Спорт
Мекларен: Ќе користиме тимски наредби за наш возач да биде шампион
Мекларен е подготвен да го „искористи“ Оскар Пјастри за да му помогне на Ландо Норис да ја освои светската титула овој викенд на патеката „Јас Марина“ во Абу Даби, доколку Пјастри се најде во ситуација повеќе да не е во конкуренција да стане шампион.
Во Мекларен велат дека борбата меѓу возачите била дозволена во текот на целата сезона, дека и на Ландо Норис и на Оскар Пјастри им била дадена најдобра можна шанса да ја освојат титулата.
Пред последната трка, ситуацијата е таква што Норис има 16 поени предност пред Пјастри, меѓу нив е и бранителот на титулата Макс Ферстапен, кој е 12 поени зад Норис.
„Додека двајцата возачи имаат шанса да бидат шампиони, ќе направиме сè како порано – тие имаат слобода да се тркаат. Доколку работите се развијат за време на трката така што ќе стане јасно дека само еден од нив може да биде шампион, ќе направиме сè за нашиот возач да ја освои титулата“, рече Зек Браун, извршниот директор на Мекларен.
„Ќе се водиме со здрав разум, нема да ја отфрлиме можноста нашиот возач да биде шампион поради петтото или шестото место или кое било место, ако се случи еден од возачите да остане без шанса“, додаде тој.
А ситуациите во кои од Пјастри би можело да се побара да се откаже од позицијата за Ферстапен да не биде шампион се многубројни.
Најочигледното сценарио е секако она во кое Ферстапен победува, Пјастри е втор или трет, а Норис е четврти. Во таа ситуација, Норис треба да заврши трет за да биде шампион. Сега е сосема јасно дека во тој случај Мекларен би му наредил на Пјастри да му ја препушти позицијата на Норис.
Браун вели дека Пјастри би прифатил тимска наредба:
„Нашите возачи отсекогаш ги почитувале желбите на тимот, како што ние ги почитуваме нивните желби. Не се сомневам дека доколку треба нашите возачи ќе работат во најдобар интерес на тимот.“
Ако го прашате Ландо Норис – тоа е непристојно прашање и тој самиот „никогаш не би побарал такво нешто“.
Инаку Норис доминираше на првите два слободни тренинзи, пред Ферстапен, додека Пајстри возеше само на вториот (првиот тренинг во неговиот болид го возеше Пато О’Ворд) и заврши на 11-то место.
Првите два тренинга покажаа дека Икс-фактор може да биде Џорџ Расел во Мерцедес, кој беше шестти и трети. На вториот тренинг беше за само 16 илјадити делови од секудата побавен од Ферстален.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

