Македонија
Странски и домашни експерти работат на физибилити-студија за гондола на Пелистер
Тим од странски и домашни експерти денеска презентираа дел од решенијата од процесот на изработка на физибилити студија за изградба на гондола на „Пелистер“.
Експертите од Словенија и Франција, како и домашните, ги претстави претседателот на Советот Бојан Бојкоски, пред присутните советници, администрацијата на општината, планинари, здруженија и медиумите. Екипата која ќе ја подготвува физибилити студијата за гондолата, констатирала голем потенцијал на „Баба Планина“ со врвот „Пелистер“.
„Бевме на терен два-три пати, во сите услови и преку зима и преку лето за да ги видиме сите услови и потенцијали кои што ги нуди природата. Потенцијалот е огромен, заради тоа сме и овде, бидејќи мислиме дека луѓето се повеќе ја сакаат природата, но сепак треба некаква инфраструктура како би дошле до таа природа“, вели Франц Фурлан, експерт од Словенија, од компанината „Furlani“.
Тој кажа дека има повеќе опции од каде би тргнувала гондолата и дека денеска ќе се дискутираат и тие теми.
„Мислиме дека ваквиот проект е важен и затоа ги дискутираме можностите, како и тоа што е позитивно, а што би било негативно. Вие подобро знаете од нас, но ние можеме да дојдеме со некои идеи и опции и од технички и од финансиски аспект“, рече тој, кој заедно со неговиот колега Вансент Тасар од компанијата „Stem international“ од Франција имаат бројни искуства низ светот, а задачата им е да понудат инфраструктурни, финансиски, технички решенија.
Тој вели дека трендовите се да се користат еколошки решенија, а гондолите се такви, затоа што не се влегува со возила во националниот парк, а истовремено тие гондоли им овозможуваат на посетителите да уживаат во природата.
„Физибилити студијата треба да ја покаже оправданоста, економските потенцијали и сето она што го очекуваме од гондолата која би се изведувала на ‘Пелистер’“, рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој кажа дека издвоени се средства за изработка на таа студија.
„Во опција се повеќе патеки до горе. Почетна станица би била некаде во реонот на Дихово, тоа е едната опција, потоа постои локација и кај Ротино и Цапари, неколку патеки, но не подолги од 9 километри и целта би била со една попатна станица, која ние би сакале да е, бидејќи веќе има инфраструктура да биде кај ‘Копанки’ или ‘Молика’ и би одела до антена“, рече Коњановски.
Според него, целта е да се направи гондола која од една страна ќе ја збогати туристичката понуда, но од друга да се зачува природата.
„Основна цел е и да се зачува екологијата, биодиверзитетот на ‘Пелистер’, да не се уништува, едноставно со најеколошкото средство на електрична енергија да се искачиме и да уживаме во убавините на ‘Пелистер’“, рече Коњановски.
Примерите, како што кажа Коњановски, зборуваат дека изградбата на ваква гондола во други земји ја зголемиле посетеноста, односно туризмот десеткратно, од тоа што веќе го имале. Сепак, додаде дека ова е прв чекор и долг процес додека се реализира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Агресијата на Русија врз Украина има сериозни реперкусии врз регионалната безбедност
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес учествуваше и се обрати на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој се одржува во Виена, Австрија.
Во своето обраќање пред министрите за надворешни работи и останатите високи претставници на земјите учеснички, министерот Муцунски се осврна на безбедносните предизвици со кои се соочува регионот на ОБСЕ, како и на состојбите во рамките на Организацијата.
„Реафирмирајќи ја нашата посветеност на темелните вредности и заложби на ОБСЕ, тој ги посочи сериозните реперкусии од агресијата на Руската Федерација врз Украина врз регионалната безбедност и сигурност, како и нејзиното штетно влијание врз внатрешните односи во рамките на Организацијата, поларизацијата, отсуството на суштински дијалог и недовербата. Во оваа смисла, министерот изрази поддршка за мировните напори, иницијативи и дипломатски разговори што се водат од двете страни на Атлантикот“, соопштија од Министерството.
Министерот посвети особено внимание на состојбите во ОБСЕ и сложената политичко-безбедносна ситуација. Говорејќи за структурната криза во која се наоѓа Организацијата, тој ја истакна неопходноста од нејзино надминување и потенцира дека на ОБСЕ ѝ е потребна оперативна предвидливост и непречена функционалност.
„Нам ни е потребна модерна, отпорна Организација, ориентирана кон актуелниот контекст. ОБСЕ, како основа на колаборативната безбедност, подготвена активно да го поддржува мирот и да игра истакната улога во закрепнувањето на Украина“, подвлече Муцунски.
Осврнувајќи се на повикот за зголемена „отпорност“, како централна тема на состанокот, министерот истакна дека во денешното безбедносно опкружување отпорноста се однесува на подготвеноста и способноста на земјите учеснички да одговорат ефикасно на сегашните и идните безбедносни предизвици.
Во тој контекст тој ја нагласи важната улога на теренските мисии на ОБСЕ, потенцирајќи дека тие претставуваат катализатори на трансформација, дизајнирани да ги зајакнуваат државите во реализацијата на нивните стратешки приоритети. Тој посочи дека, гледано низ призма на денешниот сложен безбедносен контекст, отсуството на политича волја во поддршка на нивната стратешката агенда, или уште повеќе, тенденцијата на активно превенирање претставува стратешка кратковидост, што се коси со колективните напори за изградба на мирољубиви, стабилни и просперитетни општества.
Муцунски додаде дека македонското општество, и покрај сите пречки и предизвици, демонстрираше јасна посветеност за остварување на европските аспирации.
Со реализацијата на оваа стратешка цел, рече тој, нашиот регион ќе се трансформира од граница во мост на ЕУ, во генератор на стабилност, иновации и идеи, како и заштитник од нестабилност и штетни влијанија.
Во продолжение, министерот се осврна на ангажманот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакнувајќи ја нејзината важна улога во поддршка на националната реформска агенда. Тој посочи дека идната улога на Мисијата треба да кореспондира со новата реалност и опкружувањето во кое ОБСЕ функционира во државата, земајќи го предвид исчекорот во стратешките приоритети, реформскиот напредок и институционалната зрелост. Во таа насока, идниот ангажман и присуството на ОБСЕ треба да бидат насочени кон поддршка на тековните и идните реформски приоритети на Владата.
Македонија
СДСМ за пријавата против Костадинов: Монтиран случај
Фатена во криминал до гуша, власта на Мицкоски посегнува по политички прогон, џабе ви е, сите ќе одговарате, велат од СДСМ, по објавата на веста за кривичната пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов.
„Новите бомби ја стресоа Власта на Христијан Мицкоски. Фатена во криминал до гуша за испумпување на парите на граѓаните власта посегнува по политички прогон. Како што се зголемува бројот на скандали за криминалот на власта така се зголемува нервозата, а со тоа и монтираните процеси, како последниот случај со електричните автобуси во Струмица. Истата криминална матрица на Никола Груевски ги спроведува истите методи. Тоа е истата стара банда која повторно ќе биде поразена. Џабе ви се заканите, џабе ви се монтираните процеси, се ви е џабе. Не ви се плашиме. Допрва ќе се чешате, допрва ќе ви станува непријатно, допрва ќе ве болат главите. Новите бомби се спремни. Имаме докази за вашиот криминал и се ќе објавиме. А на крај ќе одговарате. Работата се уште не е завршена“, велат од СДСМ.
Македонија
(Видео) Татко на една од жртвите: Загрижува што обвинетите се однесуваат како оштетени и како првпат да слушаат за дискотеката „Пулс“
Загрижува фактот што обвинетите продолжуваат да добиваат јавен простор за изјави и медиумски настапи иако се соочуваат со сериозни обвиненија за последиците од настанот во кој беа уништени 63 животи и зацрнети 200 семејства, изјави Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова, по денешното судење за пожарот.
„Се однесуваат како тие да се оштетени, како да не знаат зошто се обвинети, како првпат да слушаат дека дискотеката ‘Пулс’ постоела. А работела и постоела цели 13 години. Иако правото на одбрана е неприкосновено во секоја правна држава, еднакво е важно јавниот дискурс да биде чувствителен кон жртвите и семејствата што минуваат низ долготрајна траума. Гласот на родителите, семејствата и на сите засегнати мора да биде во центарот на вниманието“, рече тој.
Додаде дека имаат легитимни очекувања оти институциите ќе постапат брзо, одговорно и објективно, без пролонгирање.
„Ние сме луѓето што секојдневно се борат со последиците од трагедијата. Ние имаме легитимни очекувања дека институциите ќе постапат брзо, одговорно и објективно, без пролонгирање. Семејствата и граѓаните очекуваат пресуда која ќе ја одрази тежината на трагедијата и ќе испрати порака дека животот на секој граѓанин е вредност што мора да биде заштитена. Токму тоа е основата врз која се гради довербата во правниот систем и функционалноста на институциите“, рече Наунов.
Истакна дека вистината, отчетноста и правдата не смее да останат само формални и одредби на хартија и дека тие мора да се манифестираат преку конкретни резултати, одговорни одлуки и целосно исполнување на законските обврски во интерес на жртвите, нивните семејства и целата јавност.

