да ви признаам дека сум воодушевен од вашиот перформанс, од длабоките емоции, од љубовта и позитивната енергија која ни ја пренесовте. За овие моменти вреди да се биде на жешкото столче во Општината. Сакам да им честитам на сите дечиња и на наставниот кадар кои беа дел од оваа програма, кои успеаја да направат една содржинска и тематска приредба. Јас како градоначалник ви ветувам дека локалната самоуправа ќе биде секогаш тука, за да ја поддржи секоја ваша иницијатива“ – истакна Лукровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Удово – Валандово
Сообраќајот на патниот правец P1105 – Удово – Валандово, кој поради излевање на Калковска Река беше во прекин, е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 05:25 часот и се пренасочуваше на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Македонија
Сиљановска-Давкова учествува на Светскиот самит на владите во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по повод учеството на Светскиот самит на владите.
Претседателката ќе биде главна говорничка на сесија посветена на демографските промени. Таа ќе говори за перспективата на државава во однос на демографските промени и нивните импликации врз националниот развој.
Сиљановска-Давкова ќе учествува на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, како и на Светскиот самит на лауреати, што се одржува за прв пат во пресрет на Светскиот самит на владите, со вклучување на носители на Нобеловата награда и водечки научници во дебатите за креирање политики.
Предвидени се повеќе билатерални средби на Сиљановска-Давкова со учесници на самитот.
Централна тема на настанот е „Обликување на влади на иднината“.
Светски самит на владите е глобален форум што поврзува шефови на држави и влади, меѓународни организации, експерти, претставници од приватниот сектор и други креатори на политики со цел да се промовира глобална соработка, иновации и решенија за идни предизвици на светско ниво. Самитот ги истражува најновите трендови и најдобрите практики во управувањето, технологијата, одржливиот развој и други клучни области за подобрување на животот на луѓето ширум светот.
На годинешното издание на самитот е најавено учество на над 35 шефови на држави и влади, повеќе од 150 владини делегации и околу 6.000 учесници.
За време на работната посета на ОАЕ, претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде придружувана од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.

