Македонија
Мицкоски: Мора да се почитуваат пресудите од Стразбур и нашиот идентитет, а Македонија мора да најде решение кое ќе спречи идни предавства за да не може некој нов трговец од Горни Милановац или хирург од Дубаи да ги прекрши
На денешниот 18-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ под мото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин“ во Кавадарци, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски“ се обрати и порача дека при евроинтегративниот процес Македонија мора да обезбеди решение со јасни црвени линии, кое ќе го заштити идентитетот и ќе спречи идни условувања и предавства.
„Не чекаат сериозни предизвици. Имаме отворено прашање со нашиот источен сосед, но се чини дека нема соговорник од другата страна. И мислам дека нема подобро место од овој 18-ти конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, да испратиме многу јасна и прецизна порака. Додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ, нема да се поместам ниту 1 милиметар од оваа позиција“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека источните соседи треба да се одлучат дали сакаат билатерални разговори или разговори со Брисел.
„Подготвени сме да разговараме, свесни сме за капитулациите и предавството на најкриминалната влада во историјата на независна Македонија, предводена од СДС и ДУИ. Свесни сме за штетата, историска, која ја нанесоа на граѓаните и државата. Не го игнорираме сето тоа. Подготвени сме да разговараме, но прво нека се одлучат какви разговори сакаат да имаме, билатерални или разговори со Брисел. Ако се билатерални, тогаш се потврдува нашата теза дека ова е билатерализација на нашиот европски пат. Ако сакаат да разговараме во Брисел, во присуство на евродипломатите, подготвени сме да заминеме уште утре и да ги презентираме нашите аргументи“, вели тој.
Понатаму, Мицкоски истакна дека постојат два столба за кои е подготвен да разговара, но нема да се помести ни милиметар се додека не бидат испочитувани договорите и меѓународното право.
„Нема поместување ниту милиметар, се до моментот, додека не биде испочитувана и последната буква и последниот интерпункциски знак, од договорите и од меѓународното право, и она што им припаѓа на Македонците од другата страна на границата во Пиринска Македонија. А тоа е, ни помалку ни повеќе, доследна примена на сите досегашните пресуди на Судот за човекови права од Стразбур, во својство и во насока на исполнување на правата на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Тоа е прво“, рече Мицкоски и дополни:
„И второ, ако навистина, никој нема проблем со нашата вековна идентитетска константа, и нашиот мајчин македонски јазик, и дека нема да има повеќе билатерални вета, тогаш најмалку што заслужија граѓаните на оваа земја, е нови заклучоци од страна на Европскиот Совет. Ова се двата столба за кои што сме подготвени да разговараме“.
Тој нагласи дека Македонија мора да најде решение кое ќе спречи идни предавства и ќе ги исцрта црвените линии.
„Затоа сметам дека Македонија мора да направи решение, кое ќе спречи идни предавства и кое ќе ги исцрта црвените линии, но на начин на кој нема да може некој нов трговец од Горни Милановац или Хирург од Дубаи да ги прекрши држејќи ја раката на срцето, со блага насмевка и гнасни и предавнички намери“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.
Македонија
Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Во 2023 година, Владата предводена од СДС извршила измени на Правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кои се косат со важечкиот закон што ја регулира оваа област, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со измените во член 2 од Правилникот е предвидено канабисот да може да се одгледува и на отворен простор (површина или земјиште), иако во законот и во претходната верзија на правилникот беше утврдено дека одгледувањето за медицински цели се врши исклучиво во затворен простор.
СДС и Заев со ваквиот подзаконски акт овозможиле производство на канабис на нива, што отвора сериозни дилеми во однос на исполнувањето на ГМП стандардите. Доколку не се исполнети овие норми, финалниот производ, маслото од канабис не би можел да биде соодветно лиценциран ниту пласиран во промет за потребите на пациентите.
Владата на СДС на чело со Заев и Филипче свесно и намерно го сменила правилникот.
Во 2020 СДС на чело со Заев и Филипче имаа иницијатива за поширока легализација на марихуаната, како и на значителното зголемување на бројот на издадени лиценци за медицински канабис, особено во струмичкиот регион“.
Според владејачката партија, сомнежите и индициите за злоупотреба на производството на канабис и криминалот со дрогата дополнително се зголемија по заплената на голема количина марихуана од компанија во Ново Село, поврзувана со лице блиски на СДС и Заеви.
Прашуваат, зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на Закон, кои им биле мотивите и колку профитирале.
„Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Потребни се ред, одговорност и темелна институционална истрага. Надлежните органи треба целосно да ги испитаат сите наводи и сомнежи“.
Македонија
„Филипче ја составил документацијата за модуларната болница во Тетово без елаборат за електрична енергија, кој ќе сноси одговорност за техничките пропусти поради кои загинаа 14 луѓе“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, бил директно инволвиран во процесот на изработка на техничката документација за модуларната болница во Тетово, каде живи изгореа 14 луѓе. За ова говоревме минатата година во „Афера – Провизии кои чинат животи’’ каде посочивме на низа пропусти и недоследности, но продолжената рака на СДС Коцевски, цврсто ги чуваше кривичните пријави и докази за Филипче во фиока“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според сведоштвото на Кадриу, вечерта на несреќата таа била повикана да се вклучи во истрагата, а подоцна ѝ се приклучиле и претставници од обвинителство меѓу кои тогашниот ДЈО Јовевски кој дошол со двајца свои обвинители.
Улогата на ДЈО Јовевски и останатите била процесот да го држат под нивен надзор и контрола.
Според Кадриу, околу 30 милиони евра биле обезбедени за изградба на овие објекти. Светската банка тогаш одобрила средства за изградба на модуларни болници на територија на Македонија.
Венко Филипче бил министер кога се изработувала техничката спецификација за модуларните болници. Градбата на модуларната болница, била направена од панели рециклирани со пурпена, кои тогаш не чинеле повеќе од 5-6 евра. Додека пак, оние подобрите и поквалитетните, како на пример панели со камена волна кои не горат до 40 минути, чинеле околу 17 евра. Во превод, според Кадриу, овие модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, сите, а биле обезбедени за оваа намена 30 милиони евра.
Во чиј џеб завршиле парите?
Дополнително за објектот во Тетово, не бил изработен соодветен елаборат за електрична енергија, што дополнително влијаело на безбедноста.
Зошто немало соодветен елаборат за електрична енергија?
Зошто не се користеле квалитетни материјали?
Зошто се искористени минимум од дозволените средства?
Филипче одбил алтернативни предлози за згрижување на ковид-пациенти во рамки на постојните болнички капацитети.
Филипче ја одбил понудата на тогашниот медицински директор, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата во тетовската болница кои стоеле така празни. Филипче тоа го одбил, поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени.
Вистинските виновници за модуларната болница во Тетово мора да одговараат пред законите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

